Ентони Смит

Аргументи против слободно-пазарниот енвиронментализам


Извор: A. Anthony Smith, Journal of Agricultural and Environmental Ethics, 8, pages 126–144 (1995).
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: март 2023


Вовед

Постојат одредени општествени задачи кои пазарот генерално има тенденција да ги исполни. Ги координира одлуките на широко распространетите поединци и претпријатија без да бара бескрајни часови преговори. Им дава можност на поединците да ги изразат своите економски преференции на директен начин (се разбира, подложени на ограничувања на приходите). На претпријатијата им дава стимулации да произведуваат квалитетни стоки по ниски трошоци и да бараат нови иновации. Бранителите на слободно-пазарниот енвиронментализам (отсега натаму „СПЕ“) сметаат дека тој исполнува и една дополнителна задача. Според нивното мислење, нерегулираните слободни пазари даваат најдобра надеж за избегнување еколошки кризи.

Пред да се свртиме кон аргументите за и против оваа позиција, треба да одвоиме момент да ги разгледаме политичките импликации на СПЕ за да дознаеме што точно е во прашање. Составив список составен од некои од прописите и програмите кои се исклучени од СПЕ. Ако мислите дека некои од работите наведени на овој список се добри идеи, тогаш не можете да го прифатите СПЕ.

I. Општиот либертаријански аргумент за СПЕ

Либертаријанизмот е социјална филозофија која смета дека најдоброто општество е она каде државната активност е ограничена на заштита од сила и измама, а сите други работи се препуштени на доброволни договори на пазарот. Ако се прифаќа овој генерален став, тогаш СПЕ следи одеднаш. И така, секој аргумент за либертаријанизам дава аргумент и за СПЕ. Стандардниот аргумент за либертаријанизмот започнува со тврдењето дека негативното право на слобода, односно правото да правиме што сакаме сè додека не се впуштаме во сила или измама против другите, е морален апсолут. Од ова произлегува заклучокот дека правото да го користиме нашиот имот како што сакаме без мешање од државата е исто така морален апсолут.

Бидејќи сме тука да дискутираме за еколошки прашања, не сакам да трошам многу време на овој аргумент. Но, би сакал да дадам три кратки коментари. Прво, либертаријанизмот е во спротивност со моралните интуиции на повеќето луѓе. Замислете две индивидуи, едната со нето богатство од 3 милијарди долари, а другата бездомник и пред смрт од неухранетост. Либертаријанизмот смета дека е неморално да се оданочува првото лице 1$ за да се обезбеди протеини за второто лице. Повеќето луѓе не би го прифатиле овој заклучок. Второ, либертаријанизмот почива на екстремен облик на индивидуализам, во кој општествените односи се надворешни за индивидуите. Овој социјален атомизам е многу сомнителен. Трето, постојат причини да се верува дека либертаријанскиот модел може да биде внатрешно некохерентен. Тој се заснова на капиталистички пазари, но функционирањето на капиталистичките пазари бара државна акција надвор од границите на заштитата од сила и измама.

Можеби можеме да се вратиме на овие поенти во текот на дискусијата. Но, сега е време да се свртиме кон главните аргументи за СПЕ кои се однесуваат конкретно на еколошките прашања. Овие аргументи се преземени од неодамнешната книга на Тери Андерсон и Доналд Лео, Слободно-пазарен енвиронментализам.[1]

II. Аргументот на трагедијата на заедничките ресурси[2] за СПЕ

A. Аргументот

Ако збир на поединци има пристап до некој заеднички имот без систем на права на приватна сопственост за структурирање на тој пристап, тогаш секој поединец ќе има тенденција да користи прекумерна количина од тој имот. Оттука, недостатокот на индивидуални сопственички права доведува до резултат кој е колективно ирационален, брзо исцрпување на општото богатство. Без разлика дали зборуваме за парче земја, воден ресурс, воздух или растителен или животински вид, ако нешто се користи заеднички, тогаш ниту еден поединец нема мотивација да ги зачува ресурсите. Еколошките кризи се неизбежен резултат. (Hardin)

Ако ова е дијагнозата, веднаш следи лекот: правата на приватна сопственост и делокругот на пазарите треба дополнително да се прошират. Бидејќи поединецот кој приватно поседува нешто има рационален личен интерес да го зачува тоа нешто. Правата на приватна сопственост на земјиштето, водата, воздухот, видовите и слично, треба да се креираат секогаш кога е можно. (3, 15, 121)

Б. Контра-аргументи

При формирањето на овој аргумент, бранителите на СПЕ претпоставуваат дека правата на приватна сопственост ги наведуваат сопствениците да го користат својот имот на еколошки здрав начин.[3] За жал, капиталистичките пазари работат на начин што нè спречува да го претпоставиме ова.[4]

Да земеме за пример една семејна фарма која останала во наследство на некое семејство многу генерации. Можеме да претпоставиме дека сопствениците се надеваат дека ќе можат да им ја препуштат фармата на своите деца во добра состојба. Но, економските притисоци може да ги наведат да применат практики што ја поткопуваат оваа надеж. Да претпоставиме дека цените на земјоделските инпути значително се зголемиле додека цените на земјоделските производи се намалиле, што резултира со високо задолжување на фармата. Во овој случај, земјоделецот може да биде принуден да се обиде да го зголеми производството за да избегне банкрот. Земјоделецот можеби знае дека засиленото производство не е еколошки здрава практика на долг рок. Но, економските притисоци можат да спречат активностите во моментот да се засноваат на долгорочна перспектива. Во периоди на економска криза, овој вид на притисок може да биде доста силен врз целата економија.

Дури и ако на одредени претпријатија не им се заканува банкрот, сè уште може да се појави тензија помеѓу краткорочните економски императиви и долгорочните еколошки интереси. Ако голем број инвеститори се подготвени да ги распродадат акциите чии квартални перформанси ги разочаруваат, корпорациите се под силен притисок да ги задржат своите квартални приходи. Овој краткорочен притисок може да ги натера овие корпорации да ги запостават долгорочните инвестиции, вклучително и оние кои би го заштитиле капиталот на фирмата од еколошка штета.[5] Исто така, капиталот акумулиран во еден регион не треба да се реинвестира во истата област. Ако приходите се поголеми на друго место, постои голема веројатност дека нема да се реинвестира во првата област. Ова исто така ја поткопува претпоставката дека сопствениците на имот се воздржуваат од подложување на нивниот имот на деградација на животната средина.

Дозволете ми да презентирам две сценарија за да биде појасен овој последен аргумент. Во првиот случај, во одредено време Т1 се инвестираат 100 долари во производствен капацитет кој се наоѓа на одредена површина на земјиште. Сопствениците сакаат да ја зачуваат вредноста на оваа земја, па вложуваат 25 долари за спроведување на безбедносни мерки за заштита на животната средина. Со Т2, да претпоставиме дека фирмата остварила профит од 75 долари од својата инвестиција. Во овој момент се пружи нова инвестициска можност која сопствениците ја оценуваат како исклучително ветувачка. Тие можат да го продадат земјиштето за 100 долари што ги платиле за истото, што заедно со профитот од 75 долари им дава 175 долари да инвестираат во новата можност.

Во вториот случај сè е исто освен што фирмата не инвестира во безбедносни мерки за заштита на животната средина. Како резултат на тоа, земјиштето не е толку вредно во Т2 како што беше во Т1. Кога ќе дојде моментот сопствениците да сакаат да го продадат, тие можат да добијат само 85 долари. Но, тие остварија поголеми профити во периодот помеѓу Т1 и Т2 како резултат на помалите трошоци. Нивниот профит е 100 долари наместо 75 долари што би ги добиле доколку инвестираа во заштита на животната средина. Заедно со 85-те долари што ги добија од продажбата на земјиштето, тие сега имаат 185 долари за инвестирање во новата можност, ставајќи ги во подобра позиција отколку во првиот случај.

Се разбира, ако трошоците за заштита на животната средина беа помали, или ако неуспехот да се спроведат заштитните мерки резултираше со поголема загуба на вредноста на недвижноста, тогаш фирмата во првото сценарио може да заврши во подобра позиција. Но, токму тоа ми е поентата. Не постои невидлива рака која делува овде во правец на гаранција дека ќе се користат еколошки здрави практики само затоа што сопственичките права се во приватни раце. Економските субјекти кои се заинтересирани за своите лични интереси ќе ги споредат трошоците за еколошки бенигни практики со трошоците што ќе ги направат доколку не ги воведат тие практики. Ако проценат дека првите ги надминуваат вторите, ќе постои тенденција еколошки здравите практики да бидат игнорирани. Сопствениците на капитал инвестираат за да добијат приход во дадена единица време. Клучното прашање за капиталистичките инвеститори не е „Каква ќе биде физичката состојба на мојот капитал во времето Т2?“, туку наместо тоа: „Колку капитал ќе имам акумулирано после Т2?“ Ако може да се акумулираат големи капитали по цена да им се наштети на своите имоти, тоа е од мала важност сè додека на друго место се достапни атрактивни можности за инвестирање. (Walker)

Самите Андерсон и Лео се блиску до признавање на оваа поента на стр. 42. Тие истакнуваат дека ако цените на дрвото не растат со доминантната каматна стапка, ќе биде профитабилно за сопствениците на дрвја да ги ликвидираат дрвјата со најбрза можна стапка, инвестирајќи ги приносите на друго место. Тие не спомнуваат дека ова признание го поткопува тврдењето дека правата на приватна сопственост и здравите еколошки практики одат рака под рака.

III. Аргументот на екстерналиите[6] за СПЕ

A. Аргументот

Конкуренцијата ги принудува капиталистичките фирми постојано да бараат начини да ги намалат своите внатрешни трошоци, односно трошоците што мора да ги платат од свој џеб. Меѓутоа, ако трошоците за повреда на животната средина се дисперзирани на целото општество, пазарот може да ги дестимулира загадувачите да ги минимизираат тие трошоци. Замислете дека некоја фирма треба да одлучи дали да инсталира скапа опрема за контрола на загадувањето. Ако нејзините конкуренти ја инсталираат оваа опрема, а таа не ја инсталира, тогаш нејзините трошоци ќе бидат помали, под претпоставка дека сите други услови освен претходно наведените остануваат непроменети. Оваа фирма ќе ужива конкурентна предност. Ако конкурентите на фирмата не ја инсталираат опремата додека фирмата за која станува збор ја инсталира, тогаш овие конкуренти ќе имаат помали трошоци, што ќе им даде предност на пазарот. И така, рационална одлука за секоја фирма е да се воздржи од купување опрема за контрола на загадувањето.

Ако основниот проблем овде е неуспехот на фирмите да ги земат предвид општествените трошоци, тогаш очигледното решение е да се принудат загадувачите да ги инкорпорираат трошоците за загадувањето како дел од структурата на цените. Бранителите на СПЕ тврдат дека тоа може да се направи преку проширување на сопственичките права и спроведување на силни закони за кривична одговорност. (87, 139) Ако на имотот се нанесени еколошки штети, тогаш сопствениците на овој имот ќе можат да ги тужат загадувачите за да добијат отштета. Ова им дава јасен поттик на загадувачите да го намалат загадувањето во иднина.

Б. Контра-аргументи

Бранителите на СПЕ се сосема коректни кога го осудуваат секое слабеење на законите за кривична одговорност. Но, има голем број проблеми во врска со овој пристап што исто така мора да се разгледаат.

Како прво, бранителите на СПЕ тврдат дека нивниот пристап ќе ги разбие општествените конфликти со елиминирање на играта со нулта сума во која индустријалците и екологистите трошат ресурси за лобирање кај владините службеници. (8, 59, 84, 92, 95) Сега се чини дека овие конфликти едноставно се поместени од административниот и законодавниот апарат на државата кај судскиот апарат. Како што напиша Роберт Катнер во Business Week: „На другата страна на грубиот индивидуализам и слабата влада се бескрајните тужби“. (Kutter 16)

Друг проблем ги покренува прашањата за класата и расата. Иако правниот систем во принцип нуди еднаква заштита на сите, тоа можеби не е секогаш случај. Да претпоставиме дека фирма со огромна армија добро платени адвокати се занимава со загадувачки активности кои нанесуваат штета на сиромашно домаќинство. Човек треба да биде прилично наивен за да поверува дека во овие околности може да се потпре на правниот систем за да осигури дека фирмите за кои станува збор ги инкорпорираат трошоците за нивното загадување како дел од структурата на цените. Вреди да се напомене дека студијата на Генералното сметководство на САД. документирало дека три од четири депонии за комерцијален опасен отпад биле лоцирани во доминантно афро-американски заедници, иако Афро-Американците претставувале само 20% од луѓето во регионот. Една од причините за ова е сигурно дека овие заедници имаат помала веројатност да си дозволат соодветно правно застапување.

Сличен проблем се јавува кога може да се потпишат документи кои ја ослободуваат фирмата од кривична одговорност. Да претпоставиме дека една корпорација објавува дека ќе инвестира во регион со висока стапка на невработеност. Потоа ја избира својата работна сила. Во последен момент ги информира овие луѓе дека ќе ја префрли својата инвестиција на друго место, освен ако не се согласат да потпишат формулар со кој се откажува корпорацијата од каква било одговорност за штетите што може да настанат како резултат на изложеност на токсини на работното место. Очајни за работа, работниците се потпишуваат на документите. И овде системот на кривична одговорност се распаѓа како механизам за осигурување дека корпорациите ги инкорпорираат трошоците за нивните штетни еколошки практики како дел од структурата на цените. И СПЕ ја исклучува можноста овие работници да се организираат политички и да се обидат да ја принудат државата да донесе закон со кој се ограничува нивната изложеност на токсични хемикалии.

Друго релевантно прашање е поврзано со сложеноста на светот. Законите за кривична одговорност најдобро функционираат во случаи кога следењето на причинско-последичниот синџир на настани е релативно едноставна работа: поединец или фирма w имала пракса x што нанела штета y на поединецот или фирмата z. За жал, светот во кој живееме не е секогаш толку едноставен. Во многу случаи, постојат различни поединечни фирми кои имаат мноштво пракси кои можеби – или можеби не – имале причинска улога во предизвикувањето штета y. Колку е поголем бројот на веродостојни причински приказни, толку е потешко правно да се утврди одговорноста на кој било конкретен поединец или фирма за предметната штета.[7] Во овој момент не може да се потпрете на сопственичките права и законите за кривична одговорност за да се осигури дека трошоците за загадувањето се инкорпорираат како дел од структурата на цените од поединците и фирмите кои загадуваат.[8]

Конечно, дури и ако се занемарат сите горенаведени проблеми, останува еден ненадминлив проблем. Аргументот на СПE, уште еднаш, беше дека еколошката штета може да се минимизира доколку оние на кои им е нанесена штетата имаат законски применливи сопственички права што им овозможуваат да ги тужат загадувачите. Но, нездравите еколошки практики можат да им нанесат штета на идните генерации. Идните генерации денес не можат да тужат на суд. Иако сите корпорации немаат временска перспектива ограничена на следниот квартален извештај, ниту една корпорација не ги зема предвид трошоците за кои може кривично да одговора за пет или шест генерации. И така, дури и ако системот за одговорност функционира беспрекорно, сепак нема да ги принуди загадувачите да ги инкорпорираат како дел од структурата на цените сите трошоци на нивните загадувачки активности. Накратко, тврдењето на Андерсон и Лео дека „Кога сопственичките права можат јасно да се дефинираат и да се спроведуваат, постои добра волја, а компензацијата и проблемите со загадувањето исчезнуваат“ (136) едноставно не е валидно.[9]

IV. Аргументот на соодветни избалансираности за СПЕ

A. Аргументот

И трошоците за заштита на животната средина и вредноста на придобивките што произлегуваат од овие заштитни мерки се менуваат со промените во технологијата, профитните стапки и субјективните вредности. Бранителите на СПЕ инсистираат на тоа дека одлуките овде треба да се остават на економските субјекти кои можат флексибилно да се приспособат на овие промени. Само тие ќе бидат во позиција да ја одредат соодветната избалансираност меѓу придобивките и трошоците за заштита на животната средина. Ова бара проширување на сопственичките права и пазарните трансакции. Бидејќи, според нив, само пазарните цени обезбедуваат „објективна мерка“ и за придобивките и за трошоците.(18)

Ако, на пример, фармерите не можат да ги спречат рибарите да ги користат потоците што се граничат со нивните фарми, овие рибари имаат корист без да мораат да направат какви било трошоци поврзани со одржувањето на рибната популација. И фармерите треба да одлучат дали да ги направат трошоците неопходни за да се осигураат дека овие потоци се добро порибени без можност подоцна да добијат финансиски поврат. Меѓутоа, доколку на истите земјоделци им се дадени сопственички права на овие потоци, тие би можеле да ги исклучат сите рибари кои не сакаат да им платат такса. Можноста за собирање на овие такси ќе создаде моќна стимулација за нив да обезбедат соодветно живеалиште за рибните популации секогаш кога придобивките од тоа ги надминуваат трошоците.[10] (108-09)

Друг вид на случај кој ја илустрира оваа динамика се однесува на односот помеѓу еколошките групи и инвеститорите на земјиште. Ако првите се во позиција да имаат корист од еколошки здрави практики без да мораат да сносат некој од трошоците на тие практики, тогаш тие веројатно ќе ги игнорираат овие трошоци кога ги формулираат своите барања. Во пазарен контекст, за разлика од тоа, ако еколошка група сака да купи земјиште од приватни сопственици и да го задржи земјиштето во неговата чиста состојба, тие можат слободно да го сторат тоа. Меѓутоа, тие мора да ги земат предвид трошоците за тоа, и трошоците за компензација на сегашните сопственици и опортунитетните трошоци со кои тие самите се соочуваат кога не се стопанисува со земјиштето. (3, 90-94, 110)

Б. Контра-аргументи

Одредувањето пазарна цена на одредени видови трошоци е прилично едноставно, на пример, трошоците за одржување на живеалиштето на дивиот свет или инвестирање во опрема за контрола на загадувањето. Одредувањето пазарна цена на одредени видови придобивки е исто така релативно лесно; придобивките за рибарите може да се измерат со таксите што тие се подготвени да ги платат за пристап до потоци. Но, ако сакаме да сметаме дека пазарните цени обезбедуваат „објективна мерка“ за еколошките трошоци и придобивки, мора да биде можно да се измерат сите (или скоро сите) од овие трошоци и придобивки во пазарните цени. А, ова не може да се направи.

* Не постои практичен начин да се наплаќа цена за естетското задоволство да се гледа убава планинска падина од далечина. (20)

* Не постои директен начин да се наплаќа цена за чувството на благосостојба што го чувствува некој што никогаш не ја посетил дивината едноставно знаејќи дека е таму.[11]

* Во принцип не постои начин да се измерат со сегашни цени идните трошоци на денешните еколошки практики (на пр. трошоците за истребување на видовите[12], киселиот дожд или несреќите кои произлегуваат од складирањето на нуклеарниот отпад), со оглед на вродената несигурност на ефектите од овие практики, брзината со која тие ќе се случат, идните технолошки достигнувања итн.[13]

* Со оглед на неизвесноста на технолошкиот развој, сегашните пазарни цени не ги одразуваат придобивките што дивите видови може да ги имаат во иднина како извор на прехранбени култури, фармацевтски производи, растителни влакна итн.

* Која е пазарната цена на емотивното чувство кое доаѓа од гледањето на сонцето како извор на живот и топлина наместо како смртоносен непријател?

* Ако еколошките регулативи спасуваат или продолжуваат човечки животи, како може на таа придобивка да ѝ се одреди недвосмислена пазарна цена? Дали е тоа цената што поединецот може да си ја дозволи да ја плати за животно осигурување? Дали е тоа функција на платите што пазарот на трудот би ја обезбедил за некој што врши одреден вид работа?[14] И колку треба да додадеме за да ја надоместиме емоционалната загуба на брачниот другар? Родител? Другар? Далечен познаник?

Поентата не ми е дека цените не можат да се одредуваат на такви работи, туку дека за овие цени не може да се тврди дека се „објективна мерка“ за било што. Ако на само некои од трошоците и придобивките од еколошките практики може лесно да им се одреди цена, тогаш анализите на трошоците/придобивките во пазарни цени имаат вродена пристрасност. Одредени трошоци и одредени придобивки ќе имаат тенденција да бидат нагласени, додека други ќе имаат тенденција да бидат игнорирани.[15]

Постои втора сфера каде што се јавува потенцијална дивергенција помеѓу барањата на пазарот и еколошките барања. Андерсон и Лео имплицитно претпоставуваат дека ако придобивките од зачувувањето на екосистемот на одреден регион ги надминуваат трошоците, тогаш субјектите кои сакаат да го зачуваат тој регион ќе можат да ги надминат сите други. Андерсон и Леo се обидуваат да ја оправдаат оваа претпоставка, известувајќи за случаи кога групи како Фондот за заштита на природата можеле да купат земјиште за да го исклучат од стопанисување. Тие, исто така, истакнуваат дека главните еколошки здруженија во САД. заедно поседуваат 414.607.984 долари кои во принцип би можеле да се искористат на овој начин. (94)

Тие не кажуваат дека компанијата Ирвин сама поседува земјиште во области јужно од Лос Анџелес чија вредност се проценува дека надминува 10 милијарди долари. (Davis 132) Претпоставувајќи дека оваа бројка е близу вистинската, тогаш дури и ако сите главни еколошки групи во САД. ги здружат сите нивни ресурси заедно со цел да ги спречат еколошките проблеми што го опкружуваат Лос Анџелес (сообраќаен метеж, смог, бучава, ерозија на почвата, недостиг на вода, итн.) од ширење на југ, сè уште ќе им недостасуваат 9.585.392.016 долари за да можат да ги купат имотите на само еден сопственик на земјиште во Јужна Калифорнија. Само огромните инвеститори на земјиште имаат пристап до овој вид капитал, инвеститори кои се покажаа како целосно рамнодушни кон растот на горенаведените еколошки проблеми.[16]

Андерсон и Лео претпоставуваат дека ако пазарните цени не се користат за да се утврдат трошоците и придобивките од еколошките „погодности“, единствената алтернатива е целосно да се игнорира прашањето за трошоците и придобивките или да се предаде определувањето на трошоците и придобивките на непристрасни „експерти“. (12) Иако анализата на трошоци/придобивки не е крајниот стандард во еколошките прашања (види подолу), таа не треба да се занемари целосно. Ниту пак треба да се остави на таканаречените експерти. Потпирањето на пазарните цени за да се проценат трошоците и придобивките, и обраќањето кон техничките експерти за мерење на трошоците и придобивките, и двете имаат една заедничка работа. И двете нешта се обиди да се деполитизираат еколошките дебати преку потпирање на некоја „објективна мерка“. Ова е фантазија. Дефинирањето и мерењето на трошоците и придобивките се инхерентно политички прашања. Анализата на трошоците и придобивките има важна улога во споровите за животната средина. Но, оваа улога е да ги направи експлицитни политичките заложби и фактичките претпоставки на спорните позиции. Не се работи за елиминирање на политиката од дискусијата. (Shrader-Frechette)

V. СПЕ и државата

Бранителите на СПЕ секогаш имаат последна карта за играње против нивните критичари: какви и да се појават еколошки проблеми на пазарот, нема причини да се верува дека државата може подобро да ја заврши работата. Како прво, државните функционери не се алтруистички ангели кои ги посветуваат своите животи на несебичниот стремеж кон општото добро. Државните бирократи имаат свои посебни интереси што ги следат. Тие, на пример, можат да се стремат да ја зголемат својата моќ и статус во бирократијата преку зголемување на нивните буџети. Ако скапите инвестициски проекти на земјиште во јавна сопственост се најдобриот начин за тоа, тие ќе ги фаворизираат таквите проекти дури и кога тие не се еколошки здрави. (54) Или зголемувањето на нивната моќ и статус може да бара тие да одговорат на притисоците што им ги вршат посебни лобирачки групи. Ова може да доведе до премала или преголема заштита на животната средина. (14-16) Андерсон и Лео истакнуваат како политичката сила на „железниот триаголник“ од политичари, државни бирократи и земјоделци ги навела владините агенции да обезбедат огромни државни субвенции за проекти за наводнување на западните земјишта. Имајќи субвенционирани трошоци, земјоделците обработуваат повеќе земја отколку што инаку би обработувале, со голема еколошка цена.[17] (56) Од друга страна, кога еколошките групи стануваат политички моќни, тие можат успешно да лобираат за ограничување на економската активност, дури и кога таа активност е еколошки здрава.[18]

Вториот проблем со потпирање на државата за решавање на еколошките проблеми е тоа што државните службеници не се принудени да ги споредуваат трошоците и придобивките од нивните политики. (14) Доколку интензивното лобирање од страна на здруженијата за заштита на животната средина ги наведе државните бирократи да исклучат одредени форми на економски развој, овие функционери самите не треба да ги плаќаат опортунитетните трошоци за отфрлениот развој. (83) Или ако предложените еколошки регулативи ги расфрлаат трошоците на овие регулативи меѓу заедницата на граѓани, тогаш патот на најмал отпор за државните бирократи може да биде воведувањето на такви прописи, дури и ако овие трошоци вкупно ги надминуваат придобивките што треба да се добијат[19]. Андерсон и Лео заклучуваат дека правилната улога на владата е да ги дефинира и спроведува преносливите сопственички права. Потоа таа треба да се тргне од патот.

Б. Контра-аргументи

Андерсон и Лео секако се во право дека еколошкото досие на државата честопати било ништо помалку од ужасно. Државните функционери премногу често беа под влијание на приватните лобирачки групи при формулирањето на еколошките политики[20], и тие премногу често не ги земаа предвид трошоците на политиките пред да ги воведат.[21] Но, пред да ја усвоиме перспективата на СПE, треба да испитаме неколку поенти кои Андерсон и Лео не ги земаат предвид.

Андерсон и Лео се чини дека имаат двоен стандард кога ги споредуваат пазарот и државата. Иако тие ја нагласуваат способноста на пазарот да еволуира соочен со нови предизвици, нивниот поглед на државата е статичен: државните службеници секогаш и секаде ги следат своите приватни интереси; секогаш и секаде постои веројатност државните агенции да бидат „заробени“ од надворешни лобирачки групи. (14-17) Ова го занемарува очигледниот факт дека се можни широк спектар на различни форми на државата. Во некои од овие државни форми, горенаведените опасности се неизбежни; во други постои можност тие да се држат под контрола.

Формите на државата каде државните функционери не се одговорни пред јавноста, каде државните политики се формулираат зад затворени врати, најверојатно ќе се опишат со термините што ги користат Андерсон и Лео. Спротивно на тоа, колку повеќе формирањето државна политика е предмет на јавен надзор, толку е помала веројатноста за тоа. Андерсон и Лео не губат воопшто време обидувајќи се да замислат начини за демократизација на државата како заштита од можноста државната политика да биде диктирана од коалиција на државни функционери и најмоќните приватни лобирачки групи. Идеите што треба да се разгледаат овде вклучуваат елиминирање на финансирањето на Комитетот за политичка акција, овозможување на владини документи да бидат лесно достапни, воспоставување „граѓански сабатици“ кога граѓаните ќе имаат право на платено отсуство за да учат политички прашања, укинување на конфликтот на интереси во кој агенциите кои се задолжени за регулирање на одредени индустрии се исто така ангажирани во нивно промовирање, демонтирање на „ротирачката врата“ преку која поединци се префрлаат од регулирани индустрии во регулаторни агенции и обратно, итн.

Осврнувајќи се на прашањето за анализа на трошоци/придобивки и државата, првата поента се однесува на границите на анализата на трошоци/придобивки. Низ нивната книга Андерсон и Лео ја користат фразата „еколошки погодности“ во остар контраст со „сопственичките права“. Андерсон и Лео претпоставуваат дека нивните категоризации на одредени работи како погодности и некои други како права се очигледни и неконтроверзни. Не е ниту едното ниту другото.

Речиси сите морални филозофи признаваат дека луѓето имаат право на живот. Користејќи го ова како почетна точка, голем број морални филозофи го продуцираа правото на животна средина за живеење. (Velasquez 237-40) Ако ова се прифати, условите на дискусијата целосно се менуваат. Намалувањето на смогот, бучавата, изложеноста на токсини и слично, не се „погодности“, туку работи на кои граѓаните имаат право, а владата има должност да се погрижи ова право да биде заштитено. Во услови на економски притисок, трошоците за спроведување на правото може да бидат толку големи што државата мора да се воздржи од тоа. (Rawls, 63) Но, во спротивно, спроведувањето на некое право не треба да зависи од исходот од анализата на трошоците/придобивките – исход кој, како што видовме, неизбежно вклучува субјективен елемент.[22]

Втората поента е дека кога Андерсон и Лео дискутираат за трошоците на државните еколошки регулативи, тие го прават тоа на статичен начин, концентрирајќи се на трошоците вклучени во моментот на наметнување на регулативата. Но, регулативите започнаа пролонгиран процес на технички иновации. Регулативите со кои постепено се укинува употребата на смртоносните токсини ја поттикнуваат потрагата по нивна замена. Стандардите за ефикасност обезбедуваат пазар за поефикасни производи, а со тоа обезбедуваат стимулација за иновации на производи. Како што се случуваат овие видови технички промени, трошоците за користење на помалку токсини и трошоците за производство на поефикасни производи значително се намалуваат, додека придобивките од овие практики остануваат високи. Од оваа динамична перспектива, аргументот против државната регулаторна активност даден од бранителите на СПЕ губи голем дел од својата сила.

Заклучок

Последната поента што би сакал да ја истакнам се однесува и на технолошката политика. Бранителите на СПE презентираат слика на економијата во која пазарите сами се развиваат едноставно како резултат на одлуките донесени од поединечни економски субјекти. Оваа слика е мит кој има мало совпаѓање со реално постоечките пазари. Логиката на пазарната конкуренција генерира тенденција фирмите да не инвестираат во ризични нови технологии, во основни истражувања кои можеби немаат комерцијална примена долги години, и во основни истражувања кои обезбедуваат важни дополнителни информации за работата без самите тие да имаат директна комерцијална примена. (Shonfield) Како резултат на тенденцијата на пазарот да распределува несоодветни инвестиции во овие клучни области, земјите посветени на технолошкиот напредок без исклучок воведоа државни технолошки политики.

Соединетите Држави не беа исклучок. Од Втората светска војна, федералните расходи финансираа помеѓу половина и две третини од вкупното истражување и развој. Финансирањето на основните истражувања од страна на федералната влада е уште подоминантно, претставувајќи над две третини од вкупните трошоци за основни истражувања. Главната цел на технолошката политика на САД. е насочена кон воените технологии развиени од фирми во воздушната, комуникациската и електронската индустрија. (Markusen and Yudken) Голем дел од основните истражувања на овие фирми се субвенционирани со јавни пари, а владата, исто така, се вклучи и обезбеди пазари за клучни технологии кога немаше пазари за нив во комерцијалниот сектор.[23] Развојот на млазни авиони, вештачка интелигенција, компјутери со супербрза паралелна обработка, полупроводници, интегрирани кола со многу голема брзина, технологија на хиперсонични авиони, турбински мотори со високи перформанси, напредни композитни материјали, литографија со рендген, телевизија со висока резолуција, машински алатки, оптоелектроника, компјутерски базирани технологии на производство и микромашини, се само неколку примери на клучни технологии чиј развој е субвенциониран со јавни средства.[24]

Несовршеностите на пазарот прават неизбежно државата да има некаква технолошка политика. Но, ништо не ја прави неизбежна милитаризираната технолошка политика.[25] Можни се и јавно финансирани програми за истражување и развој кои имаат за цел да развијат производни процеси кои се нетоксични за работниците и без загадување, како што се програмите за отстранување на цврст отпад, алтернативните извори на енергија, чистење на животната средина итн. Во рамките на СПE, не е можно да се замисли ниту општата потреба за технолошка политика, ниту желбата за еколошка технолошка политика конкретно. Според мое мислење, ова не е најмалата од причините зошто СПE е неприфатлив.


Користена литература

Anderson, Terry, and D. and Leal. 1991. Free Market Environmentalism. Boulder: Westview Press.

Davis, Mike. 1990. City of Quartz: Excavating the Future in Los Angeles. New York: Verso.

Dertouzos, Michael, R. Lester, R. Solow, and the MIT Commission of Industrial Productivity. 1991. Made in America: Regaining the Productivity Edge. Cambridge, MA.: The MIT Press.

Hardin, Garrett. 1968. "The Tragedy of the Commons." Science. December.

Kuttner, Robert, 1991. Business Week. June 3, 1991.

Leibowitz, Michael. 1989. "Does Military R&D Stimulate Commerce or the Pork Barrel?" Electronic Business, Feb. 6. (54-55.)

Markusen, Ann, and J. Yudken. 1992. Dismantling the Cold War Economy. New York: Basic Books.

McGinn, Robert. 1991. Science, Technology, and Society. Englewood Cliffs, N.J.: Prentice Hall.

Miller, John. 1993. "The Wrong Shade of Green." Dollars & Sense. April.

Rawls, John. 1971. A Theory of Justice. Cambridge, MA.: Harvard University Press.

Shonfield, A. 1981. "Innovation: Does Government Have a Role?" In G. Carter, ed., Industrial Policy and Innovation. London: Heinemann.

Shrader-Frechette.

Valesquez, Manuel. 1988. Business Ethics: Concepts and Cases (Second Edition). Engelwood Cliffs, N.J.: Prentice Hall.

Walker, Richard. 1982. "The Illusion of Effluent Charges, or Regulatory Dilution is No Solution to Pollution." Antipode Vol. 14 No. 2.


Фусноти

[1] Terry L. Anderson and Donald R. Leal, Free Market Environmentalism, Pacific Research Institute for Public Policy, 1991.

[2] Трагедијата на заедничките ресурси (на англиски: Tragedy of the commons) е економска теорија која ја опишува ситуацијата во рамките на системот на заеднички ресурси во кој поединците дејствуваат независно според сопствените интереси, но со своето однесување го загрозуваат општото добро за сите поединци со тоа што ги исцрпуваат или ги деградираат нивниот квалитет преку своите колективни дејствија. Концептот и терминот потекнуваат од есеј од 1833 година на викторијанскиот економист Вилијам Форстер Лојд, кој го користел хипотетичкиот пример за ефектот на нерегулираното пасење на општинските земјишта на селото (тогаш колоквијално наречено „the commons“). Еден век подоцна, концептот доби широко прифаќање благодарение на есејот од 1968 година од екологистот Гарет Хардин. Во овој контекст, „the commons“ подразбира секој ресурс чија потрошувачка не е регулирана, на пример атмосферата, океаните, реките, рибните премини, вклучително и заедничкиот канцелариски фрижидер. Терминот „трагедија на заедничките ресурси“ опишува проблем во кој сите поединци имаат еднаков и непречен пристап до некој ресурс, а литературата тврди дека терминот „трагедија на нерегулираните заеднички ресурси“ е попрецизен. Се среќава и како „трагедија на заедничкиот имот“, „трагедија на заедничките ресурси“ и сл. Трагедијата на заедничките ресурси често се наведува во врска со одржливиот развој, наоѓањето рамнотежа помеѓу економскиот раст и заштитата на животната средина, како и во дебатата за глобалното затоплување. Се користи и при анализа на однесувањето на поединците во економијата, еволутивната психологија, антропологијата, социологијата, теоријата на игри, политиката, оданочувањето. (Заб. на прев.)

[3] Освен, се разбира, ако државата не се меша со давање стимулации да ја игнорираат одржливоста, на пример субвенции за вода кои ги поттикнуваат земјоделците да ја исцрпат својата почва.

[4] Аргументот со трагедијата на заедничките ресурси, исто така, е лоша антропологија. Има многу случаи во историјата кога пристапот до заеднички имот бил регулиран од заедницата така што не се случила прекумерна употреба.

[5] Во врска со општиот проблем за тоа како краткорочните финансиски притисоци ги принудуваат фирмите да ги занемарат долгорочните инвестиции, види Dertouzos, et. al.

[6] Екстерналија (или надворешен трошок) претставува случај кога приватните маргинални трошоци од некоја економска активност се помали отколку општествените маргинални трошоци. Пример: Трошоците во вид на загадување на животната средина: фирмата која испушта штетни материи во водата, предизвикува трошоци за другите корисници на водата, а самата не ги плаќа тие трошоци. Тоа значи дека приватните трошоци се разликуваат од општествените трошоци. (Заб. на прев.)

[7] Земете го предвид случајот со смог што се појавува во урбаните средини како резултат на прекумерен развој. Кој ја создаде оваа ситуација? Индивидуален инвеститор? Збир на инвеститори? Сите инвеститори во областа? Индивидуален купувач на домови, збир на купувачи на домови или сите купувачи на домови заедно? Индивидуален сопственик на автомобили, збир на сопственици на автомобили или сите сопственици на автомобили? Не гледам како тука ќе биде од голема помош исчекувањето на технички развој што ќе ги намали трошоците од доделувањето на сопственички права.

[8] Самите Андерсон и Лео ја признаваат оваа поента и признаваат дека немаат одговор на тоа. Тие признаваат дека во овие околности утилитарните аргументи во корист на владините регулативи го надминуваат аргументот за СПE. (140) Сепак, тие пишуваат како да се ова релативно невообичаени околности кои не се случуваат доволно често за да се доведе во прашање целата рамка на СПE. Со оглед на распространетоста на сложените причински синџири во светот, ова е многу сомнителна претпоставка.

[9] Еден последен проблем овде: аргументот за екстерналии се чини дека претпоставува дека сите еколошки штети може да се компензираат откако ќе се случат. Но, што ако предметната штета е неповратна? Во овој случај, паричната награда на тужителот може да го надомести тужителот за сите економски загуби со кои би можел да се соочи како резултат на еколошката штета, но таа не ја отстранува самата еколошка штета.

[10] Андерсон и Лео инсистираат на тоа дека потпирањето на државата да обезбеди еколошки погодности често создава дестимулација за еколошки здрави практики во приватниот сектор. Доколку се овозможат можности за лов и риболов на државно земјиште со мали или без никакви трошоци, приватните сопственици на земјиште нема да можат да се натпреваруваат. Затоа, тие ќе имаат помала стимулација да осигураат дека популацијата на риби и животни расте, и повеќе стимулација да се свртат кон економските цели што ги загрозуваат рибите и живеалиштата на дивиот свет. (62, 68)

[11] Надзорите може да побараат од луѓето да ја проценат во цени вредноста на овие видови работи што ја имаат за нив. Верувам дека таквите придобивки се реални и мора да се земат предвид при анализата на трошоците/придобивките. Но, како што забележуваат Андерсон и Лео, резултатите тешко може да се земат како пазарни цени. (26) Нивното решение овде очигледно е целосно да се игнорираат таквите придобивки. Ова всушност признава дека пазарните цени не ги доловуваат точно еколошките придобивки.

[12] Се чини дека Андерсон и Лео претпоставуваат дека збирот стоки за кои е одредена пазарна цена (на пример, риби) го вклучува збирот ентитети клучни за репродукцијата на екосистемот. Никаде не ни почнуваат да формулираат таков аргумент. Тие навистина споменуваат дека ако еден вид кој некогаш имал економска вредност како стока ја губи таа вредност, сопствениците на имотот ќе станат целосно рамнодушни кон неговиот опстанок. (32) Тие не прашуваат дали овој вид на динамика го поткопува тврдењето дека пазарните цени обезбедуваат „објективна мерка“ за мерење на трошоците и придобивките за животната средина. Тешко е да се разбере како би можело веродостојно да се конструира аргумент од типот што се бара. Претпоставката што ја разгледуваме е еквивалентна на претпоставката дека системот на размена на стоки може да се прошири за да го вклучи целиот биосистем. Но, онтолошката реалност е дека економските системи се вградени во биосистемот. Штом ова ќе биде прифатено, постојат силни онтолошки причини за доведување во прашање дали императивите на стоковната циркулација и акумулацијата на капитал нужно се совпаѓаат со императивите на репродукцијата на биосистемот. Нема причина да се претпостави дека сите ентитети со еколошка вредност нужно имаат и економска вредност. Доколку е така, не може да се смета само на правата на сопственост и пазарните трансакции за исполнување на императивите на биосистемот.

[13] Економистите често се обидуваат да ја избегнат оваа поента со сведување на неизвесноста на ризици со познати веројатности кои можат да се случат. Но, веројатностите не можат да се одредат на ефектите од исчезнувањето на видовите, киселите дождови, несреќите кои произлегуваат од складирањето на нуклеарниот отпад итн.

[14] Во студијата Ресурси за идни трошоци/придобивки како дел од измените на Законот за чист воздух од 1990 година, вредноста на животите беше мерена како функција на премијата на платата што ја добиваат рударите за јаглен, полицијата и другите работници во замена за соочување со опасни услови. Како што коментира Џон Милер, „Животот, според мерките на повеќето неекономисти, вреди повеќе од платите неопходни за привлекување работници со малку алтернативи во опасни работни услови.“ (Miller 8)

[15] Размислете за следниов пасус: „Друг аргумент против пазарната конкуренција за јавните земјишни ресурси е дека не може да се одреди вредност на еколошките погодности. Но, кога владата го задржува земјиштето за иден развој, се одредува вредност на резервацијата; политичкиот процес одлучи дека вреди барем поради опортунитетниот трошок на ресурсите да не се стопанисува со земјиштето. Понатаму, трошоците за судски спорови и лобирање одразуваат минимална вредност за еколошките погодности за кои станува збор.“ (94) Внимателниот читател ќе ја забележи нелогичноста овде. Прашањето се однесуваше на тоа дали пазарните цени можат или не можат целосно да ги доловат еколошките придобивки. Најдоброто што може да го предложат Андерсон и Лео се два предлози за тоа како да се поправи „минималната вредност за еколошките погодности“ според пазарните цени. Ова не е доволно.

[16] Едно последно размислување зошто пазарните цени не обезбедуваат „објективна мерка“ за еколошките придобивки треба да се спомене на кратко. Ова е поврзано со начинот на кој политичките фактори можат да влијаат на пазарните цени. Моделот на распределба на доходот е под влијание на степенот до кој даноците се прогресивни, нивото на каматните стапки, понудата на пари, степенот до кој фискалната политика е експанзивна итн. Промените во распределбата на доходот доведуваат до промени во побарувачката, што пак влијае на пазарните цени. На пример, колку повеќе распределбата на приходот е нееднаква, толку помалку домаќинства ќе можат да си дозволат одмор во дивини. Ова ќе влијае на цените што се наплаќаат за пристап до овие области. Слична поента важи и за еколошките ризици на работното место (тема што Андерсон и Лео целосно ја игнорираат во својата книга). Ако владата спроведува политики кои поттикнуваат синдикално здружување и вработување на сите работоспособни луѓе во државата, платите ќе имаат тенденција да бидат повисоки за работните места каде ризиците за животната средина се високи. Доколку владата води спротивна политика, платите на овие работни места ќе бидат помали. Имајќи го предвид ова, не може да се потпреме на платите сами по себе за да обезбедат „објективна мерка“ за еколошките ризици на работното место.

[17] Истиот ефект го имаат и субвенциите за земјоделските култури. (57-58, 72)

[18] На пример, еколошките здруженија повикаа на целосна забрана за екстракција на нафта на земјиштата кои се живеалиште за загрозените видови, и покрај фактот што постојат нови технологии за екстракција кои го оставаат живеалиштето практично недопрено. (87-90)

[19] Пример презентиран од Андерсон и Лео е регулативата која забранува истражување на нафта во дивината на Арктикот. Цената на оваа регулатива е повисока цена на бензините, трошок дисперзиран меѓу сите потрошувачи на бензин во државата. (15)

[20] Тонот на реториката на Андерсон и Лео ќе го наведе несвесниот читател да верува дека државата подеднакво била под влијание на интересите на корпорациите и на еколошките групи. Ова е целосно лажен впечаток. Интересите на корпорациите ги „заробија“ државните агенции и влијаеја на насоката на државните политики за животна средина многу повеќе отколку што досега влијаеја еколошките групи. Токму тоа теоријата на Андерсон и Лео за државата би го навела читателот да го очекува. Според нив, државните функционери секогаш настојуваат да ги реализираат своите приватни интереси, а групите во општеството со најголеми економски ресурси најверојатно ќе ги реализираат интересите на државните функционери.

[21] И овде читателот мора да биде претпазлив. Влијанието на корпорациите врз државата беше многу поуспешно во пренагласувањето на трошоците на еколошките регулативи отколку еколошките здруженија во прекумерното нагласување на придобивките.

[22] Два примери можат да ја илустрираат оваа поента. Индустријата за јаглен се обиде да го собори законодавството за заштита на работниците од бисиноза. Нејзините адвокати тврдеа дека според нивните проценки, трошоците на оваа легислатива ги надминуваат придобивките. Врховниот суд на САД. одлучи дека вредноста на безбедноста на работниците има предност пред повиците кон анализа на трошоци/придобивки, освен ако предложениот стандард е неостварлив или практично би ја уништил компанијата доколку се имплементира. Во познатиот случај Пинто, моторите на Форд одлучија да не инсталираат евтин безбедносен уред (11 долари) врз основа на анализата на трошоци и придобивки. Поротата утврди дека правото на безбедност на потрошувачите ги надминува трошоците/придобивките. (McGinn 235, 243)

[23] „Кој би платил пари за компјутер кој има 18.000 вакуумски цевки и просечно откажува еднаш дневно? Само војската. Одбраната платила за развојот на Електронскиот нумерички интегратор и компјутер, и креирала пазар за многу компјутери развиени во 1940-тите и раните 1950-ти. Дури кон крајот на 1950-тите се креира значаен комерцијален пазар за овие машини. Исто така, војската и НАСА ги зграпчија првите микрочипови од 100 долари по ставка во раните 1960-ти, кога никој друг не го направи тоа. DARPA (Агенцијата за развој на нови технологии за војската на САД) плати за првиот мрежен преклопник во светот во 1970-тите, унапредувајќи ја технологијата која стана основa за дигиталната комуникација. Индиректните примери од оваа деценија вклучуваат експертски системи, кои произлегуваат од серверот за извршување на деловни правила спонзориран од DARPA кон крајот на 1970-тите. И можете да ѝ се заблагодарите на DARPA и за работните станици базирани на Уникс... „Сферата на компјутерската наука, чисто и едноставно, беше измислена и стимулирана од DARPA“, вели Дaн Диманеску, консултант за технолошка политика и автор на неколку книги за политика за истражување и развој“. (Leibowitz 54-55)

[24] Друга релевантна поента е дека повеќето основни истражувања во САД. ги спроведуваат универзитетите. Во последниве години, некои од најважните извори на индустриски основни истражувања (Du Pont Central Research Laboratories, RCA Sarnoff Laboratories, централната постројка за истражување и развој на General Electric, Bell Telephone Labs) или се затворија или ја намалија својата посветеност на основните истражувања, и така улогата на универзитетските истражувања станува уште позначајна. Од 1960 година федералниот удел во финансирањето на универзитетските истражувања е стабилен на околу 63%. (За споредба, индустриските фондови сочинуваат само 6% од универзитетските истражувања). На ова мора да додадеме дека јавните фондови го субвенционираа образованието на работната сила, вклучително и на научно-техничкиот кадар.

[25] Интересно е да се забележи дека во книгата која едвај пропушта можност да ја омаловажи државата Андерсон и Лео не ја спомнуваат најлошата еколошка катастрофа директно предизвикана од државната политика: истекувањето на нуклеарен отпад генериран во производството на нуклеарно оружје.


Архива на Тони Смит | Капитализмот, природата и климатската правда
марксистичка интернет архива