Ј.В. Сталин

Маркс и Енгелс за востанието

13 јули 1906

Извор: Дела, Том 1, ноември 1901 - април 1907, Издавачка куќа на странски јазици, Москва, 1954
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: февруари 2023


Меншевикот Ное Хомерики[1] знае дека дрскоста го победува денот и ... има храброст уште еднаш да ги обвини болшевиците дека се бланкисти (види Simartleh,[2] No. 7).

Во ова, се разбира, нема ништо изненадувачки. Бернштајн и Волмар, германските опортунисти, долго време велат дека Кауцки и Бебел се бланкисти. Жорес и Милеран, француските опортунисти, долго време ги обвинуваат Гед и Лафарг дека се бланкисти и јакобинци. Сепак, сите знаат дека Бернштајн, Милеран, Жорес и другите се опортунисти, дека го предаваат марксизмот, додека Кауцки, Бебел, Геде, Лафарг и другите се револуционерни марксисти. Што е изненадувачки во тоа што руските опортунисти и нивниот следбеник Н.Х., ги копираат европските опортунисти и нè нарекуваат бланкисти? Тоа само покажува дека болшевиците, како Кауцки и Геде, се револуционерни марксисти.[3]

Овде би можеле да го завршиме нашиот разговор со Н.Х., но тој го прави прашањето „подлабоко“ и се обидува да ја докаже својата поента. Добро, да не го навредуваме и да слушнеме што има да каже.

Н.Х. не се согласува со следново мислење изразено од болшевиците:

„Да претпоставиме дека[4] луѓето во градовите се задоени со омраза кон владата[5]; тие секогаш можат да се кренат за борба, ако им се нуди можност. Тоа значи дека квантитативно сме подготвени. Но, ова не е доволно. За да биде едно востание успешно, треба однапред да се подготви план за борба, однапред да се подготви тактиката на битката, неопходно е да се организираат одреди и така натаму.“ (види Akhali Tskhovreba, No. 6).

Со ова не се согласува Н.Х. Зошто? Затоа што, вели, тоа е бланкизам! И така, Н.Х. не сака ниту „тактика на битката“, ниту „организирани одреди“, ниту организирана акција – сето тоа, се чини, е неважно и непотребно. Болшевиците велат дека сама по себе „омразата кон владата не е доволна“, свеста сама по себе „не е доволна“; потребно е покрај тоа да има „одреди и тактики на битката“. Н. Х. го отфрла сето тоа и го нарекува бланкизам.

Да го забележиме ова и да продолжиме.

Н.Х. не ја сака следнава идеја изразена од Ленин: „Мораме да го собереме искуството од востанијата во Москва, Донбас, Ростов на Дон и други места, да го шириме ова искуство, истрајно и макотрпно да подготвиме нови борбени сили и да ги тренираме и челичиме во низа милитантни герилски акции. Новиот пресврт можеби сè уште не избил на пролет, но се наближува; најверојатно не е многу далеку. Ние мора да се затекнеме со него вооружени, организирани на воен начин и да бидеме способни да преземеме решителна офанзивна акција.“ (види Partiiniye Izvestia).[6]

Н.Х. не се согласува со оваа идеја на Ленин. Зошто? Затоа што, вели, тоа е бланкизам!

И така, според мислењето на Н.Х. не смееме да го „собираме искуството од декемвриското востание“ и не смееме да го „шириме“. Навистина, се наближува пресврт, но според мислењето на Н.Х. не смееме „да се затекнеме со него вооружени“, не смееме да се подготвуваме „за одлучно офанзивно дејство“. Зошто? Веројатно затоа што е поголема веројатноста да бидеме победници ако сме невооружени и неподготвени! Болшевиците велат дека можеме да очекуваме пресврт и затоа наша должност е да се подготвиме за него и во однос на свеста и во однос на оружјето. Н.Х. знае дека треба да се очекува пресврт, но тој одбива да препознае ништо повеќе од вербална агитација и затоа се сомнева дали е неопходно да се вооружиме и смета дека е излишно. Болшевиците велат дека свеста и организацијата мора да се воведат во спорадичното востание кое избувнало спонтано. Но, Н.Х. одбива да го признае ова – тоа е бланкизам, вели тој. Болшевиците велат дека во одреден момент мора да се преземе „одлучна офанзивна акција“. Но, Н.Х. не сака и одлучност и офанзивна акција – сето тоа е бланкизам, вели тој.

Да го забележиме горенаведеното и да видиме каков став зазеле Маркс и Енгелс кон вооруженото востание.

Еве што напиша Маркс во педесеттите:

„...Востаничкиот успех штом започна, дејствувајте со најголема решителност, и во офанзива. Одбраната е смрт на секој вооружен бунт. . . . Изненадете ги вашите непријатели додека нивните сили се расфрлаат, подгответе нови успеси, колку и да се мали, но секојдневно одржувајте го нивото на моралот што ви го дал првото успешно востание; соберете ги на ваша страна оние колебливи елементи кои секогаш го следат најсилниот импулс и кои секогаш гледаат на побезбедната страна; принудете ги вашите непријатели да се повлечат пред да можат да ја соберат својата сила против вас; според зборовите на Дантон, најголемиот мајстор на револуционерната политика досега познат: de l'audace, de l'audace, encore de l'audace!“ (Види Карл Маркс, Историски скици, стр. 95.)[7]

Ова го вели Карл Маркс, најголемиот меѓу марксистите.

Како што гледате, според мислењето на Маркс, кој сака востанието да триумфира мора да тргне по патот на офанзивата. Но, знаеме дека кој и да тргне по патот на офанзивата мора да има оружје, воено знаење и обучени одреди. Без овие, секоја офанзива е невозможна. Храбрата офанзивна акција, според мислењето на Маркс, е месо и крв на секое востание. Но, Н.Х., сепак, исмева сè: храбра офанзивна акција, политика на офанзива, организирани одреди и ширење на воено знаење. Сето тоа е бланкизам, вели тој! Значи, се чини дека Н.Х. е марксист, но Маркс е бланкист! Кутриот Маркс! Само да можеше да стане од гробот и да го слушне брборењето на Н.Х.

А што вели Енгелс за востанието? Во еден пасус во еден од неговите памфлети тој се осврнува на Шпанското востание и одговарајќи на анархистите, тој продолжува да вели:

„Сепак, востанието, дури и да беше започнато будалесто, ќе имаше добри шанси да успее, ако беше спроведено само со одредена интелигенција, да речеме на начинот на Шпанските воени бунтови, во кои се крева гарнизонот на еден град, маршира кон следниот, го понесува со тоа тој градски гарнизон кој претходно бил под влијание и, прераснувајќи во лавина, притиска кон главниот град, додека не ја донесе победата успешниот повик или доаѓањето на нивната страна на војниците испратени против нив. Овој метод беше особено применлив во таа прилика. Востаниците одамна беа организирани насекаде во доброволни батаљони (слушаш ли, другар, Енгелс зборува за батаљони!) чија дисциплина, иако бедна, сигурно не беше победна од онаа на остатоците на старата и главно распадната шпанска војска. Единствените доверливи владини трупи беа жандармите (guardias civiles), а тие беа расфрлани низ целата земја. Првенствено тоа беше прашање за спречување на концентрација на жандармските одреди, а тоа може да се постигне само со преземање на офанзива и опасноста од отворена битка... (внимание, другари, внимание!). За секој кој барал победа, немало други средства...“

Енгелс потоа продолжува да ги критикува бакунинистите, кои како нивен принцип го прогласија она што можеше да се избегне: „расцепување и изолација на револуционерните сили, кои им дозволија на истите владини трупи да задушат едно востание по друго“ (види ја Енгелсовата статија Бакунинистите на дело).[8]

Ова го вели прославениот марксист Фридрих Енгелс...

Организирани батаљони, политика на офанзива, организациско востание, обединување на одделното востание – тоа, според мислењето на Енгелс, е потребно за да се обезбеди победа на востание.

Тогаш, се чини дека Н.Х е марксист, но Енгелс е бланкист! Кутриот Енгелс!

Како што гледате, Н.Х. не е запознаен со ставовите на Маркс и Енгелс за востанието.

Тоа не би било толку лошо. Изјавуваме дека тактиката за која се залага Н.Х. ја омаловажува и всушност ја негира важноста на вооружувањето, на црвените одреди и на военото знаење. Негови се тактиките на невооружено востание. Неговата тактика нè турка кон „Декемврискиот пораз“. Зошто во декември немавме оружје, немавме одреди, немавме воено знаење и така натаму? Затоа што тактиката што ја заговараа другарите како Н.Х. беа широко прифатени во Партијата...

Но, и марксизмот и реалниот живот ги отфрлаат таквите невооружени тактики.

Тоа го кажуваат фактите.



Фусноти

[1] Ное Хомерики (грузиски: ნოე ხომერიკი) (1 јануари 1883 – 1 септември 1924) бил грузиски политичар ангажиран во социјалдемократското движење. Бил уапсен поради антисоветска активност и стрелан за време на востанието против советската држава. Роден во провинцијата Гурија (тогаш дел од губернијата Кутаис, Царска Русија), се вклучил во локалното селско движење и бил член на Грузиската социјалдемократска (меншевичка) партија. Тој одигра истакната улога во Гуриската Република од 1903-06 година, првата социјалдемократска самоуправна територија во рамките на Руската империја. По Руската револуција од 1917 година, Грузија стана независна демократска република во 1918 година и Хомерики беше избран во уставотворното собрание на Грузија. Потоа ја презеде функцијата министер за земјоделство во грузиската влада. За време на неговиот мандат, Хомерики беше автор на успешна земјишна реформа (јануари 1919 година), која ја прераспредели земјата како приватна сопственост, задржувајќи ги само шумите, реките и некои пасишта како државна сопственост. Инвазијата на Црвената армија го принуди грузискиот кабинет на егзил во Франција каде Хомерики остана член на Владата на Демократска Република Грузија во егзил. Во 1922 година, тој тајно се вратил во Грузија за да го надгледува Комитетот за независност на Грузија, илегална антисоветска организација. Сепак, тој беше уапсен од Чека во 1923 година и застрелан за време на чистката во Грузија во 1924 година.

[2] „Симартлех“ (Вистина) — дневен политички и литературен весник објавуван од грузиските меншевици во Тифлис во 1906 година.

[3] К. Кауцки и Ж. Гед во тоа време сè уште не заминале во таборот на опортунистите. Руската револуција од 1905-1907 година, која имаше големо влијание врз меѓународното револуционерно движење и особено врз работничката класа во Германија, го натера К. Кауцки да заземе став за револуционерна социјалдемократија за голем број прашања.

[4] Овде Н.Х. го заменил зборот „кога“ со зборовите „да претпоставиме дека“, што малку го менува значењето.

[5] Овде Н.Х. ги изостави зборовите „за владата“ (види Akhali Tskhovreba, No. 6). Akhali Tshovreba (Нов живот) бил дневен болшевички весник објавуван во Тифлис од 20 јуни до 14 јули 1906 година, под раководство на Ј.В. Сталин. М. Давиташвили, Г. Телија, Г. Кикоџе и други беа постојани членови на редакцијата. Вкупно беа издадени дваесет броеви.

[6] Овој пасус е цитиран од една статија на В. И. Ленин со наслов „Сегашната ситуација во Русија и тактиката на Работничката партија“ (види Дела, 4. руско издание, том 10, стр. 98-99), објавена во Partiiniye Izvestia (Партиски вести), орган на обединетиот Централен комитет на Р.С.Д.Р.П. Partiiniye Izvestia беше илегално објавуван во Санкт Петербург непосредно пред Четвртиот („обединувачки“) конгрес на партијата. Издадени се два броја: бр.1 на 7 февруари и бр.2 на 20 март 1906 година.

[7] Карл Маркс и Фридрих Енгелс, Револуција и контрареволуција во Германија (види Карл Маркс, Избрани дела, том II, Москва 1936, стр. 135).

[8] Види Frederick Engels, Die Bakunisten an der Arbeit, Moskau 1941, S. 16-17.



марксистичка интернет архива