Ото Риле

„Капиталот“ на Карл Маркс

(скратена верзија)


Напишано: 1939
Извор: Workers' Liberty
Транскрипција: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2023


Оваа скратена верзија на првиот том на „Капиталот“ – основата на целокупниот Марксов економски систем – е изработена од Ото Риле со голема внимателност и темелно разбирање на задачата. Она што е изоставено во прв ред се застарените примери, потоа цитатите од дела што денес предизвикуваат само историски интерес, полемиките со писатели што се одамна заборавени и, на крајот, бројните документи кои, без разлика на нивната важност за разбирањето на дадена епоха, немаат место во едно концизно изложување чија цел во прв ред е теоретска, а не историска. – Лав Троцки

Првото издание на оваа скратена верзија на „Капиталот“ содржеше вовед од Лав Троцки, подобро познат како „Марксизмот во нашето време“.


СОДРЖИНА

Оддел први: Стока и пари

Глава прва: Стоката
Глава втора: Процесот на размената
Глава трета: Парите или циркулацијата на стоките

Оддел втори: Претворањето на парите во капитал

Глава четврта: Претворање на парите во капитал

Оддел трети: Производство на апсолутниот вишок на вредноста

Глава петта: Процес на труд и процес на оплодување на вредноста
Глава шеста: Постојан капитал и променлив капитал
Глава седма: Hоpмата на вишокот на вредноста
Глава осма: Работниот ден
Глава деветта: Норма и маса на вишокот на вредноста

Оддел четврти: Производство на релативниот вишок на вредноста

Глава десетта: Поим за релативниот вишок на вредноста
Глава единаесетта: Кооперација
Глава дванаесетта: Поделба на трудот и мануфактурата
Глава тринаесетта: Машинерија и крупна индустрија

Оддел петти: Производството на апсолутниот и релативниот вишок на вредноста

Глава четиринаесетта: Апсолутен и релативен вишок на вредноста
Глава петнаесетта: Менување големината на цената на работната сила и на вишокот на вредноста
Глава шеснаесетта: Различни формули за нормата на вишокот на вредноста

Оддел шести: Наемнина

Глава седумнаесетта: Претворање на вредноста или на цената на работната сила во наемнина
Глава осумнаесетта: Наемнината од време
Глава дeвeтнaeceттa: Наемнината од парче
Глава дваесетта: Национални различности на наемнината

Оддел седми: Процесот на акумулацијата на капиталот

Глава дваесет и прва: Просто препроизводство
Глава дваесет и втора: Претворање на вишокот на вредноста во капитал
Глава дваесет и трета: Општиот закон на капиталистичката акумулација
Глава дваесет и четврта: Таканаречената првобитна акумулација

 


Оддел први

Стока и пари

Глава прва: Стоката

Двата фактора на стоката: употребната вредност и вредноста

Богатството на општествата во кои владее капиталистичкиот начин на производство се пројавува како една „грамадна збирка на стоки“, а одделната стока како негова елементарна форма. Поради тоа нашето испитување почнува со анализа на стоката.

Стоката, пред сѐ, е надворешен предмет, предмет што со своите својства ги задоволува човечките потреби од кој било вид. Природата на овие потреби, на пр. дали тие произлегуваат од стомакот или од фантазијата, ништо не ја изменува работата.

Секој полезен предмет треба да се разгледува од две гледни точки: по квалитет и по квантитет. Секој таков предмет е целост на многу својства и затоа може да биде полезен на разни страни. Да се откриваат овие разни полезни страни е историски акт.

Полезноста на некој предмет го прави него употребна вредност. Само што оваа полезност не виси во воздух. Условена со својствата на самото стоковно тело, таа без него не суштествува. Затоа самото стоковно тело, како железо, пченица, дијамант итн., е една употребна вредност или добро.

Употребната вредност се осуштествува само во употребата или во потрошувачката. Употребните вредности ја прават материјалната содржина на богатството, каква и да му е неговата општествена форма. Тие едновремено се јавуваат и како материјални носители на разменската вредност. Разменската вредност, пред сѐ, се појавува како квантитативен однос, како пропорција, во која употребните вредности од еден вид се разменуваат за употребните вредности од друг вид, еден однос што постојано се менува со времето и местото.

Да земеме две стоки, на пр. железо и пченица. Во кој однос и да се врши нивната размена, тој секогаш може да се прикаже со некоја равенка во која дадено количество пченица се изедначува со некое количество железо. Што ни покажува оваа равенка? Дека во два различни предмета суштествува нешто заедничко, од иста големина. А тоа значи дека обата се еднакви со некое трето нешто, што само по себе не е ни едниот ни другиот. Значи, мора да биде возможно секој еден од двата, до колку се разменска вредност — да се сведат на тоа трето нешто.

Ова заедничко не може да биде некое геометриско, физичко, хемиско, или некое друго природно својство на стоките. Воопшто, нивните телесни својства идат предвид само до колку тие ги прават нив употребливи, значи употребни вредности. Но, од друга страна, токму апстрахирањето од нивните употребни вредности е тоа што очигледно го окарактерисува односот во размената на стоките.

Ако ја оставиме сега настрана употребната вредност на стоковните тела, тогаш им останува уште само едно својство: својство да се производ на трудот. Но и производот на трудот веќе ни се измени во рацете. Сега тој веќе не е ни маса, ни куќа, ни преѓа, ни кој било друг полезен предмет. Сите негови сетилни својства се изгубени. Сега тој веќе не е ни производ на дрводелскиот, ни на градежниот, ни на предачкиот, ни на некој друг определен производен труд. Заедно со полезниот карактер на производите од трудот исчезнаа и полезните карактери на видовите труд претставени во него, исчезнаа значи и различните конкретни форми од тие трудови, тие веќе не се разликуваат, туку сите заедно се сведени на еднаков човечки труд, на човечки труд земен апстрактно.

Од нив не преостана ништо друго освен истата сеништна предметност, проста здрвена смеса од безразличен човечки труд, т.е. потрошок на човечка работна сила без оглед на формата на нејзиното трошење. Како кристали на оваа ним заедничка општествена супстанца тие се вредности — вредности на стоки.

Некоја употребна вредност, или добро, значи има вредност само затоа што во неа е опредметен или материјализиран апстрактен човечки труд. Па како да се мери сега големината на нејзината вредност? Со количество во неа содржан труд, „супстанцата што ја создава вредноста“.

Самото количество на трудот се мери со неговото временски траење, а работното време има пак своја мера во определени делови од времето, како што се час, ден, итн. Целокупната општествена работна сила, што се изразува во целокупната вредност на стоковиот свет, овде важи како една и иста човечка работна сила, иако таа се состои од безбројни индивидуални работни сили. Секоја од овие индивидуални работни сили е еднаква со секоја друга човечка работна сила, до колку има карактер на општествена средна работна сила и до колку дејствува како таква општествена работна сила, па значи и до колку и треба за произведување извесна стока само средно потребно или општествено потребно работно време. Општествено потребно работно време е работното време што се бара за да се изработи која била употребна вредност со постојните нормални услови за производството и со средниот степен од умеење и интензивност на трудот. На пр. по воведувањето на парниот разбој во Англија беше можеби доволно наполу помалку труд одошто порано, за да се претвори дадено количество преѓа во ткаенина. Вистина, на англискиот рачен ткајач и сега му треба за ова претворање исто онолку работно време колку и порано, само што сега производот на неговиот работен час претставува само половина од општествениот работен час и поради тоа паднал на половина од својата поранешна вредност. Според тоа, големината на вредноста од некоја употребна вредност ја определува само количеството на општествено потребниот труд или работното време што е општествено потребно за нејзината изработка. Одделната стока овде општо важи како среден егземплар од својот род.

Поради тоа големината на вредноста на некоја стока би останала постојана, кога би било постојано работното време потребно за нејзиното произведување. Воопшто: колку е поголема производната сила на трудот, толку за изработка на некој артикал се сака помалку работно време, толку е помала масата труд кристализирана во него, толку е помала неговата вредност. И обратно: колку е помала производната сила, толку е поголемо работното време потребно за изработка на извесен артикал, толку е поголема неговата вредност. Значи, големината на вредноста на една стока се изменува директно според количеството, а обратно според производната сила на трудот што се осуштествува во неа.

Некој предмет може да биде употребна вредност, а да не биде вредност. Ваков случај имаме кога неговата полза за луѓето не се постигнува со труд. Така е со воздухот, необработуваната почва, природните ливади, дрвото што диво расте итн. Некој предмет може да биде полезен и производ на човечкиот труд, а да не биде стока. Секој оној што со својот производ ја задоволува својата потреба, вистина создава употребна вредност, но не и стока. За да произведе стока, мора да произведе не само употребна вредност, туку употребна вредност за други, општествена употребна вредност. Најпосле никаков предмет не може да биде вредност, ако не е предмет за употреба. Ако е тој бесполезен, тогаш е бесполезен и трудот содржан во него, не се смета за труд и затоа не создава никаква вредност.

Двојствен карактер на трудот што е претставен во стоките

Оваа двородна природа на трудот содржана во стоката за првпат јас критички ја докажав. Бидејќи оваа точка е излезна точка, околу која се врти разбирањето на политичката економија, ќе ја расветлиме овде поодблиску.

Да земеме две стоки, да речеме еден капут и 10 аршини платно. Нека е вредноста на првата двапати поголема од вредноста на втората, така што, ако вредноста на 10 аршини платно е = W, на капутот е = 2 W.

Капутот е една употребна вредност што задоволува некоја посебна потреба. За да се направи тој, потребен е определен вид производна дејност. Оваа е определена од нејзината цел, од начинот на оперирањето, од предметот, средството и од резултатот. Трудот, чија полезност се претставува вака во употребната вредност на неговиот производ, или во тоа што неговиот производ е употребна вредност, ќе го викаме кратко полезен труд. Од оваа гледна точка трудот секогаш се разгледува со оглед на неговиот полезен ефект.

Како што капутот и платното се квалитативно различни употребни вредности, така се квалитативно различни и видовите труд со кои тие дошле до суштествување — шиењето и ткаењето.

Во целокупноста на разнородните употребни вредности или стоковните тела се пројавува една целокупност на полезните видови труд исто толку многуобразни, разделени на исто толку различни родови, видови, фамилии, подвидови и варијанти — т.е. се пројавува една општествена поделба на трудот. Таа е услов за егзистенција на стоковното производство, иако обратно стоковното производство не е услов за егзистенција на општествената поделба на трудот.

Во едно општество, каде што неговите производи општо ја земаат формата на стока, т.е. во едно општество од производители на стоки, оваа квалитативна разлика на полезните видови труд, што се вршат независно едни од други како приватни дејности на самостојни производители, се развива во еден многучлен систем, во една општествена поделба на трудот.

Употребните вредности: капутот, платното итн., накратко стоковните тела, се соединение од два елемента, од природната материја и трудот. Во своето производство човекот може да постапи само така како и самата природа, т.е. може само да ги менува формите на материјата. Нешто повеќе. Во самиот овој труд околу оформувањето човекот севезден е помогнуван од природните сили. Значи, трудот не е единствениот извор на употребните вредности, на материјалните богатства, што ги произведува. Трудот, како што вели Вилијам Пети, е неговиот татко, а земјата е неговата мајка.

Да поминеме сега од стоката, како употребен предмет, на стоката како вредност. Според нашата претпоставка, капутот има двапати поголема вредност од платното. Но тоа е само една квантитативна разлика што засега уште не нѐ интересира. Ние затоа потсетуваме дека, ако вредноста на еден капут е 2 пати поголема од вредноста на 10 аршини платно, 20 аршини платно имаат иста големина на вредноста како и еден капут. Како вредности, капутот и платната се предмети од иста супстанца, објективен израз на еднороден труд. Туку шиењето и ткаењето се квалитативно различни видови труд. И двете се производно трошење на човечкиот мозок, мускули, нерви, раце итн., а во оваа смисла обете се човечки труд. Тие се само две различни форми за потрошок на човечка работна сила. Но вредноста на стоката претставува просто човечки труд, потрошок на човечки труд воопшто.

Вистина, карактерот на самиот среден прост труд се сменува според различните земји и културни епохи, но тој е даден за секое определено општество. Покомплицираниот труд важи само како потенциран или подобро речено мултиплициран прост труд, така што едно помало количество од комплицираниот труд е еднакво со едно поголемо количество од простиот труд.

Значи, како што во вредностите на капутот и платното е апстрахирана разликата од нивните употребни вредности, така и во видовите труд што се изразени во овие вредности, е апстрахирана разликата од нивните полезни форми, од шиењето и ткаењето. Како што употребните вредности на капутот и платнато се единство на целесообразни, производни дејности од ткаенината и преѓата, а вредностите на капутот и платното напротив се само смеса од еднороден здрвен труд, исто така и видовите труд, содржани во овие вредности, не важат поради своите производни односи кон ткаенината и преѓата, туку само како потрошок на човечка работна сила.

Но капутот и платното не се само вредности воопшто, туку вредности од определена големина, а според нашата претпоставка капутот има двапати поголема вредност од 10 аршини платно. Од каде оваа разлика во големината на нивните вредности? — Оттука, што платното содржи наполу помалку труд одошто капутот, така што за производство на последниот треба работната сила да троши двапати подолго време отколку за производство на првото.

Поголемо количество употребна вредност сама по себе е и поголемо материјално богатство, два капута поголемо од еден. Со два капута можат да се облечат двајца луѓе, а со еден само еден итн. Сепак на растежната маса од материјалното богатство може да ѝ одговара еден едновременен пад на големината на неговата вредност.

Ова спротивно движење произлегува од двородниот карактер на трудот. Секој труд од една страна е потрошок на човечка работна сила во физиолошка смисла и во ова својство на еднаков човечки или апстрактен човечки труд ја создава вредноста на стоката. Од друга страна, секој труд е потрошок на човечка работна сила во посебна целесообразна форма, а во ова својство на конкретен полезен труд тој произведува употребни вредности.

Формата на вредноста или разменската вредност

Стоките се јавуваат на светов во форма на употребни вредности или на стоковни тела. Тоа им е нивната самоделска, природна форма. Сепак тие се стоки само затоа што се нешто двородно, употребни предмети, а во исто време и носители на вредноста. Според тоа, се јавуваат како стоки или имаат форма на стока само до колку имаат двородна форма: природна и вредносна форма.

Кога велиме оти стоките, како вредности, се просто здрвен човечки труд, тогаш нашата анализа ги сведува нив на вредносна апстракција, но не им дава никаква форма на вредност различна од нивната природна форма. Инаку е во односот на вредностите на една стока спроти друга. Овдека вредносниот карактер на едната стока се појавува во нејзиниот сопствен однос спроти другата стока.

Најпростиот однос на вредноста, очевидно е односот на вредноста во кој се најдува една стока спроти една единствена која било друга стока од различен вид. Затоа односот на вредностите од две стоки го дава најпростиот израз на вредноста за една стока.

А. Проста или случајна форма на вредноста

1. Двата пола на изразот на вредноста: релативната форма на вредноста и еквивалентната форма

Тајната на секоја форма на вредноста е содржана во оваа проста форма на вредноста. Поради тоа нејзината анализа претставува вистинска тешкотија. Две разнородни стоки, А и В (во нашиот пример платното и капутот) играат овде, очигледно, две различни ролји. Платното ја изразува својата вредност во капутот, а капутот служи како материјал за изразување на оваа вредност. Првата стока игра активна, а втората пасивна ролја. Вредноста на првата стока е претставена како релативна вредност или таа се најдува во релативна форма на вредноста. Втората стока функционира како еквивалент или се најдува во еквивалентна форма.

Релативната форма на вредноста и еквивалентната форма се моменти што одат еден со друг, заемно се условуваат, неразделни се, но едновремено се и спротивни крајности, што една со друга се исклучуваат, т.е. тие се полови на ист израз на вредноста, секојпат се разделуваат на различни стоки, кои изразот на вредноста ги става во меѓусебен однос.

Дали сега некоја стока се најдува во релативна форма на вредноста или во спротивната еквивалентна форма, секојпат зависи исклучиво од нејзиното место во изразот на вредноста, т.е. од тоа дали е таа стока што ѝ се изразува вредноста или е стока со која се изразува вредноста.

2. Релативната форма на вредност

а) Содржина на релативната форма на вредноста

Во однос на вредноста на платното, капутот важи како нешто квалитативно еднакво со платното, како предмет од иста природа; бидејќи тој е вредност. Затоа овде важи како предмет во кој се појавува вредноста, или кој ја претставува вредноста со својата опипливо природна форма. Вистина, сега капутот, телото на капутската стока, е само употребна вредност. За производството на капутот вистински е потрошена во форма на шиење човечка работна сила. Значи, во него е натрупан човечки труд. Од таа страна капутот е „носител на вредност“, иако самото ова негово својство не се проѕира низ него дури и кога е тој излитен. А во својот вредносен однос спрема платното тој истапува од таа страна, а поради тоа како овоплотена вреднаст, како тело на вредноста.

Според тоа во односот на вредностите, во кој капутот е еквивалент на платното, капутската форма важи како форма на вредноста. Затоа вредноста на стоката платно се изразува во телото на стоката капут, вредноста на едната стока во употребната вредност на другата.

Се гледа дека сѐ што ни покажа порано анализата на стоковната вредност, ни го покажува и самото платно штом тоа влезе во врска со друга стока, со капутот. Само што тоа своите мисли ги предава само на нему својствен јазик, на стоковниот јазик. За да каже дека неговата сопствена вредност ја чини трудот со своето апстрактно својство на човечки труд, тоа вели дека капутот, до колку е од еднаква вредност со него, значи до колку е вредност, се состои од истиот труд од кој и платното. За да каже дека возвишената предметност на неговата вредност се разликува од неговото здрвено ленено тело, тоа вели дека вредноста изгледа хако капут и дека поради тоа, како предмет од вредност, и самото е еднакво со капутот како едно јајце со друго.

б) Квантитативна определеност на релативната форма на вредноста

Равенката: „20 аршини платно = 1 капут, или 20 аршини платно вредат еден капут“, претполага дека во 1 капут се најдува точно толку супстанца на вредноста, колку што има во 20 аршини платна, значи обете стоковни количества прават еднакво количество труд, или работно време од еднаква големина. Но потребното работно време за производството на 20 аршини платно или на 1 капут се менува со секоја измена во производната сила на ткаењето или шиењето. Ние треба сега да го испитаме поодблиску влијанието од таквите измени врз релативниот израз на големината на вредноста:

I. Се менува вредноста на платното, а вредноста на капутот останува иста.

II. Вредноста на платното останува постојана, додека вредноста на капутот се менува.

III. Се менува во исто време, во ист правец и во иста сразмера, количеството на трудот потребно за производство на платното и за производство на капутот.

ІV. Се менува работното време потребно за производство на платното и за производство на капутот, а со тоа и нивните вредности, во исто време, во ист правец, но во нееднаков степен или во спротивен правец итн. Релативната вредност на некоја стока може да се измени иако нејзината вредност останува постојана. Нејзината релативна вредност може да остане постојана иако се изменила нејзината вредност, и најпосле едновремените измени во големината на нејзината вредност и во релативниот израз на овие големини од вредноста, никако не мораат да се совпаднат.

3. Еквивалентната форма

Еквивалентната форма на некоја стока е форма на нејзината непосредна разменливост за друга стока.

Првата особеност што паѓа в очи при разгледувањето на еквивалентната форма е следнава: употребната вредност станува форма во која се пројавува нејзината спротивност, вредноста. Природната форма на стоката станува форма на вредноста. Втората особеност на еквивалентната форма е во тоа што конкретниот труд станува форма во која се пројавува неговата спротивност, апстрактниот човечки труд.

4. Целоста на простата форма на вредноста

Внатрешната спротивност меѓу употребната вредност и вредноста притаена во стоката, се претставува, значи, со една надворешна спротивност, т.е. со односот на две стоки, во кои едната стока, чија вредност треба да се изрази, важи непосредно само како употребна вредност, а, напротив, другата стока, со која се изразува вредноста, важи непосредно само како разменска вредност. Така, простата форма на вредноста на некоја стока е проста форма во која се појавува спротивноста содржана во неа меѓу употребната вредност и вредноста.

Меѓутоа, поединечната форма на вредноста и сама преминува во една попотполна форма. Така сега, во зависност од тоа како една иста стока влегува во однос на вредноста де со еден де со друг вид стока, никнуваат различни прости изрази на вредноста на една иста стока. Бројот на возможните изрази на нејзината вредност е ограничен само со бројот на видовите стоки различни од неа. Затоа поединечниот израз на нејзината вредност се претвора во постојано продолжлива редица на нејзините различни прости изрази на вредноста.

В. Полна или развиена форма на вредноста

1. Развиената релативна форма на вредноста

Платното со својата форма на вредноста стои во општествен однос не само со еден поединечен инаков вид стока, туку со светот на стоките. Како стока, тоа е граѓанин на овој свет. Едновремено бескрајната низа од изрази на вредноста на стоките ни го кажува и тоа дека на вредноста ѝ е сеедно во која посебна форма на употребна вредност ќе се пројавува.

Во првата форма: 20 аршини платно = 1 капут може да биде случаен фактот, што тие две стоки се разменливи во определен квантитативен однос. Напротив, во втората форма веднаш се расветлува заднината што се разликува од основа од случајната појава, што ја определува неа.

2. Недостатоци на полната или развиената форма на вредноста

Недостатоците на развиената релативна форма на вредноста се огледуваат и во соодветната нејзина еквивалентна форма. Отпаднува случајниот однос меѓу двајца индивидуални сопственици на стоки. Станува очевидно дека размената не ја регулира големината на вредноста на стоката туку обратно, големината на вредноста на стоките го регулира нејзиниот однос во размената.

С. Општа форма на вредноста

1. Изменет карактер на формата на вредноста

Кога некој човек ќе го размени своето платно за многу други стоки, и поради тоа вредноста на платното ќе ја изрази во низа други стоки, тогаш многуте други сопственици на стоки нужно мораат да ги разменат своите стоки за платното и со тоа да ја изразат вредноста на своите различни стоки во една иста трета стока, во платното. Па добиваме општа форма на вредноста: 1 капут = 20 аршини платно, 10 фунти чај = 20 аршини платно, 40 фунти кафе = 20 аршини платно, 1 квартер пченица = 20 аршини платно, 2 унци злато = 20 аршини платно, 1/2 тон железо = 20 аршини платно, х стока А = 20 аршини платно итн. Сега стоките ги изразуваат своите вредности: 1 просто, зашто ги изразуваат во една единствена стока и 2) единствено, зашто ги изразуваат во една иста стока.

Сега вредноста на секоја стока, како еднаква на платното, не се разликува само од нејзината сопствена употребна вредност, туку од секоја употребна вредност, и така, со тоа е изразено она што е во неа еднакво со сите други стоки. Поради тоа дури оваа форма вистински ги доведува стоките во однос една спрема друга како вредности, или прави да се покажуваат тие меѓу себе како разменски вредности.

Општата форма на вредноста, што ги претставува производите на трудот како прости здрвенки од безразличен човечки труд, покажува со самиот свој склоп оти таа е општествен израз на стоковниот свет.

Така таа ни открива дека во рамките на стоковниот свет општо човечкиот карактер на трудот го сочинува неговиот специфичен општествен карактер.

2. Однос меѓу развитокот на релативната форма на вредноста и еквивалентната форма

На степенот на развитокот на релативната форма на вредноста и му одговара степенот на развитокот на еквивалентната форма. Но треба добро да се има предвид дека развитокот на еквивалентната форма само е израз и резултат од развитокот на релативната форма на вредноста. Простата и поединечна релативна форма на вредноста на некоја стока ја прави некоја друга стока поединечен еквивалент.

Развиената релативна форма на вредноста, изразувањето на вредноста на една стока во сите други стоки, им дава форма на разнородни посебни еквиваленти. Конечно, еден особен вид стока прима форма на општ еквивалент, затоа што сите други стоки ја направиле материјал за својата единствена општа форма на вредноста.

Една стока, платното, се најдува во форма на непосредна разменливост со сите други стоки или во непосредна општествена форма, зашто не се најдуваат и до колку не се најдуваат сите други стоки во неа. Обратно, стоката што фигурира како општ еквивалент е исклучена од единствената, а со тоа и од општата релативна форма на вредноста од стоковниот свет.

3. Премин од општата форма на вредноста во парична форма

Специфичниот вид стока, на која природната форма општествено ѝ сраснува со еквивалентната форма, станува парична стока или функционира како пари. Да ја игра ролјата на општ еквивалент во рамките на стоковниот свет, станува нејзина специфична општествена функција, а со тоа и нејзин општествен монопол.

Ова привилегирано место меѓу стоките го освојува една определена стока — имено златото.

D. Парична форма

Ја добиваме паричната форма: 20 аршини платно = 2 унци злато, 1 капут = 2 унци злато, 10 фунти чај = 2 унци злато, 40 фунти кафе = 2 унци злато, 1 квартер пченица = 2 унци злато, 1/2 тон железо = 2 унци злато, x стока А = 2 унци злато.

Златото истапува пред другите стоки како пари само затоа што порано истапувало веќе пред нив како стока. Како и сите други стоки таа функционирало како еквивалент, било како одделен еквивалент во одвоени актови на размената, било како посебен еквивалент, покрај другите еквивалентни стоки. Малку по малку, златото фатило да функционира како општ еквивалент во потесни и пошироки кругови.

Штом извојувало монопол на ова место во изразот на вредноста од стоковниот свет, златото станало парична стока, и дури од моментот кога станало тоа веќе парична стока, општата форма на вредноста се претворила во парична форма.

IV. Фетишкиот карактер на стоката и неговата тајна

На прв поглед стоката изгледа сама по себе разбирлива, нешто тривијално. Од нејзината анализа излегува оти таа е нешто сосем проколнато, полно со метафизички итроштини и теолошки мушички. До колку е употребна вредност, на неа нема ништо мистериозно.

Јасно е дека човекот со својата дејност ги менува формите на природните материи на начин што му е нему полезен. На пример, се менува формата на дрвото кога ќе се направи од него маса, но сепак масата си останува дрво, обичен сетилен предмет.

Но, штом таа ќе истапи како стока, се претвора во еден сетилен и натсетилен предмет. Таа не само што стои на свои нозе на земја, ами застанува на глава пред сите други стоки, та од својата дрвена глава пушта многу почудни мушички отколку да фати сама од себе да игра.

Мистичниот карактер на стоката не произлегува од нејзината употребна вредност. Тој, исто така, не произлегува ни од содржината на определбите на вредноста. Па тогаш од што произлегува загадочниот карактер на производот на трудот штом ќе земе форма на стока? Очевидно од самата оваа форма.

Значи, таинственоста на стоковната форма се состои просто во тоа што таа им ги одразува на луѓето општествените карактери на нивните сопствени трудови како предметни карактери на самите производи на трудот, како општествени својства што произлегуваат од природата на овие предмети, а оттука и општествениот однос на производителите спроти целокупниот труд им го одразува како еден општествен однос меѓу предметите што постојат надвор од нив. Со ова заменување производите на трудот стануваат стоки, сетилни и натсетилни, или општествени предмети. Овдека се случува само тоа, што определениот општествен однос меѓу самите луѓе зема во нивните очи фантасмагорична форма на еден однос меѓу предметите. И за да му најдеме некоја аналогија на тоа, ние мораме да се свртиме кон магловитите региони на верскиот свет. Во него производите на човечката глава се појавуваат како самостојни суштества, надарени со сопствен живот, и кои се најдуваат во однос меѓу себеси како и со луѓето. Така и со производите на човечките раце во стоковниот свет. Ова јас го викам фетишизам, што се прилепува на производите на трудот штом тие се произведуваат како стоки, и поради тоа е неразделно сврзан со стоковното производство.

Овој фетишки карактер на стоковниот свет произлегува од особениот општествен карактер на трудот што произведува стока. Употребните предмети воопшто стануваат стоки само затоа што тие се производи на приватни трудови што се вршат независно еден од друг. Комплексот на овие приватни видови труд го сочинува целокупниот општествен труд. Како што производителите стапуваат во општествен контакт дури со размената на производите на својот труд, така и специфичните општествени карактери на нивните приватни трудови се пројавуваат само во рамките на таа размена. Или, приватните трудови вистински се покажуваат како зглобови на целокупниот општествен труд дури со односот во кој ги доведува размената меѓу производите на трудот, а преку нив и меѓу производителите. Затоа на последниве им се прикажуваат општествените односи на нивните приватни трудови онакви какви што се, т.е., не како непосредни општествени односи на самите лица во нивните трудови, туку, напротив, како предметни односи меѓу лицата, а општествени односи меѓу предметите.

Дури во рамките на својата размена производите на трудот добиваат една општествено еднаква предметност на вредноста одделена од нивната сетилно различна употребна предметност. Од овој момент приватните трудови на производителите навистина добиваат двороден општествен карактер. Од една страна, како определени полезни видови труд, тие мораат да задоволат една општествена потреба и така да се потврдат како зглобови на целокупниот труд, на самоникнатиот систем на општествената поделба на трудот. Од друга страна, тие ги задоволуваат разнообразните потреби на своите сопствени производители само до колку секој одделен полезен приватен труд е разменлив за секој друг вид полезен приватен труд, значи само до колку е еднаков со него.

Мозокот на приватните производители го одразува двородниот општествен карактер на нивните трудови само во формите што се јавуваат во практичните односи, во размената на производите – значи општествено полезниот карактер на нивните приватни трудови се јавува во формата, во која производот на трудот мора да биде полезен, и тоа за други – а општествениот карактер на еднаквоста на разновидните трудови се појавува во формата на заедничкиот вредносен карактер на овие материјално различни предмети, на производите на трудот.

Значи, луѓето не ги доведуваат своите производи на трудот еден спроти друг како вредности, тие предмети важат за нив само како материјални обвивки на еднородниот човечки труд. Обратно. Кога во процесот на размената ги изедначуваат еден со друг своите различни производи како вредности, тие ги изедначуваат еден со друг своите различни трудови како човечки труд. Тие ова не го знаат, но го прават. Според тоа, на вредноста не ѝ пишува на челото што е таа. Нешто повеќе, вредноста го претвора секој производ на трудот во општествен хиероглиф. Отпосле луѓето се обидуваат да ја одгатнат смислата на хиероглифите, да вникнат во тајната на својот сопствен општествен производ; бидејќи определбата на употребните предмети како вредности е исто така нивни општествен производ како и јазикот. Доцното научно откритие, дека производите на човечкиот труд, до колку тие се вредности, се само материјален израз на човечкиот труд потрошен за нивното произведување, прави епоха во историјата на развитокот на човештвото, но никако не го отстранува предметниот привид на општествениот карактер на трудот.

Кога ќе речам дека капутот, чизмите итн. се однесуваат спроти платното како спроти општо овоплотување на апстрактниот човечки труд, тогаш глупоста на овој израз боде в очи. Но, кога производителите на капутот, чизмите итн. ги доведуваат овие стоки во однос спроти платното – или спроти златото и среброто, што работата во ништо не ја менува – како спроти општ еквивалент, тогаш односот на нивните приватни трудови според целокупниот општествен труд им се покажува точно во таа глупава форма. И токму такви форми ги сочинуваат категориите на буржоаската економија. Тоа се форми на мислење со општествена важност, значи објективни форми на мислење, за односите во производството на овој историски определен општествен начин на производството, на стоковното производство. Поради тоа сиот мистицизам на стоковниот свет, сите привиденија и сторенија што ги замаглуваат производите на трудот врз основа на стоковното производство, веднаш исчезнуваат штом ќе преминеме кон другите форми на производството.

Кога стоките би можеле да зборуваат, тие би кажале: нашата употребна вредност може да ги интересира луѓето. Нам како на предмети таа не ни припаѓа. Она што ни припаѓа нам како на предмети е нашата вредност. Тоа го докажуваат нашите сопствени соодноси како предмети – стоки. Ние се однесуваме една спрема друга само како разменски вредности. Ова е чудна околност што употребната вредност на предметот се реализира за човекот без размена, значи во непосреден однос меѓу човекот и предметот, а нивната вредност, напротив, само во размена, т.е. само во еден општествен процес. Кој не би се сетил овдека за добриот Догбери како го подучува ноќниот стражар Сикоул: „Да бидеш личен човек, е дар од околностите, но да знаеш да читаш и да пишуваш, иде од природата“.

 


Глава втора: Процесот на размената

Стоките не можат сами да одат на пазар нити да се разменуваат сами. Затоа треба да ги најдеме нивните чувари, стопаните на стоките. Стоките се предмети и затоа безотпорни спроти човекот. Ако не сакаат милум, тој може да употреби сила, инаку речено да ги земе. За да ги доведуваат овие предмети во однос еден спрема друг како стоки, нивните чувари мораат да се држат еден спрема друг како персони чија волја обитава во овие предмети, така што едниот само со волјата на другиот, значи секој од нив само врз заеднички акт на волјата од обајцата може да присвојува туѓи стоки и со тоа да ги отуѓува своите сопствени. Затоа тие мораат да се признаат еден со друг како приватни сопственици. Овој правен однос, чија форма е договорот, било да е оваа форма законски развиена или не, е еден однос на волјите во кој се изразува економскиот однос. Содржината на овој правен однос, или на односот на волјите му ја дава самиот економски однос. Лицата овдека постојат едно за друго само како претставници на стоки, и со тоа како стопани на стоки. Економските карактерни маски на лицата се само персонификација на економските односи, и дека лицата настапуваат еден спроти друг како носители на овие односи.

За стопанот неговата стока нема непосредна употребна вредност. Инаку не би ја изнесол на пазар. Таа има употребна вредност за други. Непосредно за него таа има само употребна вредност што е носител на разменска вредност, значи што е средство за размена.

Затоа тој сака да ја отуѓи неа за стока чија употребна вредност него ќе го задоволи. Сите стоки се неупотребни вредности за своите стопани, а употребни вредности за своите нестопани.

Ова значи дека тие треба да одат од рака на рака во сите правци. На ова преместување од рака на рака ја прави нивната размена, а нивната размена ги доведува нив во однос една спроти друга како вредности и ги реализира како вредности. Затоа стоките мораат претходно да се реализираат како вредности, пред да можат да се реализираат како употребни вредности. Од друга страна, тие мораат да се потврдат како употребни вредности, пред да можат да се реализираат како вредности. Зашто човечкиот труд потрошен на нив се смета само до колку е потрошен во една форма полезна за други. Но само размената може да покаже дали е тој полезен за други, дали, според тоа, неговиот производ задоволува туѓи потреби.

Секој стопан на стока сака да ја отуѓи својата стока само за таква туѓа стока, чија употребна вредност ги задоволува неговите потреби.

До толку за него размената е само индивидуален процес. Од друга страна, тој сака да ја реализира својата стока како вредност, значи да ја реализира по својата волја во секоја стока од иста вредност, па имала сега или немала неговата сопствена стока употребна вредност за стопанот од другата стока. До толку размената за него е општ општествен процес. Но истиот процес едновремено не може да биде за сите стопани на стоки само индивидуален и наедно само општ општествен.

Размената на стоките започнува каде што се завршуваат заедниците, на допирните точки со туѓите заедници или со членовите на туѓите заедници. Но штом предметите еднаш ќе станат стоки за надворешниот живот на заедницата, тие, со обратно дејство, стануваат стоки и во нејзиниот внатрешен живот. Квантитативниот однос на нивната размена отпрва е сосем случаен. Притоа, потребата за туѓи употребни вредности малку по малку се утврдува. Со постојаното повторување, размената станува редовен општествен процес. Оттука, со текот на времето, барем еден дел од производите на трудот почнуваат да се произведуваат со цел за размена. Од овој момент, од една страна, се утврдува разликувањето меѓу полезноста на предметот за непосредна потреба и неговата полезност за размена. Нивната употребна вредност се разделува од нивната разменска вредност. Квантитативниот однос, од друга страна, во кој тие се разменуваат, станува зависен од самото нивно производство. Навиката ги утврдува како големини на вредност.

Во непосредната размена на производите секоја стока е непосредно средство за размена за својот стопан, а еквивалент за својот нестопан, но само до колку таа за него е употребна вредност. Според тоа, артикалот што се разменува уште не добива форма на вредност, независна од неговата сопствена употребна вредност. Нужноста од оваа форма се развива со зголемувањето на бројот и разнообразноста на стоките што влегуваат во процесот на размената. Задачата никнува едновремено со средството за нејзино решавање.

Одредена трета стока, со тоа што станува еквивалент за разни други стоки, иако во тесни рамки, добива непосредна форма на општ или општествен еквивалент. Оваа општа еквивалентна форма изникнува и ја снемува со моменталниот општествен допир, од кој се родила. Таа едноподруго и за кратко време ѝ припаѓа де на оваа, де на онаа стока. Во прво време зависи само од случајот за кој вид стока таа ќе се прилепи. Но, главно, решавачко значење имаат две околности. Паричната форма се прилепува, или за најважните артикли што се земаат за размена од странство, или за оној употребен предмет што го сочинува основниот елемент на домашниот отуѓлив посед, како што е, на пр. добитокот.

Луѓето често ги направиле примитивен паричен материјал и самите луѓе, во ликот на робовите, но земјата никогаш. Таква идеја можеше да изникне само веќе во развиено буржоаско општество.

Паричниот кристал е нужен производ од процесот на размената, и со него разнородните производи на трудот вистински се изедначуваат, а со тоа и вистински се претворуваат во стока. Според тоа, во иста мера во која се врши претворањето на производот на трудот во стока, се врши и претворањето на стоката во пари.

Адекватна форма во која се пројавува вредноста, или материјализацијата на апстрактен, и оттука еднаков човечки труд, може да биде само една материја, од која сите егземплари имаат ист еднообразен квалитет. Од друга страна, бидејќи разликата во големината на вредноста е чиста квантитативна, паричната стока мора да биде способна за чисто квантитативни разлики, значи да биде способна за произволно делење и за повторно составување од своите делови. А златото и среброто ги имаат овие својства од природа.

Паричната форма е само одблесок на односите од сите други стоки застанат на една стока. Туку дека парите се стока, е откритие само за оној, што тргнува од нивниот готов лик, за отпосле да го анализира него. Процесот на размената не ѝ ја дава вредноста на стоката, што ја претвора тој во пари, туку ѝ ја дава нејзината специфична форма на вредност. Мешањето на овие две определби доведе до заблудата, да се смета вредноста на златото и среброто како вообразена. Бидејќи во определена функција парите можат да се заменат со прости парични знаци, оттука произлезе другата заблуда, дека парите се само еден прост знак.

Како секоја стока, златото може да ја изрази својата сопствена големина на вредноста само релативно во други стоки. Неговата сопствена вредност ја определува работното време потребно за неговото производство, а се изразува со количеството на секоја друга стока, во која се стврднало исто толку работно време. Штом ќе влезе тоа во циркулацијата како пари, неговата вредност е веќе дадена.

И не изгледа дека таа стока станала пари само затоа што сите други стоки ги изразуваат во неа сестрано своите вредности, туку обратно, изгледа дека тие ги изразуваат во неа своите вредности затоа што таа е пари. Движењето што доведе до ова се губи во својот сопствен резултат не оставајќи трага од себе.

Без своето учество стоките наидуваат на готов облик на својата вредност во стоковното тело што суштествува надвор од нив и крај нив. Овие предмети, златото и среброто, такви какви што излегуваат од земјината утроба, се едновремено и непосредно отеловување на сиот човечки труд. Оттука и магијата на парите. Загатката на паричниот фетиш е само загатка на стоковниот фетиш, но само што е очевидна и ги засенува очите.

 


Глава трета: Парите или циркулацијата на стоките

Првата функција на златото се состои во тоа, што му дава на стоковниот свет материјал за изразување на вредноста на стоките, или што ги претставува стоковните вредности како едноимени големини, квалитативно еднакви и квантитативно споредливи. Така тоа функционира како општа мера на вредноста и дури со оваа функција, специфичната еквивалентна стока златото, станува пари.

Стоките не стануваат измерливи низ парите. Напротив. Токму затоа што како вредности сите стоки се опредметен човечки труд, поради што сами па себе се измерливи, тие можат и заеднички да ги мерат своите вредности со иста специфична стока и со тоа да ја претвораат оваа во заедничка мера на своите вредности, или во пари. Парите како мера во вредноста се нужна форма во која се пројавува иманентната мера на вредноста на стоката, на работното време.

Изразот на вредноста од некоја стока во злато е нејзина парична форма или нејзина цена.

Цената на стоките, како нивна форма на вредноста воопшто, е една форма што се разликува од нивната опиплива, реална телесна форма, значи е само идеална или замислена форма. Поради тоа чуварот на стоките мора да им го даде на заем својот јазик или да им закачи книжни ливчиња за да му ги соопшти на надворешниот свет нивните цени. Секој стопан на стоки знае, дека нему не му треба ни грам вистинско злато, за да цени во злато милиони стоковни вредности.

Ако златото и среброто служат едновремено како мера на вредноста, сите стоки имаат два различни ценовни израза, златна цена и сребрена цена, кои мирно одат една крај друга сѐ додека не се измени односот на вредноста на среброто спроти златото.

Стоковните вредности се претвораат во замислени количества злато од разни големини, и покрај разнообразноста на стоковните тела, тие се претвораат во едноимени големини, во златни големини. Како такви различни количества злато тие меѓусебно се споредуваат и мерат, та се развива техничка нужда да се доведат во однос спроти некое утврдено количество злато како спроти своја единица за мера. Самата оваа единица со натамошната поделба на аликвотни делови се развива во мерка. Пред да станат пари, златото, среброто и бакарот веќе имаат такви мерки во своите метални тежини.

Како мера на вредноста и како мерка на цената парите вршат две сосем различни функции. Како општествена овоплотување на човечкиот труд тие се мера на вредноста, како утврдена тежина на металите тие се мерка на цената. Како мера на вредноста служат за тоа да ги претворат вредностите од разнообразноста стоки во цени, во замислени количества злато, како мерка на цената тие ги мерат овие количества злато. Со мерата на вредноста се мерат стоките како вредност, мерката на цената напротив ги мери количествата злато со едно количество злато, а не вредноста на едно количество злато со тежината на друга. За мерка на цената мора да се утврди една определена тежина злато како мерна единица. Мерката на цените толку подобро ќе ја исполнува својата функција колку едно исто количество злато понеизменливо ќе служи како мерна единица.

Колку и да се изменува вредноста на златото, вредноста на различните негови количества секогаш ќе остане во еднаков однос една со друга.

Општо кревање на цените на стоките може да настапи при истата вредност на парите само ако се кренат вредностите на стоките; при истите вредности на стоките, само ако падне вредноста на парите. И обратно. Цените на стоките можат општо да паднат при истата вредност на парите, само ако паднат вредностите на стоките; при истата вредност на стоките, само ако се крене вредноста на парите. Од тоа никако не следува дека кревањето на вредноста на парите повлекува по себе сразмерно паѓање на стоковните цени, а паѓањето на вредноста на парите сразмерно кревање на стоковните цени. Ова важи само за стоките со неизменета вредност.

Паричните имиња на металните тежини постепено се одделуваат од нивните првобитни тежински имиња поради разни причини. Фунта, на пр., била парично име за една вистинска фунта сребро. Но штом златото го истисна среброто како мера на вредноста, истото име ѝ се дава можеби на една 1/15 — итн. од фунта злато, веќе според тоа каков е односот на вредноста меѓу златото и среброто. Сега фунтата како парично име, и фунтата како обично име за златната тежина се разделува.

Бидејќи паричната мерка, од една страна, е чисто конвенционална, а од друга страна, нејзе ѝ е нужна општа важност, најпосле таа се регулира законски. Еден определен тежински дел од благородниот метал, на пр. 1 унца злато, официјално се разделува на аликвотни делови, и се крштеваат со законски имиња како фунта, талир итн. Ваков аликвотен дел, што важи тогаш како вистинска мерна единица за пари, се дели надолу на други аликвотни делови со законски имиња како шилинг, пени итн. Определените метални тежини и натаму остануваат мерки на металните пари. Тоа што се изменува, е разделувањето и именувањето. На овој начин, со своите парични имиња, стоките си кажуваат што вредат, а парите важат како сметковни пари секојпат кога треба некој предмет да се фиксира како вредност, поради тоа во парична форма.

Цената е парично име на трудот опредметен во стоката. Поради тоа еквивалентноста на стоката со количеството пари, чие име е нејзината цена, е една тавтологија, како што воопшто релативното изразување на вредноста на една стока секојпат е изразување на еквивалентност од две стоки.

Но ако цената како показател на големината на вредноста на стоката е и показател на нејзиниот разменски однос спрема парите, тоа оттука не излегува и обратното, поради тоа што е показател на нејзиниот разменски однос спрема парите, да е нужен показател на големината на нејзината вредност. Големината на вредноста на стоката, значи, изразува нужен однос на стоката спрема општественото работно време, однос што му припаѓа на самиот процес на нејзиното создавање. Со претворањето на големината на вредноста во цена, овој нужен однос се појавува како разменски однос на некоја стока, спроти паричната стока, што постои надвор од неа. Во овој однос може да се изразува како големината на вредноста на стоката, така и помалкуто или повеќето од таа големина за кое може да се отуѓи стоката под дадени околности.

Значи, возможноста за квантитативно несовпаѓање меѓу цената и големината на вредноста лежи во самата ценовна форма. Таа не е недостаток на оваа форма, туку токму обратно, таа ја прави адекватна форма за начинот на производство во кој правилното може да се спроведува само како слеп среден закон на бесправилности.

Но формата на цената може да крие во себеси и една квалитативна противречност, така што цената воопшто престанува да биде израз на вредноста, иако самите пари се само форма на стоковните вредности. Нешта, што сами по себе не се стоки, на пример совеста, честа итн. можат нивните стопани да ги изнесат на пазар за пари, и така тие со својата цена добиваат форма на стока. Оттука една нешто формално може да има цена, а да нема вредноста. Ценовниот израз овдека станува имагинарен, како извесни математички големини. Од друга страна и имагинарната ценовна форма, како на пр. цената на необработената земја, која нема вредност, зашто во неа не е материјализиран никаков човечки труд, може да крие во себеси вистински однос на вредноста или од овој изведен однос.

Ценовната форма ја вклучува способноста за отуѓување на стоката за пари, а и нужноста за такво отуѓување. Од друга страна, златото функционира само како идеална мера за вредност само затоа што во процесот на размената веќе се обрнува како парична стока. Оттука зад замислената мера на вредноста ѕирка ѕвекотливото злато.

До колку процесот на размената ги пренесува стоките од раце, каде што тие не се употребна вредност, во раце каде што тие се употребна вредност, тој е општествено разменување на материјата. Производот од еден полезен начин на труд се заменува со производот од друг. Штом ќе дојде на местото, каде што ќе служи како употребна вредност, стоката излегува од сферата на стоковната размена и влегува во сферата на потрошувачката. Овдека нас нѐ интересира само првата сфера. Според тоа, целиот процес ќе го разгледаме од страна на неговата форма, значи, само измената на формата или метаморфозата на стоката, низ која се извршува општественото разменување на материјата.

Сосем погрешните разбирања за оваа измена на формата, а и да не гледаме на нејасноста на поимот за самата вредност, се должат на околноста што секоја измена во формата на една стока се врши во размената на две стоки, на една проста стока и една парична стока. Кој се запира само на овој материјален момент, тој го испушта од предвид токму она што треба да го види, имено што станува со формата. Тој испушта од предвид дека златото само како стока уште не е пари, и дека другите стоки низ своите цени се однесуваат спроти златото како спроти свој сопствен паричен лик.

Во процесот на размената отпрво стоките влегуваат непозлатени, невшеќерени, како што ги мајка родила. Тој произведува вудвојување на стоките во стока и пари, надворешна спротивност, во која тие ја изразуваат нивната внатрешна спротивност меѓу употребната вредност и вредноста. Во оваа спротивност стоките како употребни вредности им противстојат на парите како разменска вредност. Од друга страна, на обете страни на спротивноста се стоки, значи единство на употребната вредност и вредноста. Но ова единство на различностите се претставува на секој од обата полови обратно и едновремено со тоа ги претставува нивните взаемни односи. Стоката е реална употребна вредност, а нејзиното вредносно битие се пројавува само идеално во нејзината цена, која ја доведува неа спроти златото што ѝ противстои како реален лик на нејзината вредност. Спротивно, златниот материјал важи само како материјализација на вредноста, како пари. Затоа златото реално е разменска вредност. Овие противстојни форми на стоките се вистинските движечки форми во процесот на нивната размена.

Процесот на размената се врши во две спротивни метаморфози што заемно се дополнуваат и во следнава измена на формите:

Стока (С) — Пари (П) — Стока (С)

Но, едниот процес е двостран процес, од полот на стопанот на стоката е продажба, од спротивниот пол на стопанот на парите е купувачка. Или продажбата е купувачка, С — П е едновремено П — С. Како агент на продажбата, стопанот станува продавач, како агент на купувачката купец.

Во својата најпроста форма целокупната метаморфоза на некоја стока претпоставува четири крајности и три дејствени лица. Прво спроти стоката стапуваат парите како нејзин вредносен лик, што се од онаа страна, во туѓиот џеб, кои имаат предметно сетилна реалност. Така истапува спроти стопанот на стоката некој стопан на пари. Штом ќе се претвори сега стоката во пари, последниве стануваат нејзина исчезнувачка еквивалентна форма, чија употребна вредност или содржина постои од оваа страна, во други стоковни тела. Парите, како завршна точка од првата преобразба на стоката, едновремено се и излезна точка на втората. Така продавачот од првиот акт станува купец во вториот, во кој спроти него истапува еден трет стопан на стока како продавач.

Обете спротивни фази од движењето на метаморфозата на стоката образуваат еден кружен тек: стоковна форма, лишување од стоковна форма, враќање во стоковна форма. Секако, самата стока овде има противстојни определби. Во излезната точка таа е неупотребна вредност, а во завршната точка употребна вредност за нејзиниот стопан. Така парите отпрво се покажуваат како тврд кристал на вредноста во која се претвора стоката, а после се растопува во нејзината гола еквивалентна форма. Кружниот тек што го опишува редицата од метаморфози на секоја стока, нерасплетно се сплеткува во кружните текови на другите стоки. Целокупниот процес се претставува како циркулација на стоките.

Ништо не може да биде поглупаво од догмата, дека стоковната циркулација нужно условувала рамнотежа меѓу продажбата и купувачката, дека секоја продажба е купувачка и обратно. Продажбата и купувачката се еден идентичен акт, како меѓусебен однос од две полусно противставени лица, стопанот на стоката и стопанот на парите. Идентичноста на продажбата и купувачката го вклучува во себе тоа дека стоката ќе стане бесполезна, ако, фрлена во алхемичарската реторта на циркулацијата, не излезе од неа како пари. Натаму, оваа идентичност го содржи тоа дека процесот, кога тој успее, прави една пауза, еден период во животот на стоката, кој може да биде подолг или покус. Никој не може да продаде без некој друг да купи. Но никој не мора веднаш да купи, затоа што сам веќе продал. Циркулацијата ги разбива временските, месните и индивидуалните граници на размената на производите токму со тоа, што непосредната идентичност меѓу давањето во размена на својот сопствен производ на трудот и земањето во замена на туѓ, ја расцепува на два спротивни акта — на продажба и на купувачка. Тоа што процесите, кои самостојно истапуваат еден спроти друг, прават едно внатрешно единство, значи е токму така како да се рече дека нивното внатрешно единство се движи во надворешни спротивности. Кога надворешното осамостојување на внатрешно несамостојните процеси, т.е. процеси што се дополнуваат еден со друг, достигне извесна точка, тогаш единството ќе се постави со сила — со криза.

Иманентната спротивност на стоката меѓу употребната вредност, и вредноста меѓу приватниот труд што едновремено мора да се покаже и како непосреден општествен труд, меѓу посебниот конкретен труд, што едновремено важи само како апстрактен општи труд, меѓу персонификацијата на предметите и опредметувањето на лицата — оваа иманентна противречност добива во спротивностите на метаморфозата на стоката развиена форма на нејзиното движење. Поради тоа овие форми ја вклучуваат во себеси можноста, на само можноста за криза. За да се развие оваа можност во реалност, потребен е цел круг односи, што во рамките на простата стоковна циркулација дури уште и не суштествуваат. Движењето на стоката е кружен тек. Од друга страна, истата форма го исклучува кружниот тек на парите. Неговиот резултат е постојано оддалечување на парите од нивната излезна точка, а не враќање кон неа.

Во нејзината прва половина од циркулацијата стоката го сменува местото со парите. Едновремено со тоа нејзиниот употребен лик излегува од циркулацијата во потрошувачката. На нејзино место застанува нејзиниот вредносен лик или паричната ларва. Втората половина од циркулацијата таа веќе не ја преминува во нејзината сопствена кожа, туку во нејзината златна кожа.

Со тоа континуитетот на движењето наполно ѝ припаѓа на страната на парите, и тоа исто движење, што за стоката вклучува два спротивни процеса, како сопствено движење на парите непрекинато содржи еден ист процес, имено нивното изменување на местото секогаш со друга стока. Поради ова изгледа дека резултатот од стоковната циркулација, разменувањето една стока со друга стока, не се создава со измената на нејзините сопствени форми, туку од функцијата на парите како циркулационо средство, кое ги префрла стоките што се сами од себе неподвижни. Парите постојано ги оддалечуваат стоките од сферата на циркулацијата, притоа самите постојано застануваат на нивното место во циркулацијата и со тоа се оддалечуваат од својата сопствена излезна точка.

Иако движењето на парите е само израз на стоковната циркулација, изгледа обратно, како да е стоковната циркулација само резултат од движењето на парите. Од друга страна, функцијата на циркулационото средство им иде на парите само затоа што се тие осамостоена вредност на стоката. Поради тоа нивното движење како циркулационо средство вистински е само сопствено движење на нивната стоковна форма.

Парите постојано обитаваат во сферата на циркулацијата и постајано се движат низ неа. Така изникнува прашањето колку пари може оваа сфера постојано да апсорбира.

Бидејќи непосредната форма на циркулацијата постојано телесно ги противставува стоката и парите една спроти друга, масата на циркулационите средства, нужна во процесот на циркулацијата на стоковниот свет веќе е определена со сумата на стоковните цени. Вистина, парите реално ја претставуваат само онаа сума злато што е идеално изразена во сумата на стоковните цени. Оттука еднаквоста на овие суми сама од себе се разбира.

Сепак ние знаеме дека, при неизменети вредности на стоките, стоковните цени се изменуваат со вредноста на самото злато, сразмерно се креваат кога таа паѓа, а паѓаат кога таа се крева. Било сумата на стоковните цени вака да се дигне или да падне, масата пари во циркулацијата мора рамномерно да се крева или да паѓа. Секако, измената во масата на циркулационото средство произлегува овде од самите пари, но не од нивната функција како циркулационо средство туку од нивната функција како мера на вредноста. Цените на стоките отпрво се изменуваат во обратна сразмера спроти вредноста на парите, а после масата на циркулационото средство се изменува во вистинска сразмера според цените на стоката.

Сосема истиот феномен би станал, кога на пр. не би паднала вредноста на златото, туку кога би го заменило среброто како мера на вредноста, или кога не би се поткренала вредноста на среброто, туку златото би го потиснало од функцијата како мера на вредноста. Во обата случаја би се изменила вредноста на паричниот материјал, т.е. на онаа стока што функционира како мера на вредноста, а со тоа и ценовниот израз на стоковните вредности, со тоа и масата на парите во циркулација што служи за реализација на овие цени.

Ако ја претпоставиме вредноста на златото како дадена и ако претпоставиме сега натаму дека е дадена цената од секој вид стока, тогаш сумата на стоковните цени очевидно ќе зависи од масите стоки што се најдуваат на циркулацијата. Ако масата на стоките е дадена, масата на парите во циркулација ќе се влева или одлева според колебањата на стоковните цени. Таа се крева и паѓа затоа што сумата на цените на стоките расте или паѓа во зависност од измената на нивните цени.

Брзината на паричниот оптек ни ја покажува брзината со која стоките ги изменуваат своите форми, континуелното зафаќање на една низа од метаморфози со друга, брзината во измената на материјата, брзото исчезнување на стоките од сферата на циркулацијата и нивното исто толку брзо заменување со нови стоки. Обратно, во побавниот паричен оптек се појавува раздвојување и противположно осамостојување на овие процеси, застој во измената на формите, а оттука и во измената на материјата.

Вкупното количество пари што функционира како циркулационо средство во секој период време, според тоа се определува од една страна со збирот на цените од истите стоки во циркулацијата, а од друга страна со побавниот или побрзиот тек на нивните спротивни циркулациони процеси.

Трите фактори: движењето на цените, масата на стоките во циркулацијата, и најпосле брзината на паричниот оптек можат да се изменуваат во различни правци и во различни сразмери, затоа сумата цени што е за реализација, а оттука и масата на циркулационите средства условена од неа, можат да прават, значи, многубројни комбинации.

Од функцијата на парите како циркулационо средство произлегува нивниот монетарен лик. Оној дел од тежината на златото што е претставен во цената, или во паричното име на стоките, во циркулацијата мора да застане спроти нив како едноимено парче злато, како монета. Изработката на монетата, како и утврдувањето на мерата на цената ѝ припаѓа на државата.

Во различните национални униформи што ги носат златото и среброто како монети, а кои на светскиот пазар пак ги соблекуваат, се пројавува разделбата меѓу внатрешната или националната сфера на стоковната циркулација и нејзината сеопшта сфера на светскиот пазар.

Во оптекот златните монети се лижат едни повеќе други помалку. Златното име и златната супстанца, номиналната содржина и реалната содржина почнуваат да се одвојуваат. Истоимени златни монети започнуваат да стануваат нееднаква вредност, бидејќи стануваат различни тежини.

Овој факт ја содржи латентната можност да се заменат металните пари во својата монетарна функција со знаци од друг материјал или со симболи.

Ситните монети се појавуваат заедно со златото за исплатување најмали делови од најситните златни монети. Металната содржина на сребрените и бакарните знаци законот ја определува произволно. Во оптекот тие се излижуваат уште побргу отколку златната монета. Поради тоа можат на негово место да функционираат како монета и предмети што се релативно без вредност, книжни ливчиња. Овдека се работи само за државните книжни пари со принуден курс.

Се праша, најпосле, зашто може златото само себе да се замени со голи знаци без вредност? Но тоа може така да се замени до толку, до колку во својата функција како монета или циркулационо средство, се изолира и стане самостојно. Златните парчиња се само монети или само циркулационо средство токму само додека вистински се најдуваат во оптек. Минималната маса злато постојано обитава во циркулационата сфера, непрекинато функционира како циркулационо средство и затоа постои исклучиво како носител на оваа функција. Затоа нејзиното движење претставува непрекинато преминување на противположните процеси од стоковните метаморфози С—П—С еден во друг, во кое спроти стоката се противставува ликот на нејзината вредност, само за да исчезне пак веднаш. Самостојното претставување на разменската вредност на стоката овдека е само преоден момент. Веднаш таа стока ќе биде пак заменета со друга. Затоа во еден процес што постојано ги оддалечува парите од рака на рака, е достатна и само нивната симболична егзистенција. Нивното функционално битие го апсорбира, така да се рече, нивното материјално битие. Иако преоден објективизиран рефлекс на стоковните цени, тие функционираат само уште како знак за самите нив и затоа можат да бидат заменети со знаци. Само што паричниот знак мора да има своја сопствена објективна општествена важност, а книжните симболи ја добиваат со принуден курс.

Но штом ќе се прекине низата од метаморфози, штом продажбата не ќе се дополни со купувачка што ја следи, парите се скаменуваат во благо. Собирањето благо исполнува разни функции во економијата на металната циркулација. За да одговара масата пари што е во оптек вистински на степенот на заситеноста во циркулационата сфера, количеството злато и сребро што се најдува во некоја земја мора да биде поголемо од она што се најдува во функција како монета. Парите го исполнуваат овој услов со својата форма на благо. Резервоарите на благо истовремено служат како одводни и доводни канали за парите во циркулацијата, благодарение на што неговите канали на оптекот не се преполнуваат. Развитокот на парите како платежно средство принудува кон натрупување пари за исплата на должните суми во рокот. Со напредокот на буржоаското општество исчезнува образувањето благо како самостојна форма за збогатување, но напротив тоа расте со оној напредок во форма на резервни фондови од платежни средства.

Кредитните пари произлегуваат непосредно од функцијата на парите како платежно средство, со тоа што самите должнички потврди за продадените стоки пак се во циркулација и ги пренесуваат должничките барања.

При извесен степен и обем на стоковното производство функцијата на парите како платежно средство почнува да проникнува и надвор од сферата на стоковната циркулација. Тие стануваат општа стока на договорите. Со излегувањето од внатрешната сфера на циркулацијата, парите пак ги соблекуваат од себеси таму добиените локални форми на мерка на цена, на монета, на ситна монета и на знак на вредноста и се враќаат назад во своите првобитни фарми на табли од благородни метали. Во светската трговија стоките универзално ја развиваат својата вредност. Затоа нивниот самостоен лик на вредноста настапува овде спроти нив како светски пари. Дури на светскиот пазар парите во полна смисла функционираат како стока, чија природна форма е едновремено и непосредна општествена форма за осуштествувањето на човечкиот труд in abstracto.

 


Оддел втори

Претворањето на парите во капитал

Глава четврта: Претворање на парите во капитал

Стоковната циркулација е излезната точка на капиталот. Историските претпоставки за неговото настанување се стоковното производство и развиената стоковна циркулација — трговијата. Светската трговија и светскиот пазар во 16 век ја отвораат модерната историја на капиталот.

Секој нов капитал при својот прв настап на сцената, т.е. на пазарот, на стоковниот пазар, на пазарот на трудот или паричниот пазар, сѐ уште се јавува како пари, пари што со определени процеси треба да се претворат во капитал.

Парите како пари и парите како капитал отпрво се разликуваат само по нивната различна форма на циркулацијата. Непосредна форма на стоковната циркулација е С—П—С, пpeтворање на стоката во пари, и обратно претворање на парите во стока, продавање заради купување. Но покрај оваа форма ние најдуваме и втора, специфично различна форма П—С—П, претворање на парите во стока и обратно претворање на стоката во пари, купување заради продавање. Парите што во своето движење ja опишуваат последнава циркулација се претвораат во капитал, стануваат капитал, па и по својата определба се капитал.

Во првата фаза П—С, купувачката, парите се претвораат во стока. Во втората фаза С—П, продажбата, стоката обратно се претвора во пари. Резултатот, со кој се завршува целиот процес, е размена на пари за пари, П—П.

Циркулациониот процес П—С—П би бил бесмислен и бессодржаен, кога би се разменувала по овој околен пат иста парична вредност за иста парична вредност.

Во циркулацијата С—П—С парите најпосле се претвораат во стока, што служи како употребна вредност. Значи, парите се издадени конечно. Кружниот тек П—С—П тргнува, напротив, од парите како крајна точка и на крајот се враќа на неа како крајна точка. Оттука неговиот движечки мотив и определувачката цел е самата разменска вредност. Една парична сума може воопшто да се разликува од друга парична сума по својата големина. Затоа процесот П—С—П не ја должи својата содржина на никакви квалитативни разлики меѓу неговите крајни точки, бидејќи обете се пари, туку само на неговите квантитативни различности. Затоа полната форма на овој процес е П—С—П', каде што е П' = П + ΔП, т.е. еднакво на првобитната авансирана сума плус некој прирасток. Овој прирасток, или вишок над првобитната вредност јас го викам — вишок на вредноста (surplus value). Со тоа првобитно авансираната вредност не само што се зачувува во циркулацијата, туку во неа ја изменува и големината на својата вредност, добива вишок на вредноста, или се оплодува. И ова движење ја претвора неа во капитал.

Простата стоковна циркулација — продажба заради купувачка, служи како средство на некоја крајна цел која се најдува надвор од циркулацијата, за задоволување потреби. Циркулацијата на парите како капитал, напротив, е самоцел, бидејќи оплодувањето на вредноста постои само внатре во ова движење што постојано се обновува. Затоа движењето на капиталот е безмерно. Како свесен носител на ова движење сопственикот на парите станува капиталист. Неговата личност, или поточно неговиот џеб е излезна и повратна точка на парите. Објективната содржина на онаа циркулација — оплодувањето на вредноста — е негова субјективна цел. Тој функционира како олицетворен капитал, надарен со волја и со свест. Негова цел е само безуморното движење со добивка.

Овој нагон за апсолутно збогатување, овој страстен лов на вредноста, заеднички им е и на капиталистот и на собирачот на благо, но додека собирачот на благо е само улав капиталист, капиталистот пак е рационален собирач на благо. Неуморното умножување на вредноста, што собирачот на благо се труди да го постигне со спасување на парите од циркулацијата, поумниот капиталист го постигнува со тоа што тој нив постојано сѐ одново ги предоставува на циркулацијата.

Вредноста, значи, станува дејствувачка вредност, дејствувачки пари, и како таква капитал. Таа излегува од циркулацијата, пак влегува во неа, се зачувува и се множи во неа, се враќа од неа зголемена и постојано пак сѐ одново го започнува истиот кружен тек, П—П', пари што котат пари — mоnеу which begets money — така гласи описот на капиталот во устата на неговите први толкувачи — меркантилистите.

Изменувањето на вредноста на парите, со кое треба да се претворат тие во капитал, не може да се изврши на самите пари, зашто како куповно средство и како платежно средство, тие ја реализираат само цената на стоките, што со нив се купуваат или се плаќаат; а ако останат тие во нивната сопствена форма, ќе се скаменат во вредност чија големина останува неизменлива. Исто така, малку може да произлезе измената од препродавањето на стоките, зашто овој акт само ја претвора стоката од нејзината природна форма пак во парична форма. Измената може да произлезе само од употребната вредност на стоката.

За да извлече од употребата на некоја стока вредност, нашиот стопан на пари мора да има таква среќа да открие на пазарот, таква стока чија сама употребна вредност да има особена својство да биде извор на вредност, значи, нејзината вистинска употреба да биде самото опредметување на трудот, а со тоа создавање вредност.

И стопанот на парите најдува на пазарот таква специфична стока — а тоа е способноста за труд или работната сила. Под работна сила или способност за труд разбираме целокупност на физички и духовни способности, што постојат во телесноста, во живата личност на човекот и што ги става тој во движење секојпат, кога произведува употребни вредности од кој било вид.

Тој и стопанот на парите се сретнуваат на пазарот и стапуваат во односи еден спроти друг како рамноправни стопани на стоки, а се разликуваат само со тоа што едниот е купец, а другиот продавач, значи обата се правно еднакви лица. Трајното продолжување на овој однос бара сопственикот на работната сила да ја продава неа секогаш само за едно определено време, зашто ако ја продаде исцело еднаш за секогаш, тогаш ќе си се продаде сам себеси, ќе се претвори од слободен човек во роб, од стопан на стока во стока. Како личност тој постојано мора да се држи спроти својата работна сила како спроти своја сопственост, следствено како спроти сопствена стока, а тоа тој ќе може само до толку, до колку му ја става неа на располагање на купецот, т.е. ја препушта на употреба секогаш само привремено, за еден определен рок, значи, ако со нејзиното отуѓување не се одрекува од својата сопственост над неа.

Работната сила, оваа особена стока, има вредност како и сите други стоки. Како се определува нејзината вредност? Вредноста на работната сила, како и на секоја друга стока, се определува со работното време потребно за производство, значи и за препроизводство на овој специфичен артикал. Производството на работната сила претходно го претпоставува суштествувањето на живата индивидуа. Ако е дадена егзистенцијата на индивидуата, тогаш производството на работната сила се состои во нејзиното сопствена производство, или во одржување во живот на индивидуата. За нејзиното одржување ѝ е нужна на живата индивидуа извесна сума средства за живот. Затоа потребното работно време за производство на работната сила се сведува на работното време потребно за производството на овие животни средства, или вредноста на работната сила е вредноста на средствата за живот нужни за одржување на нејзиниот стопан. Значи, сумата на средствата за живот мора да биде достатна, за да се одржи во живот работната индивидуа, т.е. како работна индивидуа во нејзината нормална состојба.

Самите природни потреби, како храна, алишта, огрев, живеалиште, итн. се различни според климатските и другите особености на оваа или онаа земја. Од друга страна, самиот обем на таканаречените нужни потреби, како и начинот на нивното задоволување е историски производ, и затоа во поголемиот дел зависи од културниот степен на некоја земја.

Сепак, за една определена земја, за еден определен период, е даден средниот обем на нужните средства за живот.

Особената природа на оваа специфична стока, работната сила, се изразува и во тоа што со склучувањето на договорот меѓу купецот и продавачот сѐ уште не е пренесена нејзината употребна вредност во рацете на купецот. Нејзината употребна вредност постои дури во подоцнежното пројавување на сила, во процесот на трошењето на работната сила. Во сите земји со капиталистички начин на производство, работната сила се плаќа дури откога веќe таа функционирала за време на договорениот рок, утврден со договорот за нејзиното купување. Според тоа, работникот насекаде го авансира капиталистот со употребната вредност на својата работна сила; работникот насекаде го кредитира капиталистот.

Процесот на трошењето на работната сила е едновремено и процес на производство на стоки и вишок вредност. Трошењето на работната сила, како и трошењето на секоја друга стока, се врши надвор од пазарот или од циркулационата сфера, во скришното место на производството.

 


Оддел трети

Производство на апсолутниот вишок на вредноста

Глава петта: Процес на труд и процес на оплодување на вредноста

Употребувањето на работната сила е самиот труд. Купецот на работната сила ја троши со тоа што нејзиниот продавач ја пушта да работи за купецот.

Пред сѐ, трудот е процес меѓу човекот и природата, процес врз кој човекот со својата сопствена дејност ја условува, регулира и контролира измената на материјата [метаболизмот] меѓу себеси и природата. Ние претпоставуваме труд во таква форма, што му е исклучиво својствена на човекот. Пајакот врши операции што личат на тие од ткајачот, а пчелите со градењето на восочните ќелии засрамуваат некои луѓе-архитекти. Но и она што најлошиот архитект однапред го разликува од најдобра пчела, е тоа што тој ќелијата ја има изградено во својата глава, пред да ја изработи во восокот. На крајот на процесот на трудот излегува резултат, што во почетокот на процесот веќе суштествуваше во претставата на работникот, значи идеално. Она што го постигнува тој не е само измена на формите на природните предмети; тој едновремено ја реализира во природните предмети својата цел, што ја знае, која како закон го определува видот и начинот на неговото дејство и на која тој мора да ѝ ја потчини својата волја.

Простите моменти на процесот на трудот се целесообразната дејност или самиот труд, предметот на трудот и средството на трудот.

Предметот на трудот е само до толку суров материјал, до колку веќе претрпел некоја измена со посредство на трудот. Со исклучок на екстрактивната индустрија, што своите предмети на трудот ги најдува во природата, — како рударството, ловот, рибарството итн., сите индустриски гранки обработуваат предмети, што се суров материјал, т.е. предмети на трудот што се прочистени вeќe со труд, што се веќе самите производ на трудот.

Средството на трудот е предмет или сума од предмети, што ги става работникот меѓу себеси и предметот на трудот, и што му служат нему како проводник на неговата дејност врз овој предмет. Тој се ползува со механичките, физичките, хемиските својства на предметите кога, согласно со својата цел, ги пушта да дејствуваат како средства на својата моќ врз други предмети. Воопшто, штом процесот на трудот барем нешто се развие, тој веќе бара преработени средства на трудот.

Значи, дејноста на човекот во процесот на трудот со средствата на трудот предизвикува однапред замислена измена врз предметот на трудот. Процесот се гаси во производот. Неговиот производ е употребна вредност. Трудот се сврза со својот предмет. Тој се опредмети, а предметот е обработен. Тој предеше, а производот е преѓа. Ако се разгледува сега целиот процес од гледиштето на неговиот резултат, на производот, тогаш обата, средството на трудот и предметот на трудот се покажуваат како средства за производство, а самиот труд како производен труд.

Дали некоја употребна вредност ќe се јави како суровина, како средство на трудот или како производ, наполно зависи од нејзината определена функција во процесот на трудот, од местото што го зафаќа во него, и со измената на нејзината место се изменуваат и нејзините определби.

Капиталистот ги купува на стоковниот пазар сите фактори нужни за процесот на трудот: материјалните фактори или средствата за производство, личниот фактор или работната сила. Значи, капиталистот се зафати да ја троши стоката што ја купи, работната сила, т.е. тој го пушти носителот на работната сила, работникот, да му ги троши со неговиот труд средствата за производство.

Процесот на трудот, како процес на трошење на работната сила од страна на капиталистот, покажува ceгa две особени појави. Прво, работникот работи под контролата на капиталистот, кому му припаѓа неговиот труд. И второ: производот е сопственост на капиталистот, а не на непосредниот производител, на работникот. Со купувањето на работната сила капиталистот го присоединил самиот труд како жив квас кон мртвите елементи за обработување на производот, кој исто така нему му припаѓа. Од неговото гледиште процесот на трудот е само трошење на купената од него стока, работната сила, но сепак тој може да ја троши само ако ѝ додаде средства за производство.

Капиталистот сака да произведува не само употребна вредност туку и стока, не само употребна вредност туку и вредност, и не само вредност туку и вишок на вредноста.

Како што е самата стока единство од употребна вредност и вредност, мора и нејзиниот процес на производството да биде единство од процесот на трудот и процесот на создавањето на вредноста.

Ако трае процесот на создавањето на вредноста само до точката, каде што вредноста на работната сила исплатена од капиталистот ќе биде надоместена со нов еквивалент, тогаш тој е прост процес на создавање на вредноста. Ако трае овој процес на создавањето на вредноста преку оваа точка, тогаш тој станува процес на оплодувањето на вредноста.

Дневната вредност на работната сила изнесува 3 ш., бидејќи средствата за живот дневно потребни за производството на работната сила чинат половина работен ден. Вредноста на работната сила и вредноста што таа ја создава во процесот на трудот се две различни големини. Капиталистот кога ја купуваше работната сила, ја имаше предвид оваа разлика во вредноста. Нејзината полезна особина да прави преѓа или чизми, беше само еден неопходен услов, зашто за да се создаде вредност, трудот мора да се потроши во полезна форма. Но што беше од решавачка важност, е специфичната употребна вредност на оваа стока, нејзиното својство да биде извор на вредност, и тоа на повеќе вредности одошто ја има самата таа. Тоа е таа специфична услуга што ја чека капиталистот од неа. И притоа тој постапува според редот на вечните закони на стоковната размена. И, навистина, продавачот на работната сила, како продавачот на секоја друга стока, ја реализира нејзината разменска вредност и ја отуѓува нејзината употребна вредност. Тој едното не може да го добие, без да го даде другото.

Употребната вредност на работната сила, самиот труд, исто така не му припаѓа на неговиот продавач, како што не му припаѓа употребната вредност од продадениот зејтин на продавачот на зејтинот. Стопанот на парите ја исплати дневната вредност на работната сила; затоа нему му припаѓа нејзината употреба за еден ден, трудот од цел ден. Околноста што дневното одржување на работната сила чини само половина работен ден, иако работната сила може да дејствува, т.е. да работи цел ден, и што за тоа вредноста, која ја создава нејзината употреба за време од еден ден, е двапати поголема од нејзината сопствена дневна вредност, таа околност е особена сpeќa за нејзиниот купец но не е никаква неправда спрема продавачот.

Поради тоа работникот ги најдува во работилницата средствата за производство што се потребни за процесот на трудот не од 6 часа, ами од 12 часа. Капиталистот, како купец, ја исплати секоја стока — памукот, масата вретена, работната сила, — по нејзината вредност. Еквивалент е разменет за еквивалент. И потоа тој правеше, што прави секој друг купец на стоки. Тој ја трошеше нејзината употребна вредност. Процес на трошење на работната сила, што е едновремено и процес на производство на стока. Тој извлечува од циркулацијата 3 ш. повеќе отколку што отпрво внесе во неа. Целиот овој тек, претворањето на неговите пари во капитал се врши во сферата на циркулацијата и не се врши во неа. Се врши со посредство на циркулацијата, бидејќи е условен со купувањето на работната сила на стоковниот пазар. Не се врши во циркулацијата, бидејќи оваа само воведува во процесот на оплодувањето на вредноста, кој се извршува во сферата на производството. Кога ги претвора парите во стоки, кои служат како материјални создавачи на нов производ или како фактори на процесот на трудот, и кога ја присоединува кон нивната мртва предметност живата работна сила, капиталистот ја претвора вредноста, минатиот, одпредметениот, мртвиот труд во капитал, во вредност што сама себе се оплодува.

Истиот процес на трудот се претставува во процесот на создавањето на вредноста само од неговата квантитативна страна. Сега се работи уште само за времето што му треба на трудот за неговите операции или за траењето, во кое работната сила полезно се троши. Било да е содржан во средствата за производство или да е даден со работната сила, трудот се смета само уште по неговата временска мера.

Сепак тој се смета само доколку времето потрошено за производството на употребната вредност е општествено потребно. Ова фаќа многу нешта. Работната сила мора да функционира под нормални услови. Ако предачката машина важи како средство за производство со општествена важност за предењето, тогаш не смее да му се даде в раце на работникот рачен родан. Место памук нормално добар, не смее да му се даде фурда, што секој час само се кине. Нормалниот карактер на предметните фактори на трудот зависат од капиталистот. Понатамошниот услов е нормалниот карактер на самата работна сила. Во специјалноста во која се употребува, таа мора да ја има вообичаената средна опитност, подготвеност и брзина и мора да се потроши со обично средно напрегнување, со општествено обичен степен на интензивност. Капиталистот пази да не се губи време залудо. Тој ја купи работната сила за определено време. Тој не сака да го крадат. Конечно, не смее да се врши никакво нецелесообразно трошење на суровини и средства на трудот.

Како единство на процесот на трудот и процесот на создавањето на вредноста, процесот на производството е процес на производство на стоки; како единство на процесот на трудот и процесот на оплодувањето на вредноста тој е капиталистички процес на производството, капиталистичка форма на стоковното производство.

Сосем е сеедно за процесот на оплодувањето на вредноста дали присвоениот од капиталистот труд е прост, среден општествен труд, или комплициран труд, труд од повисока специфична тежина. Трудот што важи спроти општествениот среден труд како повисок, посложен труд е пројава на таква работна сила, во која влегуваат повисоки трошоци за нејзиното образување, чие производство бара повеќе работно време и затоа има повисока вредност од простата работна сила. Тогаш за тоа таа се пројавува исто и во повисок труд и оттука и се опредметува, во истата должина време, во сразмерно повисоки вредности. Вишокот на вредноста произлегува од квантитативниот вишок на трудот, од продолженото траење на истиот процес на трудот.

 


Глава шеста: Постојан капитал и променлив капитал

Различните фактори во процесот на трудот добиваат и различно соучество при образувањето на вредноста на производот. Работникот му придава на предметот на трудот нова вредност со тоа што му придава нему определено количество труд. Од друга страна, вредностите на потрошените средства за производство ги најдуваме пак како составени делови на вредноста на производот. Значи, вредноста на средствата за производството се додржува со нејзиното пренесување на производот. Ова пренесување се врши за време на претворањето на средствата за производство во производ, во процесот на трудот. Тоа се врши со посредство на трудот. Но како?

Бидејќи придодавањето нова вредност на предметот на трудот и додржувањето на старата вредност во производот се два сосема различни резултати што ги постигнува работникот во едно исто време, иако во истото време, тој само еднаш работи, тоа овој двојствен резултат може да се објасни, очевидно, само со двојственоста на самиот негов труд. Во едно исто време со едното свое својство тој мора да создава вредност, а со другото свое својство мора да ја додржува или да ја пренесува вредноста.

Во неговото апстрактно општо својство, како трошење човечка работна сила, трудот на предачот придодава кон вредноста на памукот и вретената нова вредност, а во своето конкретно, особено полезно својство како процес на предење тој ја пренесува вредноста од овие средства за производство врз производот и така ја додржува нивната вредност во производот. Оттука во едно исто време неговиот резултат е двојствен.

Во процесот на трудот вредноста на средствата за производство преминува на производот само до колку средствата за производство заедно со својата самостојна употребна вредност ја губат и својата разменска вредност. Тие му ја предаваат на производот само онаа вредност, што ја губат како средства за производство. Максимумот загуба на вредноста, што може да се претрпи во процесот на трудот, очевидно е ограничена со првобитната големина на вредноста со која тие влегуваат во процесот на трудот. Затоа средствата за производство никогаш не можат да придадат повеќе вредност отколку што имаат самите, независно од процесот на трудот кому му служат.

Едно исто средство за производство како елемент од процесот на трудот цело се смета во истиот процес на производството, а како елемент што создава вредност само делум. Од друга страна, некое средство за производство може обратно, да влезе цело во процесот на нарастувањето на вредноста, иако во процесот на трудот влегува само делум. Оттука вредноста на средствата за производство пак се пројавува во вредноста на производот, но точно речено, не се препроизведува. Тоа што се произведува е новата употребна вредност, во која пак се појавува старата разменска вредност.

Вишокот на вкупната вредност на производот над сумата вредности на неговите составни елементи е вишокот на оплодениот капитал над првобитно авансираната вредност на капиталот. Средствата за производство на една страна, работната сила на друга, само се различни форми на егзистенција, што ги зема првобитната вредност на капиталот при соблекувањето на својата парична форма, и при нејзиното претворање во фактори на процесот на трудот.

Според тоа — делот од капиталот што се претвора во средства за производство, т.е. во суровини, помошни материи и средства на трудот, не ја изменува во процесот на производството својата големина на вредноста. Затоа јас него го викам постојан дел од капиталот, или кратко: постојан капитал.

Напротив, делот од капиталот што е претворен во работна сила во процесот на производството ја изменува својата вредност. Тој го препроизведува својот сопствен еквивалент и еден вишок над тоа, вишок на вредноста, што може и сам да се изменува, да биде поголем или помал. Од постојана големина овој дел од капиталот секогаш се претвора во променлива. Затоа јас го викам променлив дел на капиталот, или кратко: променлив капитал.

Исти составни делови на капиталот, кои од гледна точка на процесот на трудот се разликуваат како објективни и субјективни фактори, од гледна точка на процесот на оплодувањето на вредноста се разликуваат како постојан капитал и променлив капитал.

 


Глава седма: Hоpмата на вишокот на вредноста

Вишокот на вредноста, што го создал во процесот на производството авансираниот капитал К, или оплодувањето на авансираната вредност на капиталот К, најнапред се претставува како вишок на вредноста на производот над сумата вредности на елементите од неговото производство. Ние видовме, дека работникот за време на еден отсек од процесот на трудот ја произведува само вредноста на својата работна сила, т. е. вредноста на потребните средства за живот. Бидејќи тој произведува во состојба што почива врз општествената поделба на трудот, тој не ги произведува неговите средства за живот непосредно, туку во форма на некоја особена стока, на пр., во преѓа, тој произведува вредност еднаква на вредноста на неговите средства за живот, или еднаква на парите со кои тој нив ги купува. Делот од неговиот работен ден, што го употребува за тоа, е поголем или помал, веќе според вредноста на неговите средни дневни средства за живот, значи според средното работно време што е потребно дневно за нивното производство. Значи, тој дел од работниот ден, во кој се врши ова препроизводство, јас го викам потребно работно време, а трудот потрошен за ова време потребен труд. Потребен за работникот, бидејќи е независен од општествената форма на неговиот труд. Потребен за капиталот и капиталистичкиот свет, бидејќи постојаното суштествување на работникот е негов темел.

Вториот период на процесот на трудот, кога работникот 'ргa надвор од границата на потребниот труд, навистина го чини труд, трошење работна сила, но не создава никаква вредност за него. Тој создава вишок на вредноста, кој му се насмевнува на капиталистот сосе сета дражест на едно создание од ништо. Овој дел од работниот ден јас го викам вишок работно време, а потрошениот во него труд: вишок на трудот. Колку што е од решавачка важност за сознавањето на вредноста воопшто, да ја разбереме како само стврднато работно време, како само опредметен труд, толку е од решавачка важност за создавањето на вишокот на вредноста, да го разбереме како само стврднат вишок работно време, како само опредметен вишок на трудот.

Само по формата во која се цеди овој вишок на трудот од непосредниот производител, од работникот, се разликуваат економските формации на општеството, на пр. општеството на ропството од општеството на наемниот труд.

Бидејќи вредноста на оваа работна сила е определена со потребниот дел од работниот ден, додека вишокот на вредноста од своја страна се определува со одвишниот дел од работниот ден, тогаш излегува: вишокот на вредноста се однесува спрема променливиот капитал како вишокот на трудот спрема потребниот труд, или нормата од вишокот на вредноста m / v = вишок на трудот / потребен труд. Обете пропорции го одразуваат истиот однос во различна форма, еднаш во форма на опредметен труд, а другпат во форма на течен труд.

Поради тоа нормата на вишокот на вредноста е егзактен израз за степенот на експлоатацијата на работната сила од страна на капиталот или на работникот од страна на капиталистот.

Кусо речено, методот за пресметување на нормата на вишокот на вредноста е овој:

Ние ја земаме целата вредност на производот и постојаната вредност на капиталот, која само повторно се појавува во него и ја сведуваме на нула. Преостанатата сума на вредноста е единствената производ-вредност што е вистински произведена во процесот на создавањето на стоките. Ако е даден вишокот на вредноста, тогаш го одземаме од овој производ-вредност, за да го најдеме променливиот капитал. Ако е даден последниов, а го бараме вишокот на вредноста, ќе постапиме обратно. Ако се дадени обата, тогаш ни останува да се изведе само завршната операција, да се пресмета односот на вишокот на вредноста спрема променливиот капитал — m / v.

Еден пример ни покажува како прави капиталистот од парите капитал. Производот од дванаесетчасовниот работен ден е 20 фунти преѓа во вредност од 30 шилинзи. Не помалку од 8/10 од оваа вредност на преѓата (24 ш.) се образувани од вредноста на потрошените средства за производство (20 фунти памук за 20 шилинзи, вретена итн. за 4 ш.), кои само повторно се појавуваат, или се состојат од постојан капитал. Преостанатите 2/10 се нова вредност од 6 ш. што настана за време на процесот на предењето, од кои едната половина ја надоместува авансираната дневна вредност на работната сила или променливиот капитал, а другата половина го сочинува вишокот на вредноста од 3 ш. Значи, целокупната вредност од 20 ф. преѓа е составена како што следува: вредноста на преѓата од 30 ш. = 24 ш. c + 3 ш. v + 3 ш. m. Бидејќи целокупнава оваа вредност се претставува во целокупниот производ од 20 ф. преѓа, и различните елементи на вредноста треба да можат да бидат претставени во пропорционални делови на производот.

Бидејќи 12 работни часа на предачот се опредметуваат во 6 ш., тогаш во вредноста на преѓата до 30 ш. се опредметени 60 работни часа. Тие суштествуваат во 20 ф. преѓа, од кои 8/10 или 16 ф. ст. се материјализација на 48 работни часа изминати пред „да почне“ процесот на предењето, имено тие се опредметен труд во средствата за производство на преѓата, а 2/10 или 4 ф., напротив се материјализација на 12 работни часа потрошени во самиот процес на предењето.

Порано видовме дека вредноста на преѓата е еднаква со збирот на новосоздадената вредност во нејзиното производство и вредностите што веќе од порано суштествуваа во нејзините средства за производство. Сега се покажа како составни делови на вредности на производот, функционално или поимно различни можат да бидат претставени во пропорционални делови на самиот производ.

Ова разделување на производот што е резултат на процесот на производството, — на едно количество производ, што го претставува само трудот што е содржан во средствата за производство или постојаниот дел на капиталот, на едно друго количества што го претставува само потребниот труд придаден во процесот на производството или променливиот дел од капиталот, и едно последно количество на производот, што го претставува вишокот на трудот придаден во самиот процес или вишок на вредноста, — ова разделување исто толку е просто колку што е важно, како што ќе покаже неговата натамошна примена на заплетканите и уште нерешените проблеми.

Оној дел од производот во кој се претставува вишокот на вредноста јас го викам вишок на производот. Како што е производството на вишокот на вредноста онаа цел што го определува капиталистичкото производство, така и степенот на висината на богатството не се мери со апсолутната големина на производот, туку со релативната големина на вишокот на производот.

 


Глава осма: Работниот ден

Границите на работниот ден

Сумата на потребниот труд и на вишокот на трудот, на временските периоди, во кои работникот ја произведува вредноста со која ја надоместува неговата работна сила и вишокот на вредноста, ја сочинуваат апсолутната големина на неговото работно време — работниот ден. Работниот ден не е никаква постојана, ами променлива големина. Вистина едниот негов дел е определен со работното време потребно за постојаното препроизводство на самиот работник, но неговата целокупна големина се изменува со должината или траењето на вишокот на трудот. Поради тоа работниот ден може да се определи, но сам по себеси е неопределен.

Сепак, неговата минимална граница не може да се определи. Напротив, работниот ден има максимална граница. Тој не може да се продолжи над извесна граница. Човекот може за време на природниот ден од 24 часа да истроши само определено количество животна сила. За време на еден дел од денот силата мора да почива, да спие, за време на друг дел човекот мора да задоволува други физички потреби. Освен овие чисто физички граници, продолжувањето на работниот ден го сопираат и морални граници. На работникот му е нужно време за задоволување душевни и социјални потреби, чиј опсег и број е определен од општата културна состојба. Затоа измените на работниот ден се движат во рамките на физичките и социјалните граници. На и обете граници се од сосем еластична природа и дозволуваат најголем простор за движење.

Капиталистот ја купи работната сила по нејзината дневна вредност. Нејзината употребна вредност му припаѓа нему за време од еден работен ден. Значи тој доби право да го стави работникот да му работи нему за време од еден ден. Но што е работен ден?

Капиталистот има свој сопствен поглед за таа нужна граница на работниот ден. Како капиталист тој е само олицетворен капитал. Неговата душа е душа на капиталот. Капиталот има само еден единствен животен стремеж, стремеж да се оплодува, да создава вишок на вредноста, да исцицува со својот постојан дел, со средствата за производство, колку што се може поголема маса вишок на трудот. Капиталот е мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што толку повеќе живее, колку повеќе ќе исцица од него. Времето додека работникот работи, е време во кое капиталистот ја троши купената работна сила. Ако го троши работникот своето расположиво време за себеси, тогаш тој го поткрадува капиталистот. Значи, капиталистот се опира на законите на стоковната размена. Тој, како и секој друг купец, се обидува да извлече од употребната вредност на својата стока колку што се може поголема полза.

Туку ненадејно се крена гласот на работникот: Стоката што ти ја продадов тебе се разликува од другите стоки плебс со тоа што нејзината употреба создава вредност, и тоа поголема вредност отколку што чини самата. Затоа ти неа и ја купуваш. Тоа што на твоја страна се појавува како оплодување на капиталот, на моја страна е одвишно издавање работна сила. Ти и јас познаваме на пазар само еден закон, законот на стоковната размена. А потрошувачката на стоката не му припаѓа на продавачот, туку на купецот. Затоа тебе ти припаѓа дневната употреба на мојата работна сила. Но со нејзината цена, за која секој ден ја продавам, јас морам секој ден неа да ја препроизведам, а со тоа одново да можам да ја продадам. Како разумен и чуварен домаќин јас сакам да си го зачувам мојот единствен имот, работната сила и ќе се воздржувам од секое нејзино безумно растурање. Јас сакам дневно да преобратам од неа во течна состојба, во движење, во труд, само толку колку што се сака за нејзиното нормално траење и здрав развиток. Со безмерно продолжување на работниот ден ти можеш во еден ден да ставиш во течна состојба поголемо количество од мојата работна сила, отколку што можам јас да ја надоместам за три дена. Тоа што го добиваш ти така во трудот, јас го губам во супстанцата на трудот. Ползувањето на мојата работна сила и нејзиното ограбување се сосема различни работи. Ако средниот период во кој може да живее средниот работник при разумни размери на трудот изнесува 30 години, тогаш вредноста на мојата работна сила, што ми ја плаќаш ти од ден на ден е 1 / 365 Х 30 или 1/10.950 од нејзината целокупна вредност. Но ако ја потрошиш ти неа за 10 години, тогаш ти ми плаќаш дневно 1/10.950 место 1/3.650 од нејзината целокупна вредност, значи само 1/3 од нејзината дневна вредност, и затоа ми крадеш секој ден по 2/3 од вредноста на мојата стока. Ти ми плаќаш еднодневна работна сила, додека трошиш тридневна. Тоа е противно на нашиот договор и на законот на стоковната размена. И така јас барам работен ден од нормална должина, и јас тоа го барам без да апелирам на твоето срце. Ти можеш да бидеш примерен граѓанин, ама на она нешто што го претставуваш ти спроти мене, не му тупа во градите никакво срце.

Се гледа: дека, ако не ги земеме предвид сосема еластичните граници, природата на самата стоковна размена не му дава на работниот ден никаква граница, значи никакви граници ни на вишокот на трудот. Капиталистот го потврдува своето право како купец кога се обидува работниот ден да го направи колку што се може подолг и кога се обидува, до колку се може, од еден работен ден да направи два. Од друга страна, специфичната природа на продадената стока вклучува граница на нејзиното трошење од страна на купецот, а и работникот го потврдува своето право како продавач, кога сака да го ограничи работниот ден на определена нормална големина. Така овде ние добиваме антиномија, право спроти право, обете потврдени во еднаква мера, потврдени од законот на стоковната размена. Меѓу еднакви права решава силата. И така во историјата на капиталистичкото производство нормирањето на работниот ден се претставува како борба за границите на работниот ден — борба меѓу целокупниот капиталист, т.е. класата капиталисти и целокупниот работник или работничката класа.

Незаситната глад за вишок на трудот

Капиталот не го изнашол вишокот на трудот. Насекаде, каде што еден дел од општеството има монопол над средствата за производство, работникот, бил слободен или неслободен, мора да му придава на работното време, потребно за издршка на самиот него, вишок работно време, за да произведува средства за живот за сопствениците на средствата за производство, па бил тој сопственик атински аристократ, етрурски теократ, римски граѓанин, нормански барон, американски сопственик на робови, влашки болјар, модерен велепоседник или капиталист. Затоа прекумерниот труд во Стариот век се покажува ужасен каде што се работело за добивањето разменската вредност во нејзин самостоен паричен лик — во производството на злато и сребро. Насилственото работење, сѐ додека мрда работникот, овдека е официјална форма на претераниот труд.

Но штом народите, чие производство сѐ уште се движи во пониските форми на робовскиот труд, на кулукот итн., ќе се вовлечат во светскиот пазар во кој владее капиталистичкиот начин на производство, кој ја прави продажбата на нивните производи во странство нивен претежен интерес, кон варварските ужаси на ропството, крепосништвото итн. се накалемуваат цивилизираните ужаси на претераниот труд. Затоа трудот на Негрите во јужните држави на американскиот сојуз зачува извесен патријархален карактер, сѐ додека производството беше управено главно за непосредно задоволување на сопствените потреби. Но колку повеќе извозот на памукот стануваше животен интерес на овие држави, толку и претераниот труд на Негрот, а овде-онде и потрошувањето на неговиот живот за седум години труд, стануваше фактор на пресметани и сметкарски системи. Ништо не е покарактеристично во овој поглед одошто обележувањето на работникот што работи полно време, со „full-timers” [полнoвременци], а децата под 13 години што смеат да работат само 6 часа, како „half-timers“ [полувременци]. Работникот овде не е ништо друго освен олицетворено работно време. Сите индивидуални разлики се сведуваат на разликата меѓу полновременик и полувременик. Присвојувањето на трудот за сите 24 часа е иманентен стремеж на капиталистичкото производство.

Што е тоа работен ден? Колку е големо времето за кое капиталот смее да ја троши работната сила чија дневна вредност тој ја плати? До каде може да се продолжи работниот ден преку работното време потребно за препроизводството на работната сила? На овие прашања, како што видовме, капиталот одговара: работниот ден има 24 часа дневно, со одбиток на неколку часа за починка, без кои работната сила би се покажала апсолутна неспособна за нејзината поновна служба. Пред сѐ, само од себе се разбира, дека работникот во целиот негов живот не е ништо друго освен работна сила, дека според тоа целото негово расположиво време од природа и по право е работна време, значи му припаѓа на самооплодувањето на капиталот. Времето потребно човекот да се изгради, духовно да се развие, да ги исполнува општествените функции, општествените обноски, слободните игри на физичките и духовните животни сили, дури и самото празнување на неделата — па дури и во земјата на набожните саботјани — сето тоа е само трици.

Во својот безмерен слеп стремеж, во својата ненаситна вампирска глад за вишок на трудот, капиталот ги прегазува не само моралните туку и чисто физичките максимални граници на работниот ден. Тој го узурпира времето за растење, за развивање на телото и неговото одржување во здравје. Тој го краде времето потребно за ползување чист воздух и сончева светлина. Тој потскинува од времето за обед и до колку се може, го приврзува кон самиот процес на производството, така што на работникот да му се дава храна како на просто средство за производство, како што му се дава на парниот котел ќумур, а на машинеријата лој или масло. Здравиот сон за собирање, обновување и освежување на животните сили тој го сведува на толку часа замреност, колку што е неопходно за повторно оживување на апсолутно исцрпениот организам. Место нормалното одржување на работната сила да ги определи овде границите на работниот ден, обратното, најголемото можно дневно издавање на работната сила, па како и да било тоа болно, насилствено и мачно, ја определува границата на починката на работникот. Капиталот не праша за должината на животот на работната сила. Тоа што го интересира него е единствено и самo максимумот на работна сила, што може да се пушти во движење за еден работен ден. Тој ја постигнува оваа цел со скусувањето на векот на работната сила, како што некој лаком земјоделец постигнува повисок принос од земјата со тоа што ја ограбува плодноста на земјата. Капиталистичкото производство, што по својата сушност е производство на вишок на вредноста, смукање вишок на трудот, со продолжувањето на работниот ден значи не произведува само спеченост на човечката работна сила, од која ги краде нејзините нормални морални и физички услови за развиток и одржување. Тоа произведува предвремена исцрпеност и сотирање на самата работна сила. Тоа го продолжува времето на производството на работникот за даден рок со скусување на неговото време за живот.

Требаше да изминат векови додека „слободниот“ работник, поради развиениот капиталистички начин на производство, да се согласи слободно на тоа, т.е. да биде општествено присилен да го продава целото активно време од својот живот, дури и самата негова работна способност, неговото право на првородство за цена на неговите обични средства за живот, за ваган леќа. Затоа природно е тоа што продолжувањето на работниот ден, коешто капиталот се обиде да им го натури на возрасните работници со посредство на државната власт од средината на 14 до крајот на 17 век, приближно се совпаѓа со оние граници на работното време, што во втората половина на 19 век биле ваму-таму поставени од државата за претворањето на детската крв во капитал.

Векови на борба

Утврдувањето нормален работен ден е резултат на многувековната борба меѓу капиталистот и работникот.

Првиот работнички статут (23, Edward III 1349 г.) најде свој непосреден повод (не своја причина) во големата чума што го десеткуваше населението, така што, како што вели еден ториевски писател, „стана вистински неподнослива тешкотијата да се земат работници на работа под разумна цена“. Затоа со силата на законот се диктирани разумни наемнини, исто така како што се диктирани и границите на работниот ден. Додека на капиталот му беа потребни цели векови за да го продолжи работниот ден од неговата нормална максимална граница, а после преку оваа до границите на природниот ден од 12 часа, сега, по изникнувањето на крупната индустрија во последната третина од 18 век, настана бесно и безмерно наттрчување слично на лавина. Разрушени се секакви граници на моралот и природата, на возраста и полот, на денот и ноќта. Капиталот ги славеше своите оргии.

Штом работничката класа, заглушена од вревата на производството, до некоја мера пак дојде на себеси, започна нејзиниот отпор, отпрво во лулката на крупната индустрија, во Англија. Сепак отстапките што ги доби таа, останаа чисто номинални три децении. Парламентот издаде од 1802 до 1833 г. 5 акта за трудот, но беше толку лукав, што да не одобри ни пет пари за нивното присилно извршување, за потребниот чиновнички персонал итн. Тие останаа мртви букви. „Факт е дека пред актот од 1833 децата и младите лица работеа целата ноќ, целиот ден, или обата по желба.”

Дури по фабричкиот акт од 1833 почнува за модерната индустрија нормален работен ден. Ништо подобро не може да го окарактеризира духот на капиталот од колку историјата на англиското фабричко законодавство од 1833 до 1864!

Законот од 1833 објавува дека обичниот фабрички работен ден треба да почнува од 5 1/2 часот наутро, а да заврши во 8 1/2 вечерта, а во овие граници, во еден период од 15 часа, законот дозволува млади лица меѓу 13 и 18 години да се употребуваат во кое било време од денот, секогаш под претпоставка дека едно исто младо лице не работи повеќе од 12 часа на ден, со исклучок на извесни специјално предвидени случаи.

Законодавците беа така далеку од желбата да ја ограничуваат слободата на капиталот во исцицувањето на возрасната работна сила или, како што го викаат тие, „слободата на трудот“, што измислија нарочит систем за да спречат таква ужасна последица од фабричкиот акт. „Големото зло од фабричкиот систем, како што е тоа сега уреден“, се вели во првиот извештај на Централниот совет на комисијата од 28 јуни 1833 г., „се состои во тоа што тој создава нужност да се продолжи детскиот труд до крајната граница на работниот ден на возрасните. Единствениот лек против ова зло, без ограничување на трудот на возрасните, од кој би произлегло поголемо зло од она што треба да се отстрани, изгледа дека е планот да се воведат две смени деца.“ Затоа под името на Relayssystem овој „план“ е изведен.

Детски труд

Како награда за тоа, што господата фабриканти најбезочно ги игнорирале сите закони за детскиот труд издадени за време на последните 22 години, Парламентот определи дека по 1 март 1834 ниедно дете под 11 години, по 1 март 1835 ниедно дете под 12 години, по 1 март 1836 г. ниедно дете под 13 години не треба да работи во фабрика над 8 часа! Истиот тој „реформиран“ парламент, кој од нежното чувство спрема господата фабриканти ги осуди децата под 13 години уште долги години да работат во фабричкиот пекол 72 часа во неделата, им забрани на сопствениците на плантажите отсега да не смее ни еден роб Негар да работи повеќе од 45 часа во неделата!

Годините 1846-1847 прават епоха на економската историја на Англија. Повлекување на законот за житото, укинување на вносните царини на памукот и другите суровини, објавување на слободната трговија за патоводна ѕвезда на законодавството! Кратко, настана илјадагодишното царство. Од друга страна, чартистичкато движење и агитацијата за десетчасовен работен ден ја достигна во истите години својата највисока точка. Законот за десетчасовниот работен ден стапи во сила на 1 мај 1848 г. За да се разбере нужно е да се спомене дека од фабричките акти од 1833, 1844 и 1847 ниеден не го ограничуваше работниот ден на машките работници над 18 години и дека од 18З3 петнаесетчасовниот период од 5 1/2 часот наутро до 8 1/2 часот навечер остана законски „ден“, во чии граници младите лица и жени имаше да извршат под пропишани услови отпрво дванаесет, а попосле десетчасовен труд.

Во индустриите што беа најпрво револуционизирани со водата, пареата и машинеријата, во предачниците и ткајачниците на памук, волна, лен и коприна, најпрво беше задоволен стремежот на капиталот за безмерно и безобѕирно продолжување на работниот ден. Изменетиот материјален начин на производството и изменетите социјални односи на производителите произлезени од него создаваат отпрво безмерни проширувања на границите на работниот ден, а после како реакција предизвикуваат општествена контрола, која работниот ден со неговите паузи законски го ограничува, го регулира и го прави еднообразен. Поради тоа оваа контрола се јавува во време на првата половина од 19 век само како изнимно законодавство.

Историјата на регулирањето на работниот ден во некои гранки од производството, во други борбата што уште продолжува за ова регулирање, очевидно докажуваат дека одделниот работник, работникот како „слободен“ продавач на својата работна сила, на извесен степен од зрелоста на капиталистичкото производство подлегнува без отпор. Затоа воспоставувањето нормален работен ден е производ на една долготрајна, малу-многу прикриена граѓанска војна меѓу капиталистичката класа и работничката класа. Англиските фабрички работници беа првоборци не само на англиската работничка класа туку и на модерната работничка класа воопшто, како што и нивните теоретичари први ѝ ја фрлија нараквицата на теоријата на капиталот.

Затоа филозофот на фабриката Јур ја обвинува англиската работничка класа дека направила непоправлива срамота кога напишала на своето знаме „робување на фабричките закони“; спротивно на капиталот, кој машки се застапува за „полна слобода на трудот“.Франција полека куцка по Англија. Требаше да дојде февруарската револуција, за да се роди дванаесетчасовниот бил, кој е многу понезадоволителен одошто неговиот англиски оригинал. Но покрај сето тоа францускиот револуционерен метод ги покажа и своите особени подробности.

Во Соединетите Северноамерикански Држави секое самостојно работничко движење остануваше парализирано сѐ додека ропството наградуваше еден дел од републиката. Трудот во белата кожа не може да се ослободи таму, каде што трудот во црната кожа го носи на себе срамниот ропски печат. На од смртта на ропството веднаш изникна нов подмладен живот. Првиот плод на граѓанската војна беше агитацијата за осумчасовниот работен ден, што се рашири со локомотивски чекори од седум милји од Атлантскиот до Тихиот Океан, од Нова Англија до Калифорнија. За да се „одбранат" себеси од змиите на своите „маки“ работниците мораат да се соединат, да ги стегнат своите редови и како класа да извојуваат државен закон, моќна општествена пречка, што ќе ги спречува дури самите нив да се продаваат себеси и својата порода во смрт и ропство врз доброволен договор со капиталот. Место гиздавиот каталог на „неотуѓливите човечки права“ стапува скромната Magna Charta на законски ограничениот работен ден.

 


Глава деветта: Норма и маса на вишокот на вредноста

Со нормата на вишокот на вредноста едновремено е дадена и неговата маса, која уште одделниот работник му ја доставува во определен временски период на капиталистот. Ако изнесува на пр. потребниот труд 6 часа дневно, изразен во парично количество од 3 шил., тогаш 3 шил. е дневната вредност на една работна сила, или вредност на капиталот авансирана за купување една работна сила. Ако потака нормата на вишокот на вредноста е 100%, тогаш овој променлив капитал од 3 шил. ќе произведува маса вишок на вредноста од 3 шил., или работникот секојден ќе лиферува маса вишок на труд од 6 часа.

Масата на произведениот вишок на вредноста е еднаква на големината на авансираниот променлив капитал помножена со нормата на вишокот на вредноста, или е определена со сложениот однос меѓу бројот на работните сили едновремено експлоатирани од еден ист капиталист и степенот на експлоатацијата на одделната работна сила.

Во производството на определена маса вишок на вредноста намалувањето на едниот фактор може да биде надоместено со покачувањето на другиот. Смалувањето на променливиот капитал значи се израмнува со пропорционалното повишување на степенот на експлоатацијата на работната сила, или опаѓањето на бројот на работниците земени на работа со пропорционалното продолжување на работниот ден. Значи во извесни граници капиталот може да исцеди повеќе труд независно од приливот на работниците. Обратно, опаѓањето во нормата на вишокот на вредноста ја остава масата на вишокот на вредноста неизменета ако расте пропорционално големината на променливиот капитал или бројот на работниците земени на работа.

Но притоа надоместувањето на бројот на работниците или големината на променливиот капитал со позголемување на нормата на вишокот на вредноста, или со продолжување на работниот ден, среќава непреминливи граници. Апсолутната граница на средниот работен ден, што по природа секогаш е помала од 24 часа, ја прави апсолутната граница за надоместувањето на смалениот променлив капитал со зголемувањето на нормата на вишокот на вредноста, или надоместувањето на смалениот број на експлоатираните работници со повишување на степенот на експлоатацијата над работната сила.

Масите на вредноста и вишокот на вредноста што се произведени од различни капитали, а при дадена вредност на работната сила и при еднаков степен на експлоатацијата е во права сразмера со големината на променливите составени делови од овие капитали, т.е. нивните составени делови преобратени во жива работна сила.

Не е секоја која било сума пари или вредност претворлива во капитал, ами напротив претпоставка за ова претворање е дека во рацете на одделни стопани на пари или стоки се најдува определен минимум пари или разменска вредност. Минимумот од променливиот капитал е цената на чинењето на една одделна работна сила што ќе се ползува од ден на ден за добивање вишок на вредноста. Кога би ги поседувал овој работник сам своите средства за производство и кога би се задоволил да живее како работник, тогаш нему би му било доста работното време потребно за препроизводство на неговите средства за живот, да речеме од 8 часа дневно. Значи, нему ќе му требаат и средства за производство само за 8 работни часа. Спротивно на тоа, на капиталистот, кој го пушта работникот да му работи освен овие 8 часа уште, да речеме, 4 часа вишок на труд, му треба една придадена сума пари да ги прибави придадените средства за производство. Сепак под нашата претпоставка тој веќе мора да употребува двајца работници за да може од вишокот на вредноста што го присвојува секојден да живее како еден работник, т.е. да може да ги задоволи неговите нужни потреби. Во овој случај неговата цел би била производство за гола одржување на животот, не зголемување на богатството, а ова последново се претпоставува кај капиталистичкото производство. За да живее само двапати подобро од еден обичен работник, и половина од произведениот вишок на вредноста пак да го претвори во капитал, тој би морал да го зголеми едновремено со бројот на работниците и минимумот на авансираниот капитал за осумпати. Секако може самиот тој да запне непосредно со своите раце во процесот на производството, туку тогаш тој е само нешто средно меѓу капиталист и работник, „мал мајстор“. Извесен повисок степен на производството бара, капиталистот целото време додека тој функционира како капиталист, т.е. како персонифициран капитал, да може да го употреби на присвојување туѓ труд и со тоа на контрола над туѓиот труд како и на продавање на производите од овој труд.

Внатре во процесот на производството капиталот се разви во команда над трудот. Капиталистот гледа да ја исполни работникот својата работа како што прилега и со нужниот степен на интензивност. Капиталот потака се развива во принуден однос, што ја присилува работничката класа да врши повеќе работа отколку што пропишува тесниот круг на нејзините сопствени потреби за живот. А како производител на туѓата работност, како цедач на вишок на вредности и експлоататор на работната сила, капиталот далеку ги надминува по енергија, безмерност и ефикасност сите понапрежни системи на производството што почиваат на директен присилен труд.

Не е повеќе работникот што ги употребува средствата за производство, ами тоа се средствата за производство што го употребуваат работникот. Место тој нив да ги троши како материјални елементи на својата производна дејност, тие него го трошат како фермент на својот сопствен животен процес, а животниот процес на капиталот се состои само во неговото движeњe како вредност што се оплодува сама од себе.

 


Оддел четврти

Производство на релативниот вишок на вредноста

Глава десетта: Поим за релативниот вишок на вредноста

Додека при производството на вишокот на вредноста во досега разгледуваната форма начинот на производството го претпоставивме како нешто дадено, тоа сега за производството на вишок на вредноста со претворање на потребниот труд во вишок на трудот никако не е доста капиталот да го овладее процесот на трудот во неговата историски наследена или најдена форма и само да го продолжи неговото траење. За да се повиши производната сила на трудот, а со повишувањето на производната сила на трудот да се снижи вредноста на работната сила и така да се скуси делот од работното време потребен за производство на оваа вредност, нужен е преврат во техничките и општествените услови на процесот на трудот, значи во самиот начин на производството.

Вишокот на вредноста произведен со продолжувањето на работниот ден јас го викам апсолутен вишок на вредноста; вишокот на вредноста што, напротив, произлегува од скусувањето на потребното работно време и соодветното изменувањe на односот меѓу големините на обата составни дела на работниот ден го викам — релативен вишок на вредноста.

Според тоа, во капиталистичкото производство економијата на трудот со развивање на производната сила на трудот нема ни најмалку цел да го скуси работниот ден. Таа има цел само да го скуси работното време потребно за производството на определено количество стоки.

Што работникот, при повишената производна сила на неговиот труд во еден час на пр. произведува 10 пати повеќе стоки отколку порано значи за секое парче стока му треба 10 пати помалку работно време, тоа не е никаква пречка да се пушти тој да работи како и понапред 12 часа и во 12 часа да произведува 1200 парчиња место порано 120. Нешто повеќе, неговиот работен ден може да се продолжи, така што тој сега да произведува во 14 часа 1400 парчиња итн. Затоа кај економистите од кројот на Мекелек, Јур, Сениор и сите други од тој крој може од една страна да се прочита дека работникот треба да му се заблагодари на капиталот за развивањето на производните сили, зашто со тоа се скусува потребното работно време, а на друга страна дека тој мора да ја докаже оваа своја благодарност со тоа што ќе работи отсега 15 часа место 10. Развивањето на производната сила на трудот во рамките на капиталистичкото производство има цел да го скуси оној дел од работниот ден во кој работникот мора да работи сам за себеси, и токму со тоа да се продолжи другиот дел од работниот ден во кој тој може да работи за капиталистот бесплатно. До колку може да се постигне овој резултат и без поевтинување на стоките, ќе се покаже при разгледувањето на особените методи за производство на релативниот вишок на вредноста, на кое ќе преминеме сега.

Но, според тоа, капиталистот што го применува подобрениот начин на производство си присвојува поголем дел од работниот ден како вишок на трудот, одошто другите капиталисти во истата гранка. Од друга страна, овој екстра-вишок на вредноста исчезнува штом ќе стане општ новиот начин на производство и со тоа ќе исчезне разликата меѓу индивидуалната вредност на поевтина произведената стока и нејзината општествена вредност.

Истиот закон за определувањето на вредноста со работното време му дава на капиталистот што го вовел новиот метод, да го сети во таква форма, да мора тој да ја продава својата стока под нејзината општествена вредност, — тој ист закон како принуден закон на конкуренцијата ги гони неговите соперници и тие да го воведат новиот начин на производство.

За да се снижи вредноста на работната сила, повишувањето на производните сили мора да ги зафати оние индустриски гранки, чии производи ја определуваат вредноста на работната сила, значи или тие што влегуваат во кругот на обичните средства за живот, или што можат нив да ги надоместат.

Вредноста на стоките стои во обратна сразмера спроти производната сила на трудот. Исто така и вредноста на работната сила, зашто ја определуваат стоковните вредности. Спротивно на тоа, релативниот вишок на вредноста стои во директна сразмера спроти производната сила на трудот. Поевтинетата стока, се разбира, ја снижува вредноста на работната сила само pro tanto, т.е. само во однос во кој таа влегува во препроизводството на работната сила.

 


Глава единаесетта: Кооперација

Дејствување на поголем број работници во едно исто време, на исто место (или ако се сака, на исто поле на трудот) за производство на една иста сорта стока под команда на еден ист капиталист, историски и поимно ја прави излезната точка на капиталистичкото производство.

Формата на трудот во која планомерно еден крај друг и еден со друг работат мнозина во еден ист процес на производството или во различни, но меѓу себе сврзани процеси на производството, се вика кооперација.

Во секоја индустриска гранка индивидуалниот труд на Петре или Павле повеќе или помалку се отклонува од средниот труд. Овие индивидуални отклонувања, што се викаат во математиката „грешки“, се компензираат и исчезнуваат штом ќе се земат заедно поголем број работници.

Дури и при неизменетиот начин на производство, едновремната употреба на поголем број работници предизвикува револуција во материјалните услови на процесот на трудот. Зградите во кои работат мнозина, складиштата на суровини итн., садовите, инструментите, апаратите итн. што им служат на мнозина едновремено или едноподруго, кусо речено, еден дел од средствата за производство сега се трошат во процесот на трудот заеднички. Од една страна, разменската вредност на стоките, значи и на средствата за производство, ни најмалку не се повишува поради какво било повишување за исползувањето на нивната употребна вредност. Од друга страна, расте размерата на средствата за производство употребувани заеднички. Една соба во која работат 20 ткајачи со нивните 20 разбои мора да биде многу поширока од собата на еден независен ткајач со двајца помошници. Но, производството од една работилница за 20 лица чини многу помалку труд одошто 10 работилници за по 2 лица, и општо вредноста на средствата за масовна концентрирање и заедничко производство не расте во иста сразмера со нивниот обем и со нивниот полезен ефект. Заеднички употребуваните средства за производство му пренесуваат помал составен дел од вредноста на одделниот производ. Со ова се смалува еден составен дел од вредноста на постојаниот капитал, па значи, сразмерно со неговата големина, и вкупната вредност на стоката. Ефектот е ист, како кога би биле средства за производство на стоката произведени поевтино.

Оваа економија во употребувањето на средствата за производство произлегува само од нивното заедничко трошење во процесот на трудот од мнозина. А средствата за производство го добиваат овој карактер како услови на општествен труд или општествени услови на трудот за разлика од распрснатите и релативно скапите средства за производство на изолираните, одделните самостојни работници или мали мајстори, дури и тогаш ако мнозината работат заедно во едни простории, а не едни со други. Еден дел од средствата на трудот го придобива овој општествен карактер, пред него да го придобие самиот процес на трудот.

Како што нападната сила на еден кавалериски ескадрон или отпорната сила на еден пешадиски полк битно се разликува од сумата нападни и отпорни сили на секој одделен кавалерист или пешак, токму така и механичката сума на силите на одделни работници се разликува од општествената сила што се развива кога многу раце едновремено учествуваат во една иста неразделна операција.

Овдека не се работи само за повишување на индивидуалната производна сила со кооперацијата, ами за создавање една производна сила, што сама по себе мора да биде масовна сила.

Независно од новата сила што произлегува од слевањето на многу сили во една вкупна сила, самиот општествен контакт при повеќето видови производен труд предизвикува натпреварување и особена возбуда на животните духови, што ја повишуваат индивидуалната способност на одделните лица, така што дванаесетмина заедно во еден едновремен работен ден од 144 часа ќе достават еден многу поголем вкупен производ отколку дванаесет одделни работници од кои секој еден работи по 12 часа, или отколку еден работник што работи 12 дена едноподруго. Тоа е затоа така, што е човекот од природа, ако не едно политичко, како што мисли Аристотел, секако едно општествено животно.

Иако мнозина едновремено и заеднички извршуваат една иста или еднородна работа, сепак индивидуалниот труд на секој еден може да претставува различни фази од самиот процес на трудот низ кои поради кооперацијата, предметот на трудот врви побргу.

На пр., кога ѕидарите ќе направат една редица од раце, за да ги изнесат камењата од долу до на врв скеле, секој од нив ја прави истата работа, но сепак одделните операции прават сврзани делови од вкупната операција, прават особени фази низ кои мора да замине секој камен во процесот на трудот, и при тоа 24 раце од вкупниот работник да речеме побргу го пренесуваат него одошто двете раце на секој одделен работник што би се качувал и слегувал по скеле. Предметот на трудот го врви истото пространство за покусо време. Од друга страна, се врши комбиниран труд и тогаш кога ќе се зафати на пр. една зграда, едновремено од различни страни, иако кооперантите вршат иста или еднородна работа.

Ако е процесот на трудот сложен, тогаш самата маса од лицата што работат заедно овозможува да се разделат различните операции меѓу различни раце, за да се извршат едновремено и со тоа да се скуси работното време потребно за изготвување на целокупниот производ.

Од една страна, кооперацијата дозволува да се прошири просторната сфера на трудот и затоа таа е потребна за извесни процеси на трудот и поради просторната поврзаност на предметот на трудот. Од друга страна, таа овозможува сразмерно со степенот на производството, просторно да се стесни областа на производството, со што се заштедуваат маса непроизводни трошоци.

Бројот на работниците што кооперираат или сразмерата на кооперацијата, најнапред зависи од големината на капиталот што одделниот капиталист може да ја издаде за купување работна сила, т.е. од тоа во каков обем секој еден капиталист располага со средствата за живот на многу работници. И ова не се однесува само за променливиот капитал, туку и за постојаниот. Концентрацијата на поголеми маси средства за производство во рацете на одделни капиталисти значи е материјален услов за кооперацијата на наемните работници, а обемот на кооперацијата, или размерот на производството, зависи од обемот на оваа концентрација.

Командата на капиталистот на производното поле сега станува исто така неопходна како командата на генералот на бојното поле. Секој непосреден општествен или заеднички труд со голема размера има повеќе или помалку нужда од една управа што поставува хармонија на индивидуалните дејности и ги извршува општите функции што произлегуваат од движењето на целокупното производно тело, за разлика од движењето на неговите самостојни органи. Еден одделен виолинист си диригира само себеси, оркестарот има нужда од диригент.

Оваа функција на управување, надгледување и согласување станува функција на капиталот штом трудот што му е потчинет ќе стане кооперативен. Како специфична функција на капиталот, функцијата управување добива специфични карактерни белези.

Во планомерното соработување со другите работникот ги брише своите индивидуални граници и ја развива силата на својот род.

Врската на нивните работи ним идеално им спротистои како план, практично како авторитет на капиталистот, како сила на една туѓа волја, која нивното дејство го потчинува на својата цел.

Со масата работници, што се едновремено на работа расте и нивниот отпор, а со таа и нужниот натисок на капиталот, за да го совладаат овој отпор. Управувањето на капиталистот не е само особена функција што произлегува од природата на општествениот процес на трудот и што му припаѓа нему, таа е едновремено функција на експлоатацијата на општествениот процес на трудот, а затоа е условена од неизбежниот антагонизам меѓy експлоататорот и материјалот на неговата експлоатација.

Ако капиталистичкото управување по содржина е двојствено, поради двојственоста на самиот процес на производството што треба да се управува, тогаш тоа по својата форма е деспотско. Штом ја достигне капиталот онаа минимална големина, со која дури и почнува вистинското капиталистичко производство, функцијата за непосреден и постојан надзор над одделните работници и работни групи самиот тој им ја отстапува на еден особен вид наемни работници. Како на армија, и на масата работници ѝ требаат индустриски виши офицери (управници) и подофицери (надгледници) кои за време на процесот на трудот командуваат од името на капиталот. Капиталистот не е капиталист, зашто ја управува индустријата, туку тој станува индустриски заповедник, зашто е капиталист. Врховната власт во индустријата станува атрибут на капиталот, како што во феудалното време врховната власт и во војната и во судот била атрибут на земјишната сопственост.

Производната сила, што ја развива работникот како општествен работник, е производна сила на капиталот. Општествената производна сила на трудот се развива бесплатно штом ќе бидат работниците ставени под определени услови, а капиталот нив ги става под овие услови. Бидејќи општествената производна сила на трудот не го чини ништо капиталот, бидејќи од друга страна неа не ја развива работникот пред да му припадне на капиталот самиот негов труд, тоа таа се појавува како производна сила што капиталот ја има од природа, како негова внатрешна производна сила. Кооперацијата во процесот на трудот, како што ние ја најдуваме претежно во почетокот на културата на човештвото, од една страна почива врз заедничката сопственост над условите за производство, од друга страна на тоа што одделната индивидуа сѐ уште не беше откината од папочната врвца што ја врзувала за нејзиното племе или заедница, како што пчелата индивидуа не може да се откине од улиштето. И по едното и по другото таа се разликува од капиталистичката кооперација. Спорадичната примена на кооперацијата во голема размера во античкиот свет, во средниот век и во модерните колонии почива врз односите на непосредното господство и потчинетост, најмногу врз ропството. Напротив, капиталистичката форма на кооперацијата уште однапред има за претпоставка слободен наемен работник што му ја продава својата работна сила на капиталот. Историски таа сепак се развива во спротивност спроти селското стопанство и спроти независниот занаетчиски труд. Спроти нив капиталистичката кооперација не се јавува како некоја посебна форма на кооперацијата, туку самата кооперација се јавува како една историска форма што му е својствена на капиталистичкиот начин на производство и него го прави специфично различен.

Кооперацијата е првата измена што ја претрпува вистинскиот процес на трудот откога ќе се потчини под капиталот. Оваа измена врви стихијно. Нејзината претпоставка, едновремено да работи еден поголем број наемни работници во еден ист процес на трудот, ја прави излезната точка на капиталистичкото производство.

 


Глава дванаесетта: Поделба на трудот и мануфактурата

Кооперацијата што почива врз поделбата на трудот го создава својот класичен облик во мануфактурата. Како карактеристична форма на капиталистичкиот процес на производството, таа преовладува за време на вистинскиот мануфактурен период, што приближно трае од средината на 16 век до кон последната третина на осумнаесеттиот.

Мануфактурата настанува на два начина. Во првиот случај во една работилница, под команда на еден ист капиталист се соединуваат работниците од разнообразни, самостојни занаети, низ чин раце мора да помине некој производ сѐ додека тој не биде сосем готов. Како пример може да земеме еден часовник. Од индивидуален производ на еден занаетчија часовникот се претвори во општествен производ на безброј делски работници, и сиве овие се собираат дури во рацете, кои најпосле ги сврзуваат овие членови во едно механичко цело.

Но мануфактурата произлегува и по спротивен пат. Еден ист капиталист зема на работа едновремено во иста работилница многу занаетчии, што вршат една иста или еднородна работа. Трудот се поделува. Место да се остави еден ист занаетчија да врши временски едноподруго различни операции, тие една од друга се разделуваат, се изолираат, се стоваат просторно една крај друга, секоја од нив му се доверува на еден друг занаетчија и сите заедно едновремено ги вршат кооперираните работници. Од индивидуалниот производ на еден самостоен занаетчија, што прави многу нешта, стоката се претвора во општествен производ на еден сојуз од занаетчии. Оваа усовршена форма на мануфактурата, произведува изработки што врват низ сврзани фази на развитокот, низ ред сукцесивни процеси, како на пример што врви жицата во мануфактурата за шијачки игли низ рацете на 72 и дури 92 специфични делски работници.

Значи, начинот на изникнувањето на мануфактурата, нејзиното изобразување од занаетот е двородно. Од една страна таа произлегува од комбинацијата на разнородни, самостојни занаети, што ја губат својата самостојност и стануваат до таква мера еднострани, што во процесот на производството на една иста стока тие прават уште само делски операции што се дополнуваат една со друга. Од друга страна, таа произлегува од кооперацијата на еднородни занаетчии што го раставуваат истиот индивидуален занает на неговите различни посебни операции и ги изолираат и осамостојуваат до таков степен, што секоја од нив станува исклучива функција на еден посебен работник. Според тоа, мануфактурата од една страна воведува во некој процес на производството поделба на трудот или уште повеќе ја развива, а од друга страна, ги комбинира разделените занаети. Но каква сакало да биде нејзината посебна излезна точка во овој или оној случај, нејзиниот завршен лик останува ист — еден производен механизам чии органи се луѓето.

Била таа сложена или проста, операцијата си останува занаетчиска и затоа е зависна од силата, умеењето, брзината и сигурноста на одделниот работник, од неговиот опит да ракува со неговиот инструмент. Занаетот останува основа. Оваа тесна техничка основа исклучува вистинска научна анализа над процесот на производството, идејќи секој делски процес низ кој поминува производот мора да биде изводлив како делски занаетчиски труд. Токму поради тоа што така занаетчиското умеење останува основа на процесот на производството, секој работник се приспособува исклучиво кон една делска функција и неговата работна сила се претвора во доживотен орган на оваа делска функција.

Станува јасно дека работникот, што врши низ целиот живот една иста проста операција, целото свое тело го претвора во нејзин автоматски едностран орган и следствено нему му треба помалку време отколку на занаетчијата, што изведува едноподруго цела редица операции. Но комбинираниот вкупен работник се состои исклучиво само од такви еднострани делски работници. Поради тоа, во споредба со самостојниот занает, за помалку време се произведува повеќе или се зголемува производната сила на трудот.

Исто така и методот на делскиот труд се усовршува поради што тој станува самостојна исклучива функција на едно лице. Постојаното повторување на една иста ограничена операција и концентрацијата на вниманието врз оваа ограничена операција учат преку опит да се постигне саканиот полезен ефект со најмал издаток на сила. Но бидејќи секогаш различни работнички генерации едновремено живеат заедно и заедно работат во иста мануфактура, така здобиените технички искуства се утврдуваат, собираат и пренесуваат.

Мануфактурата вистински од делските работници произведува виртуозност, со тоа што таа внатре во работилницата ја репродуцира и тера до крајност спонтаната поделба на занаетите што ги заварила таа во општеството. Од друга страна, нејзиното претворање на делскиот труд во животна професија на еден човек му одговара на стремежот од понапрежните општества да ги направат занаетите наследни, да си скаменат во касти, или да ги окостат во еснафи, во случај кога определените историски услови ќе создадат променливост на индивидуата што му противречи на кастинството.

Еден занаетчија, што изведува едноподруго различни делски процеси во производството на некоја изработка, мора да го сменува де местото, де инструментот. Преминувањето од една операција кон друга го прекинува текот на неговиот труд и образува донекаде поpи во неговиот работен ден. Овие пори се стеснуваат штом тој цел ден непрекинато врши една иста операција, или тие исчезнуваат во онаа мера, во која се смалува изменувањето на неговата операција. Зголемената производност овде се должи или на зголеменото трошење работна сила во еден даден период време, значи на зголемениот интензитет на трудот или на некое опаѓање во непроизводното трошење на работната сила.

Производноста на трудот не зависи само од виртуозноста на работникот, туку и од совршеноста за неговите орудија. Станува нужна измената на орудијата што понапред служеле за различни цели. Во каков правец ќе се изменува формата на орудијата е определено од опитот со посебни тешкотии што произлегуваат од употребата на орудијата со неизменети форми. Мануфактурата ја карактеризира диференцирањето на работните инструменти, со што инструментите од еден ист род придобиваат посебни цврсти форми за секоја посебна полезна примена, и нивното специјализирање, со што секој таков посебен инструмент дејствува во неговиот полн обем само во рацете на специфичниот делски работник.

До колку таквата мануфактура ги комбинира дотогаш растурените занаети, таа ја смалува просторната разделеност меѓу посебните производствени фази на изработката. Се скусува времето на нејзиниот премин од едниот стадиум во другиот, а така исто и трудот што ги врши овие премини. Вака се добива, во споредба со занаетот, поголема производна сила. Од друга страна, принципот на поделбата на трудот, својствен на мануфактурата, условува едно изолирање на различните фази на производството, што стануваат самостојни една спроти друга исто така како многу занаетчиски делски работи. Воспоставувањето и одржувањето на врските меѓу изолираните функции создава нужда за постојано пренесување на изработката од рака на рака и од еден процес во друг. Од гледиштето на крупната индустрија ова пренесување се покажува како една внатрешна ограниченост карактеристична за мануфактурата, скапо е, а произлегува од самиот принцип на мануфактурата.

Бидејќи делскиот производ на секој делски работник е едновремено само еден посебен степен во развитокот на една иста изработка, еден работник му доставува на друг или една група работници ги доставува на друга нивните суровини. Резултатот на трудот на едниот е излезна точка за трудот на другиот. Затоа едниот работник овде непосредно му дава работа на другиот. Потребното работно време за да се постигне саканиот полезен ефект во секој одделен процес се утврдува со опит, а целокупниот механизам на мануфактурата почива врз претпоставката во дадено работно време да се постигнува еден даден резултат. Само под оваа претпоставка можат различните процеси на трудот што се дополнуваат еден со друг да течат без прекин, едновремено и просторно еден крај друг.

Оваа непосредна зависност на работите една од друга, а со тоа и на работниците, го присилува секој поединец, да го потроши за својата функција само потребното време, а така се постигнува еден сосем друг континуитет, еднообразност, правилност, ред, а особено и поголема интензивност на трудот, отколку во независниот занает или во самата проста кооперација. Тоа што на една стока се троши само работното време општествено потребно за нејзината изработка се јавува при стоковното производство воопшто, како надворешен принуден натисок на конкуренцијата, бидејќи, површно речено, секој одделен производител мора да ја продава стоката по нејзината пазарна цена. Напротив, во мануфактурата подготвувањето на дадено количество производ во дадено работно време станува технички закон на самиот процес на производството.

Мануфактурната поделба на трудот значи не само што ги попростува и умножува квалитативно различните органи на општествениот вкупен работник, туку создава и утврден математички однос за квантитативниот обем на овие органи, т.е. за релативниот број на работниците или за релативната големина на работните групи во секоја специјална функција. Заедно со квалитативното расчленување таа го развива правилото на квантитетната норма и пропорционалноста на општествениот процес на трудот.

Мануфактурниот период, кој набргу го прави како свој свесен принцип смалувањето на работното време потребно за производството на стоки спорадично ја развива и употребата на машини, особено за извесни прости подготвителни процеси, што треба да се изведуваат во поголеми маси и со голема примена на сила. Сепак машинеријата главно ја игра онаа второстепена ролја што ѝ ја придава Адам Смит покрај поделбата на трудот.

Како специфична машинерија на мануфактурниот период си останува самиот вкупен работник составен од многу делски работници. Различните операции што ги врши наизменично производителот на некоја стока и што се сплеткуваат во едно цело во процесот на неговиот труд, бараат од него разнолични способности. Во еден случај мора тој да развива повеќе сила, во друг повеќе фат, во трет повеќе внимание итн., а една иста индивидуа не ги има сиве овие особености во еднаква мера. По раздвојувањето, осамостојувањето и изолирањето на различните операции, и работниците се делат, се класифицираат и се групираат според нивните претежни својства. Ако природните својства ја образуваат основата врз каја се накалемува поделбата на трудот, тогаш мануфактурата, воведена еднаш, ги развива производните сили што по својата природа се погодни само за еднострана посебна функција. Вкупниот работник сега ги има сите производни особености во еднаков висок степен на виртуозност а едновремено ги троши најекономично, бидејќи тој сите свои органи, индивидуализирани во посебни работници и работнички групи, ги применува исклучиво за нивните специфични функции. Едностраноста и самата несовршеност на делскиот работник станува негова совршеност како член на вкупниот работник. Навиката кон една еднострана функција го претвора во нејзин орган што дејствува со природна сигурност, додека поврзаноста на целокупниот механизам ги присилува да дејствува со регуларноста на дел од некоја машина.

Бидејќи различните функции на целокупниот работник се попрости или посложени, пониски или повисоки, и неговите органи, индивидуалните работни сили бараат мошне различни степени на образованост и според тоа имаат мошне различна вредност.

Затоа мануфактурата создава во секој занает, што го зафаќа таа, една класа таканаречени невешти работници, какви што занаетчиското производство строго исклучуваше. Штом ја разви за сметка на целата работна способност сосем едностраната специјалност до виртуозност, таа почнува веќе и од недостатокот на секаков развиток да прави специјалност. Покрај хиерархиската поделба на степени иде простата поделба на работниците во квалифицирани и неквалифицирани. Трошоците за изучување кај последниве сосем отпаѓаат, а за првите тие се смалуваат. Релативното обезвредување на работната сила, што произлегува од отпаѓањето или смалувањето на трошоците за изучувањето, непосредно носи повисоко оплодување на капиталот, бидејќи сето она што го скусува потребното време за производство на работната сила ја раширува областа на вишокот на трудот. Општествениот производствен механизам што е составен од многу индивидуални делски работници му припаѓа на капиталистот. Поради тоа производната сила што произлегува од комбинацијата на разни видови труд се јавува како производна сила на капиталот.

Ако отпрво работникот му ја продаваше својата работна сила на капиталот, бидејќи тој немаше материјални средства за производството на некоја стока, сега самата негова индивидуална работна сила му откажува нему служба штом таа не му се продаде на капиталот. Таа функционира само уште во една поврзаност, што суштествува дури откога ќе се продаде, во работилницата на капиталистот. Онеспособен во неговото природно својство да направи нешто што било самостојно, мануфактурниот работник ја развива производната дејност само уште како придодаток кон работилницата на капиталистот. Како што на челото на одбраниот народ стоеше напишано дека тој е сопственост на Јехова, така и поделбата на трудот му удира печат на мануфактурниот работник, го запечатува него како сопственост на капиталот.

Збогатувањето на целокупниот работник, а со тоа и на капиталот со општествена производна сила, е условено од осиромашувањето на работниците во индивидуални производни сили. Вистина, во средината на 18 век некои мануфактури за извесни прости операции претпочитале да употребуваат полуидиоти, само што тоа било фабричка тајна. Извесна духовна и телесна запеченост е нераздвојна дури од општата поделба на трудот во општеството. Но мануфактурниот период е првиот што дава материјал и поттик на индустриската патологија.

Мануфактурната поделба на трудот создава нови услови за господство на капиталот над трудот. Додека таа пoради таа се покажува од една страна како историски напредок и нужен момент на развитокот во процесот на економското изградување на општеството, од друга пак страна, се покажува како средство за цивилизирана и рафинирана експлоатација.

Затоа во време на целиот мануфактурен период не престануваат жалбите за отсуство на дисциплина кај работниците. Капиталот мора постојано да се бори со непослушноста на работниците. На капиталот не му успеа да го завладее целото работно време со кое располагале мануфактурните работници.

Мануфактурата не можеше да го зафати општественото производство во неговиот цел обем, нити да го преобрази од неговиот темел. Таа го достигна својот врв како економско вешто дело на широката основа на градското занаетчиство и селската домашна индустрија. Нејзината сопствена тесна техничка база на извесен степен во својот развиток дојде во противречност со потребите за производство што ги создаде самата таа.

Едно од нејзините најсовршени созданија беше работилницата за производство на самите орудија на трудот, а особена комплицираните механички апарати што веќе биле во употреба. Овој производ на мануфактурната поделба на трудот од своја страна произведува машини.

 


Глава тринаесетта: Машинерија и крупна индустрија

Пресвртот на начинот на производството во мануфактурата ја зема за излезна точка работната сила, а во крупната индустрија средствата на трудот. Значи, прво што треба да испитаме е тоа, со што се разликува машината од занаетчискиот инструмент.

Секоја развиена машинерија се состои од три битно различни дела, движечка машина, трансмисионен механизам и најпосле машина-алатка или работна машина. Машината двигател дејствува како движечка сила на целиот механизам. Трансмисиониот механизам го регулира движењето, а каде што е нужно ја изменува неговата форма (на пр. ја претвора од вертикална во кружна) го распределува движењето и го пренесува на работната машинерија. Индустриската револуција во 18 век тргнува од овој дел на машинеријата, од машината-алатка. А таа и ден-денеска сѐ уште пак ја прави излезната точка штом занаетчиското или мануфактурното производство преминува во машинско.

Ако ја погледнеме сега поодблиску машината-алатка или вистинската работна машина, тогаш ние воопшто и во цело пак ги гледаме иако често во изменета форма, апаратите и алатите со кои работеа занаетчиите и мануфактурните работници, само што наместо да се алати на луѓето, тие се сега алати на еден механизам или машини. Или целата машина е само едно повеќе или помалку изменето механичко издание на стариот занаетчиски инструмент, како што е при механичкиот разбој, или работните органи што се придадени кон скелетот на работната машина се наши стари познаници, како вретеното на машината за предење, иглите на плетачката машина, пилите на стругарската машина, ножевите на машината за сечење итн. Разликата на овие алати од самото тело на работната машина почнува уште од нивното создавање. Имено, тие сѐ уште и во поголемиот дел се произведуваат на занаетчиски или мануфактурен начин, а дури подоцна се прицврстуваат на телото од работната машина што се произведува на машински начин. Значи, машината-алатка е еден механизам, кој од кога ќе добие соодветно движење, ги извршува со своите алати истите операции што работникот ги извршуваше порано со слични алати. Дали сега движечката сила ќе произлегува од човекот или пак само од некоја друга машина, ништо не ја менува cушноcтa на работата.

По пренесувањето на вистинскиот алат од човекот на некој механизам настапува машината место простиот алат. Разликата е очигледна дури и кога самиот човек ќе остане сѐ уште прв мотор. Бројот на работните инструменти со кои човекот може едновремено да дејствува е ограничен со бројат на неговите природни инструменти за производство, со неговите сопствени телесни органи. Отпрво во Германија се обиделе еден предач да врти два родана, значи да го принудат да работи едновремено со двете раце и со двете назе. Ова било мошне напорно. Попосле изнашле еден родан со две вретена, но предачи виртуози што можат да предат две жици едновремено биле готово толку ретки, како што се луѓе со две глави.

Напротив „jenny” веќе веднаш преде со 12 до 18 вретена, плетачката машина плете со многу илјади игли наеднаш итн. Бројот на алатите со кои истата машина-алатка работи едновремено однапред е ослободен од органските граници што го стеснуваат рачниот алат на работникот.

За да се наголеми обемот на работната машина и бројот на нејзините алати што оперираат едновремено, се сака еден поголем движечки механизам, а овој механизам сака една посилна движечка сила отколку што е човечката за да го совлада својот сопствен отпор. Дури со втората парна машина на Ват, таканаречената машина со двојно дејство, беше пронајден првиот мотор, што си ја произведува сам својата движечка сила со тоа што голта јаглeн и вода, чијашто сила сосем стои под човечка контрола, а е подвижен и е средство за движење, е градски, а не селски како што е водното колце, ја овозможува концентрацијата на производството по градовите, наместо да ја растура по селата како што е случајот со водното колце, кој во својата технолошка примена е универзален, а неговата локација сразмерно малку зависи од месните околности. Великиот гениј на Ват се покажува и во спецификацијата на патентот што ја зел тој во април 1784 г., а според која неговата парна машина не била опишана како некој изнајдок за посебни цели, туку како општ двигател на крупната индустрија.

Со бројот на едновремено движените работни машини расте и движечката машина, а трансмисиониот механизам се раширува во далекуопфатен апарат. Сега треба да се прави двојна разлика: кооперација од многу еднородни машини и систем на машини.

Во едниот случај целата изработка ја приготвува истата работна машина. Било една таква работна машина да е само механичко препроизводство на еден сложен занаетчиски алат, или комбинација од разнородни прости инструменти специјализирани од мануфактурата, во фабриката, пак секогаш се појавува простата кооперација, најпрво како просторно натрупани еднородни работни машини што дејствуваат едновремено и заедно. Но еден вистински машински систем стапува на местото на поединечните самостојни машини, дури тогаш кога предметот на трудот врви едноподруго низ редица различни еден со друг сврзани одделни процеси што ги изведуваат низа разновидни машини алатки, но што се дополнуваат една со друга. Овде пак се појавува својствената за мануфактурата кооперација заснована врз поделбата на трудот, само што сега како комбинација на делски работни машини.

Комбинираната работна машина, што е сега еден расчленет систем од разнородни поединечни работни машини или од групи такви, е толку посовршена колку што е поконтинуиран нејзиниот вкупен процес, т.е. со колку помалку прекини преминува суровината од нејзината прва фаза до нејзината последна, значи колку повеќе самиот механизам место човечката рака ја пренесува неа од едната фаза на производството во другата. Ако во мануфактурата изолирањето на посебните процеси е принцип даден од самата поделба на трудот, тогаш во развиената фабрика напротив владее континуитет на посебните процеси.

Штом работната машина ги врши сите движења потребни за изработка на суровината без содејство на човекот, а само со мала припомош, ние имаме автоматски систем на машинерија.

Како расчленет систем на работни машини што го добива своето движење само со трансмисионата машинерија од еден централен автомат, машинското производство ја добива својата најразвиена форма. На местото на поединечната машина овде стапува едно механичко страшилиште, чиешто тело ги исполнува фабричките згради, и чијашто демонска сила, отпрво притаена скоро со свечени одмерени движења на нејзините исполински членови, избувнува во трескаво бесен танец на нејзините безбројни вистински работни органи.

Како што поединечната машина останува како кепец сѐ дури ја движи човекот, како што машинскиот систем не можеше слободно да се развие пред да стапи парната машина на местото на заварените движечки сили, така и целокупниот развиток на крупната индустрија беше парализиран сѐ додека нејзиното најкарактеристично средство за производство, самата машина, имаше да ѝ заблагодари за своето суштествување на личната сила и на личниот опит.

Машинеријата функционира само во раката на непосредно поопштествениот или заедничкиот труд. Кооперативниот карактер на процесот на трудот, значи, овде е техничка нужност, диктирана од самата природа на средствата на трудот. Исто како и секој друг составен дел од постојаниот капитал, и машинеријата не создава никаква вредност, но ја пренесува својата сопствена вредност на производот, за чие производство таа служи. При дадена пропорција во која машинеријата ја пренесува вредноста на производот, големината на овој дел од вредноста зависи од нејзината сопствена големина на вредноста. Но колку самата таа содржи помалку труд, толку помалку вредност му предава на производот. Колку помалку вредност предава, толку е таа попроизводна и толку повеќе нејзината услуга се приближува кон природните сили. Според тоа, производноста на машината се мери со степенот во кој таа ја надоместува човечката работна сила.

Кога се разгледува машинеријата како средство за поевтинувaњe на производот, тогаш границата за употребата на машинеријата е дадена со тоа, што нејзиното сопствено производство чини помалку труд, отколку трудот што се заместува со нејзината примена. Сепак за капиталот оваа граница е уште потесна. Бидејќи тој не го плаќа употребениот труд, туку вредноста на употребената работна сила, тогаш употребата на машини за него е ограничена со разликата меѓу вредноста на машината и вредноста на работната сила што ја заместува таа.

До колку машинеријата ја прави излишна силата на мускулите, таа станува средство да се употреби работникот без мускулна сила или со понезрел телесен развиток, но со поеластични членови. Поради тоа женскиот и детскиот труд беше првиот збор на капиталистичката примена на машинеријата!

Ова силно средство за заместување на трудот и работниците веднаш се претворило со тоа во едно средство за зголемување на бројот на наемните работници со подредување на сите членови од работничката фамилија, без разлика на пол и возраст под непосредното господство на капиталот. Присилниот труд за капиталистот не го узурпирал само времето на детските игри туку и слободниот труд што се вршел за нуждите на самата фамилија во домашниот круг, во рамките на моралните граници.

Притоа машинеријата ги фрла на пазарот на трудот сите членови од работничката фамилија, и така вредноста на работната сила од мажот ја поделува на целата негова фамилија. Со тоа таа ја обезвредува неговата работна сила. За да може една фамилија да живее, сега мораат четворицата да му даваат на капиталот не само труд туку и вишок на трудот. Така машинеријата, со проширувањето на заварениот човечки материјал за експлоатација, т. е. вистинското поле на капиталистичката експлоатација, едновремено го проширува и степенот на експлоатацијата.

Работникот порано ја продаваше својата сопствена работна сила, со која тој располагаше како формално слободно лице. Сега тој ги продава жената и детето. Тој станува трговец на робови.

Како што покажа една официјална лекарска анкета во 1861 г., високата норма на смртноста, ако не се земат предвид месните околности, се должи главно на работењето на мајката надвор од куќата, и оттука произлезеното лошо одгледување и запуштеноста на децата, оттука и неприродното отуѓување на мајката од детето, а поради тоа преднамислено изгладнување и труење. Со револуцијата во земјоделските култури се воведе индустрискиот систем. „Омажени жени што работат во тајфи заедно со девојки и момци, се изнајмуваат во цели тајфи за една определена сума од страна на еден човек, што се вика водач на тајфа и му се ставаат на располагање на закупецот. Овие тајфи често патуваат многу милји далеку од нивните села, наутро и навечер се среќаваат по селските патишта.“ Овде се препроизведуваат сите појави на фабричките околии, а уште во поголем степен прикриено убивање на децата и труење на децата со опијати.

Моралното пропаѓање произлезено од капиталистичката експлоатација на женскиот и детскиот труд така исцрпно го претстави Ф. Енгелс во книгата „Положбата на работничката класа во Англија“ и други писатели, што јас овде само потсетувам на тоа.

Духот на капиталистичкото производство јасно се гледа од невнимателната редакција на таканаречените воспитни клаузули на фабричките акти, од отсуството на административен апарат, поради што оваа присилна настава во поголем дел пак си останува илузорна, од опозицијата на фабрикантите дури и против овој закон за настава и од нивните практични итроштини и заобиколки да го избегнат него.

Ако е машинеријата најмоќно средство за да се зголеми производноста на трудот, т.е. да се скуси работното време потребно за производството на некоја стока, таа како носител на капиталот станува најсилно средство за да се продолжи работниот ден над секоја природна граница отпрво во индустриите кои непосредно ги завладеала таа.

Активниот период од животот на машинеријата очевидно е определен со должината на работниот ден или со дневното траење на процесот на трудот помножено со бројот на деновите, во кои се повторува процесот.

Материјалното абење на машината е од два вида. Едниот произлегува од нејзината употреба, како што се лиже златникот во циркулацијата, другиот произлегува од нејзината неупотреба, како што 'рѓосува мечот без дејство во ножницата.

Но покрај материјалното, машината подлежи и на едно, така да речеме, морално абење. Таа губи разменска вредност во мера во која машини од иста конструкција можат да се репродуцираат поевтино или и се јавуваат подобри машини како конкуренти. Во обата случаи, нејзината вредност се определува од работното време потребно за репродукција на самата неа или за репродукција на подобра машина. Поради тоа таа е повеќе или помалку обезвредена. Колку е покус периодот во кој се препроизведува вкупната вредност, толку е помала опасноста од моралното абење, а колку е подолг работниот ден, толку е покус овој период. При првото воведување на машинеријата идат едноподруго сѐ нови и нови методи за нејзиното сѐ поевтино препроизводство и усовршувања што ги зафаќаат не само одделните делови или апарати, туку и целата нејзина конструкција. Затоа во првиот период од животот на машината овој особен мотив за продолжување на работниот ден дејствува со најостра жестина. Развитокот на машинското производство врзува еден составен дел од капиталот што постојано расте во таква форма, во која тој од една страна може непрекинато да се оплодува, додека од друга страна ја губи употребната и разменската вредност, штом ќе се прекине неговиот допир со живиот труд. Машината произведува релативен вишок на вредноста, не само со тоа, што таа директно ја снижува вредноста на работната сила и неа посредно ја поевтинува со поевтинувањето на стоките што влегуваат во нејзината репродукција, туку и со тоа што таа, при нејзиното прво спорадично воведување, трудот што го применува стопанот на машината го претвора во потенциран труд, кој ја покачува општествената вредност на машинскиот производ над неговата индивидуална вредност и така го оспособува капиталистот да ја надоместува дневната вредност на работната сила со помал дел од вредноста на дневниот производ. Затоа печалбите за време на овој преоден период, во кој машинското производство има некаков вид монопол, се извонредни.

Кога употребата на машинеријата во истата гранка на производството станува општа, општествената вредност на машинскиот производ паѓа на нејзината индивидуална вредност и влегува во дејство законот, според кој вишокот на вредноста не произлегува од работните сили, што ги заменил капиталистот со машини, туку обратно од работните сили, што тој ги зема на работа. Невозможно е, на пр., да се исцеди од двајца работници исто толку вишок на вредноста како од 24. Ако секој од 24-те работници на 12 часа дава само еден час вишок на трудот, тие заедно даваат 24 часа вишок на трудот, додека вкупниот труд од двајца работници изнесува само 24 часа. Значи, во примената на машинеријата за производство на вишок на вредноста лежи една внатрешна противречност, а таа е во тоа што од двата фактора на вишокот на вредноста што го дава еден капитал од дадена големина едниот фактор, нормата на вишокот на вредноста само со тоа се зголемува, што го смалува другиот фактор, бројот на работниците.

Оваа внатрешна противречност се појавува штом употребата на машинеријата ќе стане во некоја индустриска гранка општа и штом вредноста на стоката произведена машински ќе стане вредност што ја регулира општествената вредност на сите стоки од исти вид; а тоа е онаа противречност што го гони постојано капиталот, тој без да е свесен за тоа, кон насилното продолжување на работниот ден, за да го надомести релативното смалување на бројот на експлоатираните работници со зголемување не само на релативниот туку и на апсолутниот вишок на трудот.

Значи, ако капиталистичката примена на машинеријата создава од една страна нови силни мотиви за безмерно продолжување на работниот ден и го револуционира самиот начин на трудот како и карактерот на општественото работно тело, на таков начин, што крши секаков отпор против оваа тенденција; од друга страна, таа произведува — делум поради потчинување под капиталот на порано недостапни слоеви од работничката класа, делум со ослободувањето на работниците што се истиснати од машините едно прекумерно работничко население — кое мора да се препушти на законите што ги диктира капиталот. Оттука е оваа забележлива појава во историјата на модерната индустрија машината да ги руши сите морални и природни граници на работниот ден. Оттука иде економскиот парадокс да се превртува најмоќното средство за скусување на работното време во најнепогрешиво средство за претворање на целиот век на работникот и на неговата фамилија во работно време, што стои на располагање за оплодувањето на капиталот.

Само од себе се разбира дека со напредокот на машинизмот и со насобраниот опит на една посебна класа машински работници природно расте и брзината, а со тоа и интензивноста на трудот. Така, во Англија продолжувањето на работниот ден оди половина век рака под рака со порастот на интензивноста на фабричкиот труд. Исто така, се разбира дека мора неизбежно да настапи еден момент каде што продолжувањето на работниот ден и интензивноста на трудот една со друго се исклучуваат, така што продолжувањето на работниот ден станува изводливо само со снижување на степенот на интензивноста на трудот и, обратно, зголемувањето на степенот на интензивноста станува изводлива само со скусувањето на работниот ден. Штом oгopченоста на работничката класа ја присили државата, насилно да го скуси работното време и најпрво да диктира во вистинските фабрики нормален работен ден, значи од овој момент кога еднаш за секој пат беше пресечено зголемувањето на производството на вишокот на вредноста со продолжување на работниот ден, капиталот се фрли со сета своја сила и со полна свест на производство на релативен вишок на вредноста со забрзување на развитокот на машинскиот систем.

Едновремено со тоа настана измена и во карактерот на релативниот вишок на вредноста. Поинтензивниот час на десетчасовниот работен ден сега содржи исто толку или повеќе труд, т.е. потрошена работна сила, отколку попорозниот час на дванаесетчасовниот работен ден. Затоа неговиот производ има исто толку или повеќе вредност отколку што има при порозниот час.

Како се интензифицира трудот?

Првото дејство на скусениот работен ден почива на саморазбирливиот закон, дека способноста за дејство на работната сила стои во обратна сразмера спроти времето на нејзиното дејствување. Поради тоа, во извесни граници, она што ќе се изгуби во траењето на трошењето на силата се добива во степенот на нејзиното трошење. Штом скусувањето на работниот ден стана законски присилно, отпрво ги создава субјективните услови за кондензација на трудот, имено способноста на работникот да претвори во течна состојба во дадено време повеќе работна сила, машината станува во рацете на капиталот објективно и систематски применувано средство, за да се исцеди во исто време повеќе труд. Ова се постигнува на два начина: со зголемување на брзината на машините и со проширување на обемот на машинеријата што е под надзор на еден ист работник или со проширување на неговото поле за работа.

Усовршена конструкција на машинеријата делум е нужна поради вршење поголем натиск над работникот, делум тоа е само од себе следено од интензификацијата на трудот, зашто границите на работниот ден го присилуваат капиталистот кон најстрога економија во трошоците на производството. Подобрувањето на парната машина го зголемува бројат на ударите на нејзините клипови во минута и едновремено дава можност, со поголема економија во силата, со еден ист мотор да се движи поширок механизам, со исто па дури и со намалено трошење јаглен. Подобрувањето на трансмисиониот механизам го смалува триењето и го сведува пречникот и тежината на малите и големите трансмисиони оски на еден минимум што постојано паѓа. Најпосле подобрувањето на работната машинерија го смалува нејзиниот обем, а ја зголемува брзината и ја проширува дејноста како кај модерниот парен разбој, или го зголемува заедно со нејзиното тело обемот и бројот на нејзините алати, како при предачката машина, или се зголемува подвижноста на овие алати со безначајни детални измени, како кај автоматската предачка.

Заедно со работниот алат и виртуозноста за неговото водење преминува од работникот на машината. Делоспособноста на алатот е ослободена од личните граници на човечката работна сила. Со тоа е отстранета техничката основа, врз која почива поделбата на трудот во мануфактурата. Поради тоа наместо карактеристичната за неа хиерархија од специјализирани работници, во автоматската фабрика настапува тенденција кон изедначување или нивелирање на работите, што треба да ги извршат помошниците на машинеријата; место вештачки изникнатите разлики меѓу делските работници, идат претежно природните разлики на возраста и полот.

Од доживотна специјалност да се води еден делски алат станува доживотна специјалност да се служи една делска машина. Машината се злоупотребува, за да се претвори самиот работник уште од дете во дел на некоја делска машина. Додека машинскиот труд до крајност го изморува нервниот систем, дотогаш тој ја потиснува многустраната игра на мускулите и ги плени сите слободни телесни и духовни дејности. Дури и олеснувањето на трудот станува средство за мачење, поради тоа што машината не го ослободува работникот од трудот, туку неговиот труд од содржината. На секое капиталистичко производство заедничко му е тоа, што работникот не ги применува условите на трудот, туку обратно, условите на трудот го применуваат работникот, но дури со машинеријата ова извртување добива технички сетилна реалност. Со претворањето во автомат, средствата на трудот истапуваат спроти работникот во време на самиот процес на трудот како капитал, како мртов труд, што ја потчинува под себе живата работна сила и ја исцицува.

Техничкото потчинување на работникот под еднообразниот ôд на средствата на трудот и своеобразниот состав на работното тело од индивидуи од обата пола и од различна возраст создава една касарнска дисциплина, што се изградува во совршен фабрички режим и наполно го развива веќе порано споменатиот труд на врховниот надзор, значи и поделбата на работниците на рачни работници и надгледници на трудот, на општи индустриски војници и индустриски подофицери. Фабричкиот кодекс, во кој капиталот ја формулира својата автократија над своите работници, е само капиталистичка карикатура на општественото регулирање на процесот на трудот. Наместо камшикот од чуварот на робовите се јавува казнената книга на надзорникот. Немаше ли право Фурие кога ја нарече фабриката „ублажена робијашница“?

Борбата меѓу капиталистот и наемниот работник почнува уште со самите капиталистички односи. Таа беснее за време на целиот мануфактурен период. Но дури од воведувањето на машинеријата, работникот почна да се бори против самото средство на трудот, против материјалниот начин на егзистенцијата на капиталот. Тој станува против оваа определена форма на средствата за производство како против материјална основа на капиталистичкиот начин на производство.

Скоро цела Европа преживеа низ 17 век работнички бунтови против разбојот за ленти. Кон крајот на првата третина од 17 век, една пилана на ветер, построена близу до Лондон од некој Холанѓанец, падна како жртва на бунтот на масата. Кога ја изгради Еверет во 1758 година првата машина за стрижење волна, што ја тераше вода, ја запалија 100.000 луѓе, што останаа без работа. Масовното разрушување машини во англиските мануфактурни околии, познато под името лудитско движење, ѝ дало на владите изговор за најреакционерни насилнички мерки. Требаше да помине време и опит пред да научи работникот да прави разлика меѓу машинеријата и нејзината капиталистичка примена и со тоа да ги пренесе своите напади од самите материјални средства за производство врз општествената форма на нивната експлоатација.

Штом настапија средствата на трудот како машина, веднаш му станаа конкурент на самиот работник. Каде што машината постепено ја зафаќа некоја сфера на производството, таа произведува хронична беда во оние слоеви работници што конкурираат со неа. Каде што е преминот брз таа дејствува масовно и остро. Средствата на трудот го убиваат работникот.

Во рамките на самата крупна индустрија постојаното усовршување на машинеријата и развитокот на автоматскиот систем дејствуваат аналогно. Кој би можел во 1860 г., во времето кога англиската памучна индустрија се најдуваше во зенитот, и да помисли за стремителното усовршување на машинеријата и соодветното на него истиснување на рачниот труд, што беше предизвикана во следните три години потспотнато од Американската граѓанска војна? Од 1861 до 1868, бројот на вретената порасна за 1.612.547, додека бројот на работниците на работа опадна за 50.505.

Машинеријата станува најсилното воено средство за задушување на периодичните востанија на работниците, штрајковите итн. против автократијата на капиталот. Парната машина била од својот почеток антагонист на „човечката сила“ што го оспособи капиталистот да ги разбие сѐ поголемите претензии на работникот, кои загрозувале да го дотераат во криза штотуку изникнатиот фабрички систем. Би можело да се напише цела историја на изнајдоци од 1830 г. наваму, што влегле во живот само како воени средства на капиталот против работничките бунтови.

Не суштествуваат противречности и антагонизми неразделиви од капиталистичката примена на машинеријата, зашто тие не израстуваат од самата машинерија, туку од нејзината капиталистичка примена! Не подлежи на никакво сомнение фактот дека машинеријата сама пo себе не е одговорна за „ослободувањето“ на работниците од средствата за живот.

Соодветно на сѐ поголемата маса суровини, полуфабрикати, орудија на трудот итн., што ги доставува машинското производство со релативно мал број работници, се разделува и обработката на овие суровини, полуфабрикати во безброј подвидови, а со тоа, значи расте разнообразноста на општествените гранки на производството. Машинското производство ја тера општествената поделба на трудот неспоредливо подалеку отколку мануфактурата, зашто таа ја зголемува во неспоредливо повисок степен производната сила во гранките зафатени од неа.

Првиот резултат на машинеријата е да го зголемува вишокот на вредноста и едновремено со него да ја зголемува масата на производот во која тој се претставува, значи, заедно со зголемувањето на супстанцата од која се храни капиталистичката маса со своите опашки, се зголемуваат и самиве овие општествени слоеви. Нејзиното богатство што постојано расте и постојаното релативно паѓање на бројот на работниците потребни за производство на основните средства за живот, создаваат едновремено со новите потреби за луксуз и нови средства за нивно задоволување. Поголем дел од општествениот производ се претвора во вишок на производ, а поголем дел од вишокот на производот се троши и се препроизведува во пофини и поразнообразни форми. Со други зборови: луксузното производство расте. Најпосле, извонредно зголемената производна сила во сферите на крупната индустрија, последувана, како што е обично, од интензивното и екстензивното зголемување на експлоатацијата над работната сила во сите други сфери на производството, дава возможност непроизводно да се употребува еден сѐ поголем дел од работничката класа, и имено така сѐ помасовно да се препроизведуваат старите куќни робови под името „прислужна класа“.

Умножувањето на средствата за живот и за производство при релативното смалување на бројот на работниците, тера да се прошири трудот во индустриските гранки чии производи ќе донесат плод дури во далечна иднина, како што се каналите, стоковните докови, тунелите, мостовите итн. Било врз директната основа на машинското производство или врз основата на општиот индустриски преврат што ѝ одговара нејзе, се создаваат сосем нови индустриски гранки, а со тоа и нови полиња за труд.

Додека машинското производство се шири во една индустриска гранка на сметка на традиционалниот занает или на мануфактурата, неговите успеси се онака сигурни, како што е сигурен успехот на војска вооружена со пушки кременарки против една војска вооружена со стрели.

Овој прв период, на кој машината уште ја освојува сферата на своето дејство, е од решавачка важност поради вонредните профити чие производство таа го помогнува. Но штом фабричкиот систем ќе постигне извесна ширина во својата егзистенција и определен степен на зрелост, штом имено ќе почне неговата сопствена техничка основа — машинеријата — да се произведува со машини, штом се револуционира добивањето јаглен и железо, како и нивната преработка и транспортот, општо речено, штом ќе се воспостават општите услови за производство на крупната индустрија, тогаш овој начин на производство се здобива со еластичност, со способност да се раширува одненадеж и во скокови, способност што сретнува граница само во суровините и во пласманот на пазарот. Машинеријата, од една страна, дејствува врз зголемувањето на суровините. Од друга страна, евтинијата на машинските производи и превратот во транспортните и сообраќајните средства се оружја за освојување на туѓите пазари.

Постојаното претворање на работниците во земјите со крупна индустрија во „прекубројни“ извонредно го забрзува населувањето и колонизацијата во туѓите земји, кои се претвораат во плантажи на суровини за метрополата. Се создава нова интернационална поделба на трудот, соодветна со главните седишта на машинското производство што претвора еден дел од земјината топка во првенствено земјоделско поле на производството, а друг во првенствено индустриско поле. Оваа револуција е во тесна врска со превратите во земјоделството, на кое овдека не му е место понатака да се разгледува.

Грамадната, скокообразната способност на фабричкото производство да се шири и неговата зависност од светскиот пазар, неминовно создаваат трескаво производство што има за последица преполнетост на пазарите, со чие стеснување настапува парализа. Животот на индустријата се претвора во редослед од периоди на средно живнување, просперитет, хиперпродукција, криза и стагнација. Несигурноста и непостојаноста на кои машинското производство ја подвргнува можноста на работникот да најде работа, а со тоа и неговото животно положение, станува со нормализирањето на периодичните измени во индустрискиот циклус нормална појава. Ако не го сметаме времето на просперитетот, меѓу капиталистите беснее жестока борба за нивното индивидуално место на пазарот.

Квалитативната измена во машинското производство постојано го оддалечува работникот од фабриката или ја затвора нејзината врата пред новата река од регрути, додека простото квантитативно проширување на фабриката голтнува покрај исфрлените, и нови контингенти работници. Така работниците постојано се одбиваат и привлекуваат, се фрлаат ваму-таму.

Не само што се рашируваат размерите на производството во сите други индустриски гранки, туку се изменува и нивниот карактер. Ова се однесува не само за секој вид комбинирано производство во големи размери, без оглед дали тоа применува машинерија или не, туку и за таканаречената домашна индустрија, било да ја вршат работниците во приватните домови или во мали работилници. Оваа таканаречена модерна домашна индустрија нема, освен името, ништо заедничко со старовремската што имаше за претпоставка независен градски занает, самостојно земјоделство, а пред сѐ куќа на работничката фамилија. Таа сега се претвора во надворешно одделение на фабриката, мануфактурата или трговскиот магазин. Покрај фабричките работници, мануфактурните работници и занаетчиите што ги концентрира капиталот просторно во големи маси и директно ги командува и движи, тој едновремено движи со невидливи конци и една друга армија од куќни работници распрснати по големите градови и по селата.

Економисувањето на средствата за производство, систематски изработено дури од машинското производство, што едновремено веќе од својот почеток значи безобѕирно пустење на работната сила и грабење на нормалните претпоставки за функцијата на трудот, ја пројавува тоа сега оваа своја антагонистичка и човекоубиствена страна толку повеќе, колку помалку се развиени во некоја индустриска гранка општествената производна сила на трудот и техничката основа на комбинираните процеси на трудот.

До колку фабричкото законодавство го регулира трудот во фабриките, мануфактурите итн., тоа отпрво се појавува само како мешање во експлоататарските права на капиталот. Напротив, секое регулирање на т.н. домашна работа веднаш се претставува како директно навлегување татковото право. А тоа е веќе еден чекор, пред кој деликатниот англиски парламент долго време се отргнуваше лицемерно и со трепет. Сепак силата на фактите најпосле присили да се признае дека крупната индустрија ги разрушува, заедно со економската основа на старата фамилија и соодветната ѝ нејзе фамилијарна работа, и самите стари фамилијарни односи. Мораше да се прокламира правото на детето. Нужноста фабричкиот закон од еден исклучителен закон за предачниците и ткајачниците да се обопшти во еден закон за целото општествено производство, произлегува од текот на историскиот развиток на крупната индустрија. Две околности се кои на крајот на краиштата одиграа решавачка ролја: прво опитот според кој капиталот, до колку нему му се стави државна контрола само на одделни точки на општествената периферија, си наплатува толку побезмерно на другите точки, второ, викот на самите капиталисти за еднаквост на условите за конкуренција, т.е. за еднакви граници во експлоатацијата на трудот.

Ако, од една страна, општото раширување на фабричкото законодавство, стана неизбежно како средство за физичка и духовна заштита на работничката класа, тоа, од друга страна, го поопштува и забрзува претворањето на распрснатите процеси на трудот од кепечки размери во комбинирани процеси на трудот врз крупна општествена размера, значи во концентрација на капиталот, во апсолутизам на фабричкиот режим. Таа ги разрушува сите стари и преодни форми, зад кои понекогаш сѐ уште се крие господството на капиталот и ги заменува нив со своето директно, неприкриено господство. Така, тоа ја поопштува и директната борба против ова господство. Додека во индивидуалните работилници наложува еднообразност, ред и економија, дотогаш благодарение на огромниот поттик што го добива техниката со границите и регулацијата на работниот ден, таа ги зголемува анархијата и катастрофите на капиталистичкото производство воопшто, ја зголемува интензивноста на трудот и конкуренцијата на машинеријата со работникот. Заедно со сферата на ситното производство и домашната работа, тоа законодавство го уништува и последното прибежиште на „прекубројните“, а со тоа и досегашниот вентил за сигурност на целиот општествен механизам. Заедно со материјалните услови и општествената комбинација на процесот на производството тоа ги узрева противречностите и антагонизмите на неговата капиталистичка форма, следствено, едновремено ги узрева елементите за создавање едно ново општество и моментите за преврат на старото општество.

Во сферата на земјоделството крупната индустрија дејствува најреволуционерно во таа смисла кога таа го уништува бедемот на старото општество, „селанецот“ и го заменува со наемниот работник. Така потребите за социјални преврати и спротивностите на селото се изедначуваат со тие во градот. Место најтрадиционалното и најнерационалното производство настапува свесна технолошка примена на науката. Во земјоделството како и во мануфактурата, капиталистичкото преобразување на процесот на производството едновремено се појавува како мартирологија на производителите, средството на трудот како средство за подјармување, како средство за експлоатација и како средство за осиромашување на работникот, општествената комбинација на процесот на трудот како организирано потчинување на неговата индивидуална живост, слобода и самостојност. Распрснатоста на земјоделските работници по големи површини едновремено ја крши нивната отпорна сила, додека концентрацијата на градските работилници ја повишува неа. Како во градската индустрија, така и во модерното земјоделство, зголемувањето на производната сила на трудот и неговото пуштање во поголема подвижност се откупува со тоа што се опустошува и исцрпува самата работна сила. А секој напредок во капиталистичкото земјоделство не е само напредок во искуството да се пљачкаат работниците, туку едновремено и во искуството да се пљачка земјата; секој напредок во зголемувањето на нејзината плодност за еден даден временски рок едновремено е и напредок во разрушување на трајниот извор на оваа плодност. Колку повеќе една земја, како на пр. Соединетите Држави од Северна Америка, тргнува од крупната индустрија како од основна база на нејзиниот развиток, толку е побрз овој процес на разорување. Капиталистичкото производство, значи, ја развива техниката и комбинацијата на општествениот процес на производството на тој начин што тоа едновремено ги поткопува изворите на секое богатство: земјата и работникот.

 


Оддел петти

Производството на апсолутниот и релативниот вишок на вредноста

Глава четиринаесетта: Апсолутен и релативен вишок на вредноста

Со самиот кооперативен карактер на процесот на трудот нужно се проширува поимот за производниот труд и неговиот носител — производниот работник. За да се работи производно, сега веќе не е нужно рацете да се ставаат врз предметот на трудот; достатно е да се биде орган на целокупниот работник, да исполнува која била од неговите подфункции. Но, од друга страна, поимот за производниот труд се стеснува. Производен е само работникот што произведува вишок на вредност за капиталистот или што служи за самооплодување на капиталот. Според тоа, поимот за производниот работник никако не го вклучува само односот меѓу дејноста и полезниот ефект, меѓу работникот и производот на трудот, туку и еден специфично општествен, историски настанат производствен однос, кој го обележува работникот како непосредно средство за оплодување на капиталот. На местото на формалната потчинетост на трудот под капиталот стапува реалната.

Од извесна гледна точка разликата меѓу апсолутниот и релативниот вишок на вредноста изгледа општо илузорна. Релативниот вишок на вредноста е апсолутен, зашто има за услов апсолутно продолжување на работниот ден над работното време потребно за суштествување на самиот работник. Апсолутниот вишок на вредноста е релативен, зашто тој има за услов еден развиток на производноста на трудот, што дозволува да се ограничи потребното работно време на еден дел од работниот ден. Но ако се обрне вниманието на движењето на вишокот на вредноста, оваа привидна индентичност ќе исчезне. Штом еднаш ќе се воспостави капиталистичкиот начин на производство и штом ќе стане општ начин на производство, разликата меѓу апсолутниот и релативниот вишок на вредноста станува осетлива.

Ако претпоставиме да се плаќа работната сила по својата вредност, тогаш ние стоиме пред оваа алтернатива: ако се дадени производната сила на трудот и нормалниот степен на интензивноста, тогаш нормата на вишокот на вредноста може да се зголеми само со апсолутното продолжување на работниот ден; од друга страна при дадена граница на работниот ден, нормата на вишокот на вредноста може да се покачи само со измена на релативната големина на составните делови на работниот ден, т.е. на потребниот труд и вишокот на трудот што, од своја страна, претпоставува измена во производноста или интензивноста на трудот, до колку не треба наемнината да падне под вредноста на работната сила.

Производните сили на трудот, како општествените, што се историски развиени, така и условените од природата, се покажуваат како производни сили на капиталот кому тие му се приклучени. Благопријатните природни услови секогаш ја доставуваат само возможноста за вишок труд, но тие никогаш не даваат и вистински вишок труд, значи ни вишок на вредноста или вишок производ. Различните природни услови на трудот дејствуваат така, што истото количество труд во различни земји задоволува различни потреби, значи според тоа, под инаку слични услови, потребното работно време е различно. Врз вишокот на трудот тие дејствуваат само како природни граници, т.е. со определувањето на границата откаде што може да се почне работата за други. Оваа природна граница се повлекува назад во истата мера во која индустријата оди напред.

 


Глава петнаесетта: Менување големината на цената на работната сила и на вишокот на вредноста

Ако претпоставуваме: 1) дека стоките се продаваат по својата вредност и 2) дека цената на работната сила може понекогаш да се качи над нејзината вредност, но никако да падне под неа, најдуваме дека релативната големина на цената на работната сила и на вишокот на вредноста ја определуваат три околности: 1) должината на работниот ден или екстензивната големина на трудот; 2) нормалната интензивност на трудот, или неговата интензивна големина, така што определена количество труд да се потроши во определено време и 3) најпосле производната сила на трудот. Очевидно е дека се возможни мошне различни комбинации.

Главните комбинации се:

I. Големина на работниот ден и интензивност на трудот постојана, производна сила на трудот променлива.
II. Постојан работен ден, постојана производна сила на трудот, променлива интензивност на трудот.
III. Производната сила и интензивноста на трудот постојани, работниот ден променлив.
IV. Едновремени измени во траењето, производноста и интензивноста на трудот.

 


Глава шеснаесетта: Различни формули за нормата на вишокот на вредноста

Нормата на вишокот на вредноста се пpeтставува со формулите:

I. вишок на вредност / променлив капитал (m/v) = вишок на вредност / вредност на работна сила = вишок на труд / потребен труд

Првите две формули го претставуваат како однос на вредноста она што го претставува третата како однос на времиња во кои се произведени овие вредности. Овие формули, што една со друга се надоместуваат, се строго логични. Во класичната политичка економија ги среќаваме следниве изведени формули.

II. вишок на труд / работен ден = вишок на вредност / вредност на производот = вишок на производ / вкупен производ

Истата пропорција е изразена овдека наизменично де во формата на работните времиња, де во формата на вредноста во која се овоплотени тие во производите, во кои суштествуваат овие вредности.

Во сиве овие формули вистинскиот степен на експлоатацијата на трудот или нормата на вишокот на вредноста не е верно изразена. Нека биде работниот ден 12 часа. Задржувајќи ги другите претпоставки на нашиот понапрежен пример, вистинскиот степен на експлоатацијата на трудот во овој случај се претставува во следниве пропорции: 6 часа вишок на труд / 6 часа потребен труд = вишок на вредност од 3 шил. / променлив капитал од 3 шил. = 100%.

Напротив, според формулите под II. ние ќе добиеме: 6 часа вишок на труд / работен ден од 12 часа = вишок на вредност од 3 шил. / производ-вредност од 6 шил. = 50%.

Овие изведени формули всушност ја изразуваат пропорцијата во која работниот ден или неговиот производ-вредност се дели меѓу капиталистот и работникот. Затоа кога би требало овие формули да важат како непосредни изрази на степенот на самооплодувањето на капиталот, тогаш би се добил лажен закон: вишокот на трудот или вишокот на вредноста никогаш не може да достигне 100%. Бидејќи вишокот на трудот може да сочинува секојпат само еден аликватен дел од работниот ден или вишокот на вредноста постојано само еден аликвотен дел од производот-вредност, тогаш вишокот на трудот е секогаш нужно помал од работниот ден или вишокот на вредноста секогаш помал од производот-вредност. Но за да се однесуваат како 100 / 100 тие би морале да бидат еднакви. Пропорцијата вишок на труд / работен ден или вишок на вредност / производ-вредност никогаш не може да ја достаса границата 100 / 100, а уште помалку може да се качи на 100 + Х / 100. Но тоа е сосем возможно за нормата на вишокот на вредноста или за вистинскиот степен на експлоатацијата на трудот. Има и една трета формула:

III. вишок на вредност / вредност на работната сила = вишок на труд / потребен труд = неплатен труд / платен труд.

Недоразбирањето до кое би можела да доведе формулата неплатен труд / платен труд, имено како да го плаќа капиталистот трудот, а не работната сила, се отстранува со веќе понапред изложеното. Капиталистот ја плаќа вредноста на работната сила и во размената за тоа го добива располагањето над самата жива работна сила. Така капиталистот за авансираната цена на работната сила добива производ од иста цена. Напротив, во периодот на вишок на трудот исползувањето на работната сила создава вредност за капиталистот. Ова функционирање на работната сила тој го добива бесплатно. Во оваа смисла вишокот на трудот може да се нарече неплатен труд.

Според тоа, капиталот не е само команда над трудот, како што вели А. Смит. Тој во основа е команда над неплатениот труд. Секој вишок на труд во која било одделна форма да се искристализира подоцна, на пр. како профит, интерес, рента итн., по самата своја супстанца тој е материјализација на неплатено работно време. Тајната за самооплодувањето на капиталот се состои во тоа што капиталот располага со определено количество неплатен туѓ труд.

 


Оддел шести

Наемнина

Глава седумнаесетта: Претворување на вредноста или на цената на работната сила во наемнина

На површината на буржоаското општество наемнината од работникот се појавува како цена на трудот, како едно определено количество пари, кое се плаќа за едно определено количество труд. Она што директно истапува на стоковниот пазар спроти стопанот на парите секако не е трудот, туку работникот. Она што го продава последниов е неговата работна сила. Штом неговиот труд навистина ќе започне, тој веќе престанал да му припаѓа нему, значи тој повеќе и не може да го продава. Трудот е супстанцата и внатрешната мера на вредноста, но самиот тој нема вредност.

Формата на наемнината брише секаков траг од поделбата на трудот во потребен труд и вишок на труд, во платен и неплатен труд. Сиот труд се покажува како платен труд.

Кај ропскиот труд дури делот од работниот ден во кој робот ја надоместува само вредноста на своите сопствени средства за живот, значи во кој тој навистина работи сам за себе, се покажува како труд за неговиот господар. Сиот негов труд се покажува како неплатен труд. Кај наемниот труд напротив самиот вишок на трудот или неплатениот труд се покажува како платен.

Ако застанеме на гледиштето на работникот, што за дванаесетчасовен труд на пр. добива вредност произведена во шестчасовен труд, да речеме 6 шил., тогаш неговиот дванаесетчасовен труд за него е навистина куповно средство од 3 шил. Вредноста на неговата работна сила може да се изменува со вредноста на неговите обични средства за живот од 3 на 4 шил. или од 3 на 2 шил., или при неизменета вредност на неговата работна сила може нејзината цена, поради изменетиот однос на барањето и предлагањето, да се качи на 4 шил. или да падне на 2 шил., во сиве овие случаи работникот секојпат дава 12 часа труд. Затоа секоја измена во големината на еквивалентот што го добива нему нужно му се чини како измена на вредноста или на цената на неговите 12 работни часа.

Ако го земеме, од друга страна, капиталистот, тогаш тој најнапред сака да добие колку што се може повеќе труд за колку што се може помалку пари. Затоа него практично го интересира само разликата меѓу цената на работната сила и вредноста што ја создава нејзиното функционирање. Но тој се обидува да ги купи сите стоки колку што се може поевтино, та тој си го објаснува и својот профит општо со проста измама, со купувањето под вредноста и со продавањето над вредноста. Затоа нему ни на ум не му иде дека, кога навистина би суштествувала такво нешто како што е вредноста на трудот, а кога тој навистина би ја плаќал неговата вредност, тогаш не би суштествувал никаков капитал, неговите пари не би се претвориле во капитал.

 


Глава осумнаесетта: Наемнината од време

Продажбата на работната сила се врши постојано за определен период време. Затоа преобразената форма во која непосредно се претставува дневната, неделната итн. вредност на работната сила, е формата на „наемнината од време“, значи надницата итн.

Паричната сума што ја добива работникот за неговиот дневен, неделен итн. труд, е износот на неговата номинална или според вредноста проценета наемнина. Но јасно е дека според должината на работниот ден, според количеството труд што го дава тој дневно, истата дневна, неделна итн. наемнина може да претставува сосем различна цена на трудот. Според тоа при наемнината од време мора да се прави потака разлика меѓу целокупниот износ на наемнината, на дневната, неделната итн. наемнина и цената на трудот. Но сега како да се најде оваа цена т.е. паричната вредност на едно дадено количество труд?

Средната цена на трудот се добива кога ќе се подели средната дневна вредност на работната сила со бројот на часовите на средниот работен ден. Така изнајдената цена на еден час труд служи како единица за мера на цената на трудот.

Дневната, неделната итн. наемнина може да остане иста, иако цената на трудот постојано паѓа. Обратно, може дневната или неделната наемнина да се крене, иако цената на трудот останува постојана или дури паѓа. Како општ закон излегува: ако е дадено количеството на дневниот, неделниот итн. труд, тогаш дневната или неделната наемнина зависи од цената на трудот, што се менува и самата, било заедно со вредноста на работната сила, било со отклонувањето на нејзината цена од нејзината вредност. Напротив, ако е дадена цената на трудот, дневната или неделната наемнина зависи од количеството на дневниот или неделниот труд.

Ако се утврди наемнината од час како начин за плаќање, така што капиталистот да не се задолжува да плаќа дневна или неделна наемнина, ами да ги плаќа работните часови за кои сака да му работи работникот, тогаш тој може да го држи работникот на работа помалку време од времето што се зеде отпрво за основа при проценката на наемнината од час или на единицата на мерата за цената на трудот.

Капиталистот сега може да извлече од работникот определено количество вишок труд, а да не му го даде нему работното време до онаа граница што е потребно за неговото самоодржување. Тој може да уништи секоја редовност во работата и сосем според удобноста, каприцот и моменталниот интерес да го сменува страшно претераниот труд со релативна или полна безработност. Тој може, под изговор дека плаќа „нормална цена на трудот“, ненормално да го продолжува работниот ден без каква било соодветна компензација за работникот.

При дневна или неделна наемнина што расте, може цената на трудот номинално да остане постојана, а сепак да падне под нејзиното нормално ниво. Тоа се случува секојпат штом ќе се продолжи работниот ден над неговото обично траење, а при постојана цена на трудот, односно на работниот час. Општо е познат фактот дека колку е подолг работниот ден во една индустриска гранка, толку е пониска наемнината. Но истите околности, што му дозволуваат на капиталистот да го продолжува траењето на работниот ден, му дозволуваат сега нему и најпосле го присилуваат да ја сметне цената на трудот и номинално, сѐ додека не се сметне и целокупната цена на зголемениот број часови — т.е. дневната или неделната наемнина.

Овдека е доста да се укаже на две околности. Ако почнува еден човек да врши работа за 1 1/2 или за 2 човека, тогаш расте предлагањето на трудот, иако предлагањето на работните сили што се најдуваат на пазарот останува постојано. Конкуренцијата што се создава така меѓу работниците го оспособува капиталистот да ја урне цената на трудот, додека паднатата цена на трудот обратно го ослободува него уште повеќе да го зголеми работното време.

Сепак ова располагање со ненормално количество неплатен труд, т.е. надминувањето на средното општествено ниво, набргу станува средство за конкуренција меѓу самите капиталисти. Еден дел од цената на стоката се состои од цената на трудот.

 


Глава дeвeтнaeceттa: Наемнината од парче

Наемнината од парче не е ништо друго туку преобразена форма на наемнината од време. Кај наемнината од време се мери трудот со неговото непосредно временско траење, кај наемнината од парче со количеството производ во кој се згустил трудот за определено временско траење. Наемнината од парче всушност не изразува непосредно никаков однос на вредности, работата не е во тоа, да се мери вредноста на парчето со работното време што е овоплатено во него, туку обратно, се мери трудот издаден од работникот со бројот на парчињата произведени од него.

Наемнината од парче му дава на капиталистот наполно определена мера за интензивноста на трудот. Само работното време што се овоплотува во едно количество стока определено однапред и утврдено со опит, се смета како општествено потребно работно време и се плаќа како такво. Квалитетот на трудот се контролира овде со самиот производ, што мора да биде средно добар за да се исплати полната цена на парчето. Наемнината од парче од оваа страна станува најплоден извор за скусување од наемнината и за капиталистички злоупотреби.

Бидејќи овдека се контролираат квалитетот и интензивноста на трудот од самата форма на наемнината, тоа таа го прави излишен во голем дел трудот за надзор. Затоа наемнината од парче ја прави основата на модерната домашна работа како на еден хиерархиски расчленет систем на експлоатација и на потчинетост. Последнава има две основни форми: го олеснува вовлекувањето на паразитите меѓу капиталистот и наемниот работник и да се дава трудот во поднаем.

Експлоатацијата на работникот од страна на капиталот се реализира сега со експлоатацијата над работникот од друг работник.

Кај наемнината од време владее, со малку исклучоци, еднаква наемнина за истите функции, додека при наемнината од парче цената на трудот, навистина, се мери со определени количества од производот, додека дневната или неделната наемнина се изменува со индивидуалната различност на работниците, од кои во дадено време едни го доставуваат само минимумот од производот, други средната норма, трети повеќе од средната норма. Во однос на вистинските приходи, значи, овдека настануваат големи разлики, а соодветно со различната опитност, сила, енергија, издржливост итн. на индивидуалните работници.

Природно дека ова ништо не изменува во општиот однос меѓу капиталот и наемниот труд. Прво, индивидуалните разлики за целата работилница се изедначуваат, така што таа во определено работно време го доставува средното количество производ, а исплатената вкупна наемнина е средната наемнина за производната гранка. Второ, односот меѓу наемнината и вишокот на вредноста останува неизменет, бидејќи на индивидуалната наемнина на секој еден работник ѝ одговара масата на вишокот на вредноста што ја произведува индивидуално самиот тој. Но наемнината од парче со тоа што ѝ дава на индивидуалноста поголемо поле за дејство тера од една страна кон развивање на индивидуалноста, а со тоа и на чувството за слобода, за самостојност и за контрола на работниците над себеси, а од друга страна ја развива конкуренцијата меѓу самите нив. Оттука таа има една тенденција, со повишувањето на индивидуалната наемнина над средното ниво, да го снижи самото ова ниво.

Наемнината од парче е форма на наемнина што најмногу му одговара на капиталистичкиот начин на производство. Иако никако не е нова, сепак таа доби поголемо поле за дејство во време на вистинскиот мануфактурен период. Во периодот на бури и натиск на крупната индустрија, таа служи како лост за продолжување на работното време и за снижување на наемнината. Во работилниците што се потчинети под фабричкиот закон наемнината од парче станува општо правило, зашто капиталот може таму да го прошири работниот ден уште само интензивно.

 


Глава дваесетта: Национални различности на наемнината

Во секоја земја важи извесна средна интензивност на трудот, а трудот, што троши за производството на една стока повеќе време отколку што е општествено потребно, е под средниот степен на интензивноста и затоа не се смета како труд од нормален квалитет. Само оној степен на интензивност што се издигнал над средниот национален степен, во дадена земја, ја изменува мерата на вредноста со простото траење на работното време. Инаку е на светскиот пазар чии составни делови се одделните земји.

Средната интензивност на трудот се изменува од земја до земја; во една е поголема, во други е помала. Овие национални средни големини образуваат, значи, една скала, чијашто единица за мера е средната единица на трудот од целиот свет. Според тоа, поинтензивниот национален труд, во споредба со помалку интензивниот, произведува за истото време повеќе вредност, што се изразува во повеќе пари.

Релативната вредност на парите е помала кај онаа нација што е со поразвиен капиталистички начин на производство отколку кај онаа нација што е со помалку развиен. Оттука следува дека нормалната наемнина, еквивалентот за работната сила изразен во пари, исто така ќе биде повисока кај првата нација отколку кај втората; што никако не значи, дека ова важи и за вистинската наемнина, т.е. за средствата за живот што му се даваат на работникот на располагање.

 


Оддел седми

Процесот на акумулацијата на капиталот

Претворањето на една парична сума во средства за производство и во работна сила е првото движење што го прави количеството вредност што треба да функционира како капитал. Тоа станува на пазарот, во сферата на циркулацијата. Втората фаза од движењето, процесот на производството, се завршува штом ќе се претворат средствата за производство во стока, чијашто вредност ја надминува вредноста на нејзините составни делови, значи што го содржи првобитниот авансиран капитал плус еден вишок на вредноста. Овие стоки мораат после пак да бидат фрлени во сферата на циркулацијата. Тие треба да се продадат, нивната вредност да се реализира во пари, овие пари пак да се претворат во капитал и постојано така сѐ одново. Овој тек ја прави циркулацијата на капиталот.

Глава дваесет и прва: Просто препроизводство

Така како што едно општество не може да престане да троши, така исто не може да престане да произведува. Според тоа, секој општествен процес на производството е едновремено процес на препроизводство.

Условите на производството едновремено се услови за препроизводство. Ако има производството капиталистичка форма, тогаш има и препроизводството. Како што процесот на трудот се пројавува во капиталистичкиот начин на производството само како средство за процесот на оплодувањето, така и препроизводството се пројавува само како средство за да се препроизведува авансираната вредност како капитал. Некој човек ја носи карактеристичната економска маска на капиталист само затоа што неговите пари постојано функционираат како капитал.

Простото препроизводство е само просто повторување на процесот од производството на истиот степен.

Како периодичен прирасток на вредноста од капиталот, или како периодичен плод на капиталот што е во процес, вишокот на вредноста добива форма на доход што произлегува од капиталот.

Авансираната вредност на капиталот, поделен со вишокот на вредноста потрошен за година, го дава бројот на годините или периодите на репродукција во кои првобитниот авансиран капитал го потрошил капиталистот и затоа тој е исчезнат. По истекот на извесен број години, вредноста на капиталот што му припаѓаше нему е еднаква со сумата на вишокот на вредноста што е за време на истиот број години присвоена без еквивалент, а сумата на вредноста што ја потрошил тој е еднаква со првобитната вредност на капиталот.

Самиот континуитет на процесот на производство, или простото препроизводство, за покус или подолг период неизбежно го претвора секој капитал во акумулиран капитал или капитализиран вишок на вредноста. И дури овој капитал при неговото влегување во процесот на производството да бил лично заработена сопственост на лицето што го применува, порано или подоцна станува вредност присвоена без еквивалент или материјализација во парична или друга форма — на неплатениот туѓ труд.

Тоа што отпрво беше само излезна точка, после, поради простиот континуитет на процесот, на простото препроизводство, тоа постојано се произведува сѐ наново и нанова и се овековечува како сопствен резултат на капиталистичкото производство. Од една страна, процесот на производството постојано го претвора материјалното богатство во капитал, во средства за оплодување на вредноста и во средства за уживање на капиталистот. Од друга страна, работникот постојано излегува од процесот така како што влегол во него — како личен извор на богатството, но лишен од сите средства да го реализира ова богатство за себе. Самиот работник постојано го произведува објективното богатство како капитал, како туѓа сила што владее над него и што го експлоатира, а капиталистот исто така постојано ја произведува работната сила како субјективен извор на богатството, одделен од неговите сопствени средства за своето опредметување и осуштествување, извор што суштествува апстрактно во телесноста на работникот, накусо, тој го произведува работникот како наемен работник.

Трошењето на работникот е двородно. Во самото производство тој ги троши со својот труд средствата за производство и ги претвора во производ со повисока вредност од вредноста на авансираниот капитал. Тоа е неговото производно трошење. Од друга страна, парите исплатени за купување на работната сила ги претвора работникот во средства за живот: тоа е неговата индивидуална потрошувачка. Производната и индивидуалната потрошувачка на работникот наполно се различни. Во првата тој дејствува како движечка сила на капиталот и му припаѓа на капиталистот; во втората тој си припаѓа сам на себеси и исполнува животна функција надвор од процесот на производството. Резултатот од едната е животот на капиталистот, резултатот од другата е животот на самиот работник. Постојаното одржување и препроизводството на работничката класа останува постојан услов за препроизводството на капиталот. Затоа капиталистот го третира како производен само оној дел од индивидуалната потрошувачка на работникот, што е потребен да се овековечи работничката класа, она што може работник над тоа да го троши за свое задоволство е непроизводна потрошувачка. Всушност: индивидуалната потрошувачка на работникот е за самиот него непроизводна, зашто таа ја препроизведува само личноста што има потреби; таа е производна за капиталистот и за државата, зашто таа е производство на силата што произведува туѓо богатство.

Така, од општествена гледна точка, работничката класа и надвор од непосредниот процес на трудот е исто така принадлежност на капиталот, како и мртвиот инструмент на трудот. Дури нејзината индивидуална потрошувачка во извесни граници е самo еден момент од процесот на препроизводството на капиталот. Римскиот роб беше приврзан за неговиот сопственик со синџири, наемниот работник е приврзан со невидливи конци. Препроизводството на работничката класа вклучува во себеси едновремено пренесување и насобирање искуство од една генерација на друга.

Капиталистичкиот процес на производството го препроизведува одделувањето меѓу работната сила и условите на трудот. Со тоа тој ги препроизведува и ги овековечува условите за експлоатација. Тој постојано го присилува работникот да ја продава својата работна сила за да живее, и постојано го оспособува капиталистот да ја купува неа за да се збогатува. Сега повеќе не е случајно да се противстават капиталистот и работникот еден против друг на стоковниот пазар како купец и продавач. Механизмот на самиот процес постојано го фрла едниот на стоковниот пазар како продавач на својата работна сила, а неговиот сопствен производ постојано го претвора во куповно средство на другиот. Навистина работникот му припаѓа на капиталот пред да му се продаде на капиталистот. Неговата економска крепосна зависност се условува и едновремено се прикрива со периодичното обновување на неговата самопродажба, со сменувањето на неговиот индивидуален наемен господар и со колебањата на пазарната цена на трудот.

Според тоа, капиталистичкиот процес на производство, разгледуван во општа врска или како процес на препроизводство, произведува не само стоки, не само вишок на вредност, тој го произведува и препроизведува самиот капиталистички однос.

 


Глава дваесет и втора: Претворање на вишокот на вредноста во капитал

Употребувањето на вишокот на вредноста како капитал или повторното претворање на вишокот на вредноста во капитал се вика акумулација на капиталот.

За да се акумулира, мора еден дел од вишокот на вредноста да се претвори во капитал. Но, без да се прават чуда, можат да се претвораат во капитал само такви предмети што се употребливи во процесот на трудот, т.е. средства за производство, а потоа и средства за живот. Според тоа, еден дел од годишниот вишок на вредноста мора да биде употребен за создавање додатни средства за производство и средства за живот над она количество што е потребно за заместување на авансираниот капитал. Со еден збор: вишокот на вредноста може да се претвори во капитал само затоа што вишокот на производот, чија вредност е тој, веќе ги вклучува материјалните составни делови на еден нов капитал. За да функционираат фактички овие составни делови, на капиталистичката класа ѝ треба додатно количество труд. Ако не е возможно да се зголеми експлоатацијата на работниците што се на работа ни екстензивно ни интензивно, тогаш мора да се наместат на работа додатни работни сили. И за ова веќе се потрудил механизмот на капиталистичкото производство што ја препроизведува работничката класа како класа зависна од наемнината, а чија обична наемнина достасува не само да го осигури нејзиното одржување туку и нејзиното умножување. Овие додатни работни сили треба капиталот уште само да ги приклучи кон додатните средства за производство, и тогаш претворањето на вишокот на вредноста во капитал е готова работа.

Тоа е старата историја: Аврам го роди Исака, Исак го роди Јакова итн. Првобитниот капитал од 10.000 ф. ст. донесува вишок на вредност од 2.000 ф. ст. што се капитализира. Новиот капитал од 2.000 ф. ст. донесува вишок на вредност од 400 ф. ст. ... овој вишок на вредност од своја страна пак се капитализира, значи се претвора во втор придаден капитал, и донесува еден нов вишок на вредност од 80 ф. ст. итн.

Отпрво ни се чинеше дека правото на сопственост е засновано врз сопствениот труд. Најмалку оваа претпоставка мораше да важи, бидејќи само рамноправни стопани на стоки стапуваат еден спроти друг, а средство за присвојување туѓа стока можеше да биде само отуѓувањето на сопствената стока, а последнава пак може да се создаде само со труд. Сопственоста сега се појавува, на страната на капиталистот, како право за присвојување туѓ неплатен труд или неговиот производ, а на страната на работникот како невозможност да се присвои својот сопствен производ. Раздвојувањето меѓу сопственоста и трудот станува неминовна последица од законот што изгледаше дека произлегува од нивната идентичност.

Ние видовме дека дури и кај простото препроизводство целиот авансиран капитал, па како и да е добиен, тој отпрво се претвора во акумулиран капитал или во капитализиран вишок на вредноста. Но во поројот на производството целиот првобитен авансиран капитал општо станува бескрајно исчезнувачка големина (magnitudo evanescens во математичка смисла) во споредба со директно акумулираниот капитал, т.е. со вишокот на вредноста или со вишокот на производот што е одново претворен во капитал, та било тој сега да функционира во рацете на оној што го акумулирал, било во туѓи раце. Еден дел од вишокот на вредноста го троши капиталистот како доход, другиот го употребува тој како капитал или го акумулира. Кога е дадена масата на вишокот на вредноста, едниот дел од неа ќе биде за толку поголем, за колку е помал другиот. Односот во кој се врши оваа поделба се определува од големината на акумулацијата. Но оваа поделба ја врши сопственикот на вишокот на вредноста, капиталистот. Значи таа е акт на неговата волја. Само до колку е капиталистот персонифициран капитал, тој има историска вредност.

Капиталистот може да се респектира само како персонификација на капиталот. Како таков тој го дели со собирачот на благо апсолутниот стремеж за збогатување. Како фанатик за оплодувањето на вредноста, тој безобѕирно го присилува човештвото кон производство заради производство, а со тоа и кон развиток на општествените производни сили и кон создавање материјални услови за производство, што единствени можат да ја сочинуваат реалната база на една повисока општествена форма. Акумулацијата е освојување на светот на општественото богатство. Ширејќи ја масата на експлоатираниот човечки материјал, таа едновремено го шири директното и индиректното господство на капиталистот.

Во историските почетоци на капиталистичкиот начин на производство — а секој капиталистички нов богаташ индивидуално го применува овој историски стадиум — преовладува нагонот за збогатување и за скржавштина како апсолутна страст. Но напредокот не создава само свет од наслади. Со развитокот на шпекулацијата и на кредитот тој отвора илјади извори за ненадејно збогатување. На извесен степен во развитокот, извесен конвенционален степен на растурање, што е едновремено и покажување на богатството, а со тоа и средство за добивање кредит, станува дури нужност во работата на „кутриот“ капиталист. Луксузот влегува во репрезентативните трошоци на капиталот. Иако поради тоа растурањето на капиталот го нема широкоградиот карактер како растурањето на распуштениот феудален господар, туку напротив зад него секогаш се крие најгнасната скржавштина и најгрижливата сметка, сепак неговото растурање расте заедно со неговата акумулација. Околностите што го определуваат опсегот на акумулацијата, независно од поделбата на вишокот на вредноста во капитал и доход, се: степенот на експлоатацијата на работната сила; производната сила на трудот; растечката разлика меѓу употребениот и потрошениот капитал; големината на авансираниот капитал. Со тоа што си ги приклучува капиталот обата првотворци на богатството, работната сила и земјата, добива тој таква експанзивна сила, што му дозволува да ги растегне елементите на својата акумулација зад границите што му ги поставува привидно неговата сопствена големина, граници што му ги поставува вредноста и масата на веќе произведените средства за производство во кои егзистира капиталот.

Важен фактор во акумулацијата на капиталот е степенот на производноста на општествениот труд. Развитокот на производната сила на трудот реагира и на оригиналниот капитал и на капиталот што се најдува веќе во процесот на производството. Стариот капитал се препроизведува во попроизводна форма. Секое воведување подобри методи овде дејствува скоро едновремено на придадениот капитал и на капиталот што е веќе во функција. Секој напредок на хемијата не само што го умножува бројот на полезните материи и полезната примена на веќе познатите и поради тоа со порастот на капиталот ја проширува и сферата на неговото пласирање, туку тој едновремено нѐ учи да ги фрлиме отпадоците од процесот на производството и од процесот на потрошувачката назад во кружниот тек на процесот на препроизводството; така тој создава нов материјал за капитал без претходно вложување капитал. Како што се постигнува зголемена експлоатација на природното богатство само со просто повишување на напнатоста на работната сила, токму така науката и техниката, независно од дадената големина на капиталот што функционира, се една потенција за неговата експанзија. Тие реагираат едновремено и на делот на оригиналниот капитал што влегол во стадиумот на своето обновување. Во својата нова форма капиталот си го присоединува бесплатно општествениот напредок, што е извршен зад грбот на неговата стара форма.

Според тоа, трудот, со порастот на ефективноста, опсегот и вредноста на неговите средства за производство, одржува и овековечува сѐ во нова форма една вредност на капиталот што расте постојано. Оваа природна сила на трудот се пројавува како сила за самоодржување на капиталот.

 


Глава дваесет и трета: Општиот закон на капиталистичката акумулација

Составот на капиталот може да се разгледува од две гледни точки. Разгледуван од страна на вредноста, тој се определува од односот, во кој се дели тој на постојан и променлив капитал. Разгледуван од страна на материјата, како што функционира тој во процесот на производството, секој капитал се дели на средства за производство и на жива работна сила. Првиот јас го викам вредносен состав на капиталот, вториот технички состав на капиталот. Меѓу обата суштествува тесен заемен однос. Јас вредносниот состав на капиталот, до колку се определува тој од неговиот технички состав и ги одразува неговите измени, го викам органски состав на капиталот.

Многубројните поединечни капитали вложени во некоја определена гранка на производството имаат еден од друг повеќе или помалку различни состави. Средноста на нивните поединечни состави ни го дава составот на целокупниот капитал на оваа гранка на производството. Најпосле вкупната средност на средните состави на сите гранки од производството ни го дава составот на општествениот капитал од една земја, и само за овој станува збор во натамошното излагање. Зголемувањето на капиталот вклучува зголемување на неговиот променлив составен дел. Еден дел од вишокот на вредноста што се претвора во придаден капитал мора постојано одново да се претвора во променлив капитал или во придаден фонд на трудот. Ако претпоставиме дека една определена маса средства за производство или постојан капитал постојано бара иста маса работна сила, тогаш е очигледно дека барањето на трудот и на фондот на средства за живот на работниците ќе расте сразмерно со порастот на капиталот и ќе се зголемува толку побргу колку што побргу расте капиталот. Акумулационите потреби на капиталот можат да го надминат порастот на работната сила или бројот на работниците, барањето работници да го надмине нивното предлагање и поради тоа да се повиши наемнината.

Како што непрекинато го препроизведува простото препроизводство капиталистичкиот однос, капиталисти на една страна, наемни работници на друга, така и препроизводството врз проширена размера или акумулацијата го препроизведува капиталистичкиот однос врз раширена размера, повеќе капиталисти или покрупни капиталисти на овој пол, повеќе наемни работници на оној. Препроизводството на работната сила што мора незапирно да се приклучува кон капиталот како средство за оплодување на вредноста, што не може да се ослободи од него, и чија потчинетост под капиталот се прикрива само со менувањето на индивидуалните капиталисти на кои им се продава таа, всушност сочинува еден момент од препроизводството на самиот капитал. Значи, акумулацијата на капиталот е умножување на пролетаријатот.

Под оние услови на акумулацијата што се најблагопријатни за работниците, односот на зависноста на работникот од капиталот се облекува во сносливи. Од нивниот сопствен вишок на производот што постојано расте и што се претвора во сѐ поголема мера во придаден капитал, им се враќа после назад еден поголем дел во форма на платежни средства, така што тие го рашируваат со него кругот на своите наслади, го снабдуваат подобро својот фонд за трошење облекло, мебели итн., и можат да образуваат мали парични резервни фондови. Но како што подоброто облекување, подоброто јадење, подоброто однесување и еден поголем Peculium [имот, што им се препушта за ползување на робовите] не го укинуваат односот на зависноста и експлоатацијата на робот, така исто нив не ги укинуваат ни за наемниот работник. Повишување на цената на трудот поради акумулацијата на капиталот всушност го покажува само тоа дека обемот и тежината на златниот синџир што си го исковал веќе сам за себеси наемниот работник дозволуваат тој малку да се поразлабави.

Со примената на машинерија во процесот на трудот влегува поголема маса суровини и помошни материи. Тоа е последица од пораснатата производност на трудот. Од друга страна, масата на применетите машинерии, на работниот добиток, минералните гноеви, дренажните цевки итн. се услови за растење на производноста на трудот. Исто така, масата од средствата за производство што е концентрирана во зградите во грамадните печки, во транспортните средства итн. Но без разлика дали е причина или последица — нараснатиот обем на средствата за производство во споредба со работната сила што им се присоединува ним ја изразува порастената производност на трудот. Зголемувањето на последнава се појавува во смалувањето на масата труд во однос на масата средства за производство што ги движи таа, или во смалувањето на големината на субјективниот фактор на процесот на трудот во споредба со неговиот објективен фактор.

Оваа измена во техничкиот состав на капиталот, зголемувањето на масата средства за производство во споредба со масата работна сила што ги оживува нив, се одразува во вредносниот состав на капиталот, во зголемувањето на постојаниот составен дел од капиталот за сметка на неговиот променлив составен дел. Овој закон за растечкото зголемување на постојаниот дел од капиталот во споредба со променливиот, се потврдува на секој чекор со споредбената анализа на стоковните цени, без разлика дали ние споредуваме различни економски епохи само на една нација или на различни нации во една иста епоха. Релативната големина на оној елемент на цената, што ја претставува само вредноста на потрошените средства за производство или на постојаниот дел од капиталот, ќе стои во директен однос спроти напредокот на акумулацијата, а релативната големина на другиот елемент на цената, што се плаќа за трудот, или на променливиот дел од капиталот, ќе стои општо во обратен однос спроти напредокот на акумулацијата.

Сепак смалувањето на променливиот дел од капиталот спроти постојаниот или изменетиот состав на вредноста на капиталот ја покажува само приближната измена во составот на неговите материјални составни делови. Со нараснувањето на производноста на трудот не само што се зголемува обемот на средствата за производство што ги троши тој, туку им ја снижува и нивната вредност во споредба со нивниот обем. Значи, нивната вредност апсолутно расте, но не и пропорционално со нивниот обем.

Секој индивидуален капитал е поголема или помала концентрација на средства за производство со соодветна команда над една поголема или помала армија од работници. Секоја акумулација станува средство за нова акумулација. Таа ја проширува концентрацијата на масата на богатството во рацете на индивидуалните капиталисти, а со тоа ја проширува основата на производството врз голема размера и специфично капиталистичкиот метод на производство. Зголемувањето на општествениот капитал се врши со зголемување на многу индивидуални капитали. Под претпоставка да останат неизменети сите други услови, тогаш индивидуалните капитали, а со нив и концентрацијата на средствата за производство, растат во сразмера во која тие прават аликвотни делови од целокупниот општествен капитал.

Поради тоа акумулацијата се претставува од една страна како растечка концентрација на средствата за производство и команда над трудот, а од друга страна се претставува како одбивање на многу индивидуални капитали еден од друг. Против ова раздробување на целокупниот општествен капитал на индивидуални капитали или против одбивањето еден од друг на неговите делови дејствува нивното привлекување. Тоа веќе не е проста концентрација, идентична со акумулацијата. Тоа е концентрација од веќе образувани капитали, уништување на нивната индивидуална самостојност, експропријација на капиталист од страна на капиталист, претворање на многу дробни во малку јадри капитали. Овој процес се разликува од првиот по тоа, што тој има за претпоставка само изменета расподелба на капитали што веќе суштествуваат и што функционираат, значи што неговото поле за дејство не е ограничувано од апсолутниот пораст на општественото богатство или од апсолутните граници на акумулацијата. Капиталот овде нарастува во една рака во големи маси, оти таму исчезнува од многу раце. Тоа е централизација во вистинска смисла на зборот, за разлика од акумулацијата и концентрацијата.

Централизацијата го дополнува делото на акумулацијата, притоа таа им дава возможност на индустриските капиталисти да ја рашируваат размерата на нивните операции. Било да се врши централизацијата со насилствени анексии или се врши на погладок начин со образувањето акционерски друштва, економското дејство во сите случаи си останува едно и исто: прогресивно претворање на одделните и традиционално водените процеси на производството и општествено комбинирани и научно раководени процеси на производство.

Масите од капитали што ги слеа централизацијата за една ноќ во едно, се препроизведуваат и умножуваат како и другите, само што побргу и со тоа стануваат нов моќен лост на општествената акумулација. Придадените капитали служат претежно како средства за експлоатација на нови изнајдоци и откритија и општо на индустриските усовршувања. Но со време и стариот капитал достигнува до момент кога треба да се поднови од глава до нозе, кога тој си ја сменува кожата и се преродува во посовршен технички лик, во кој му е доста една помала маса труд за да стави во движење една поголема маса од машинерија и суровини. Само по себе се знае дека апсолутното смалување на барањето труд што неминовно произлегува оттука станува за толку поголемо, колку што повеќе капитали, што го преживуваат овој процес на обнова веќе се натрупале во големи маси со движењето кон централизација.

Работничкото население, со произведувањето на акумулацијата на капиталот, самото ги произведува во сѐ поголем обем средствата што го прават самото него прекубројно. Тоа е законот за населението што му е својствен на капиталистичкиот начин на производство.

Но ако прекумерното работничко население е нужен производ на акумулацијата или на развитокот на богатството врз капиталистичка основа, тогаш оваа пренаселеност од своја страна станува лост за капиталистичката акумулација, па дури и еден услов за суштествување на капиталистичкиот начин на производството. Тоа образува една расположива резервна индустриска армија, која така апсолутно и наполно му припаѓа на капиталот, како да била одгледана на негов сопствен трошок. Тоа создава човечки материјал за неговите изменливи потреби на оплодувањето, секојпат готов за експлоатација, независна од границите на вистинскиот прираст на населението.

Карактеристичниот тек на животот на модерната индустрија, ја претпоставува формата на десетгодишен циклус со мали колебања на период на средно оживнување, на производство под висок напон, на криза и стагнација што почива врз постојаното образување, врз поголемо или помало апсорбирање и врз повторно образување на индустриската резервна армија, или на пренаселеноста. Сменувањето на индустрискиот циклус, од своја страна ја наголемува пренаселеноста и станува еден од факторите за нејзина најенергично препроизводство. Целата форма на движење на модерната индустрија израстува од постојаното претворање на еден дел од работничкото население во безработни или полубезработни раце.

Ослободувањето на работниците врви уште побргу, отколку што се врши техничкиот преврат во процесот на производството, кој е и инаку забрзуван со напредокот на акумулацијата, — уште побргу отколку што се врши соодветното сразмерно смалување на променливиот дел од капиталот спроти постојаниот. Ако средствата за производство, растејќи по обем и сила на дејство, стануваат во сѐ помал степен средства за ангажирање на работниците, самиот овој однос од своја страна пак се изменува со тоа што капиталот, во мерата во која расте производната сила на трудот, побргу го зголемува предлагањето на трудот отколку што го зголемува своето барање за работници. Претераниот труд на делот од вработената работничка класа ги зголемува редовите на нејзината резерва, додека обратно, зголемениот натиск што го врши оваа резерва со своја конкуренција врз вработените ги присилува овие кон претеран труд и кон потчинетост на диктатите од капиталот. Осудувањето на еден дел од работничката класа на присилена безработица со претеран труд на другиот дел, и обратно, станува средство за збогатување на поединечните капиталисти и едновремено го забрзува производството на индустриската резервна армија во размера што му одговара на напредокот на општествената акумулација.

Колку е важен овој момент во образувањето на релативната пренаселеност докажува, на пр. Англија. Нејзините технички средства за „штедење“ на трудот се колосални. Сепак, ако трудот утре биде ограничен насекаде на разумна мера, и ако биде за различните слоеви од работничката класа воведена градација соодветно со возраста и полот, тогаш постојното работничко население ќе биде апсолутно недостатно за да се продолжи националното производство во неговата сегашна размера, поголемиот број од сегашните „непроизводни“ работници ќе мораат да се претворат во „производни“.

Исцело земено, општите движења на наемнината се регулираат исклучиво од ширењето и собирањето на индустриската резервна армија, што им одговараат на периодичните измени на индустрискиот циклус. Значи, тие не се определени од движењето на апсолутниот број на работничкото население, туку од променливиот однос во кој се расцепува работничката класа на активна армија и резервна армија, од зголемувањето или смалувањето на релативниот обем на пренаселеноста, од степенот во кој таа де се апсорбира, де пак се ослободува.

Индустриската резервна армија во периодите на застој и среден просперитет врши натиск врз активната работничка армија, а во време на периодите на хиперпродукција и на трескаво производство ги држи зауздани нејзините барања. Според тоа, релативната пренаселеност е оној фонд по кој се движи законот на барањето и предлагањето на трудот. Таа го присилува овој закон да се движи во границите што апсолутно му одговараат на стремежот за експлоатација и за властољубивост на капиталот.

Релативната пренаселеност суштествува во сите можни нијанси. Секој работник ѝ припаѓа нејзе за времето додека е тој полубезработен или дури е сосем без работа. Ако ги оставиме настрана крупните форми, што се повторуваат периодично, а што ѝ го придава на пренаселеноста измената на фазите на индустрискиот циклус, така што таа се јавува де остра — во време на кризата — де хронична, во време на слаби работи — таа постојано има три форми: течна, латентна и стагнантна.

Трошењето на работната сила од страна на капиталот е толку брза, што работникот веќе во средната возраст повеќе или помалку главно е преживеан. Токму кај работниците од крупната индустрија го најдуваме најкусиот век. Оттука, брзо сменување на работничките генерации.

Не само што масата на раѓањата и смртните случаи, туку и апсолутната големина на семејствата стои во обратна сразмера спроти висината на наемнината, значи спроти масата на средствата за живот со кои располагаат различните категории работници. Овој закон на капиталистичкото општество би звучел бесмислено меѓу дивјаци. Тој потсетува на масовното препроизводство на индивидуално слаби и жестоко гонети животни. Штом капиталистичкото производство ќе го овладее земјоделството, или до колку тоа го завладува него апсолутно, опаѓа барањето за селското работничко население заедно со порастот на акумулацијата на капиталот што функционира овде без да биде, како во неземојделските индустрии, неговото одбивање дополнето со поголемо привлекување. Затоа еден дел од селското население секогаш се најдува на нога готов да скокне во градски или во мануфактурен пролетаријат. Овој извор на релативното прекубројно население значи тече постојано. Но неговото постојано течење кон градовите има за претпоставка постојана латентна пренаселеност на самото село, чиј обем може да се види само тогаш штом ќе се отворат неговите одводни канали изнимно широко. Затоа платата на земјоделскиот работник се урива на минимум, и тој постојано стои со едната нога во блатото на пауперизмот.

Најнискиот слој на релативната пренаселеност се најдува во сферата на пауперизмот. Ако ги оставиме настрана скитниците, злосторниците, проститутките, со еден збор вистинскиот лумпенпролетаријат, тогаш овој општествен слој се состои од три категории: Прво: работоспособни. Второ: сирачиња и пауперски деца. Трето: пропаднати, загубени, работонеспособни, сакати, болни, вдовици итн. Пауперизмот претставува инвалидски дом на активната работничка армија и мртвиот баласт на индустриската резервна армија.

Неговото производство е вклучено во производството на релативната пренаселеност, неопходноста од првото е вклучено во неопходноста од второто, и заедно со релативната пренаселеност тој претставува услов за суштествување на капиталистичкото производство и на развитокот на богатството. Пауперизмот припаѓа во непроизводни трошоци на капиталистичкото производство, кои капиталот сепак умее да ги сметне во поголемиот дел од себе и да ги натовари врз грбот на работничката класа и ситните средни класи.

Колку се поголеми општественото богатство, капиталот што функционира, обемот и енергијата на неговото растење, а според тоа и колку е поголема апсолутната големина на пролетаријатот и производната сила на неговиот труд, толку е поголема индустриската резервна армија. Расположивата работна сила се развива од истите причини од кои и експанзивната сила на капиталот. Според тоа, сразмерната големина на индустриската резервна армија расте заедно со растењето на потенциите на богатството. Но колку е поголема оваа резервна армија во споредба со активната работничка армија, толку помасовна станува консолидарноста на прекубројното население, чијашто беда стои во обратна сразмера спроти маките на неговиот труд. Најпосле, колку е поголем питачкиот слој на работничката класа и индустриската резервна армија, толку е поголем официјалниот пауперизам. Овој е апсолутниот, општиот закон на капиталистичката акумулација.

Оттука излегува дека во онаа мера во која се акумулира капиталот, мора да се влошува и положбата на работникот, па каква сакала била неговата плата, висока или ниска. Најпосле, законот, што ја држи постојано во рамнотежа релативната пренаселеност или индустриската резервна армија со обемот и енергијата на акумулацијата, го приковува работникот за капиталот поцврсто отколку клинците на Хефес што го приковаа Прометеј за карпата. Овој закон создава со акумулацијата на капиталоот соодветна акумулација на беда. Акумулацијата на богатствата на едниот пол е, значи, едновремено акумулација на беда, маки на трудот, ропство, незнаење, подивеност и морално деградирање на спротивниот пол.

 


Глава дваесет и четврта: Таканаречената првобитна акумулација

Ние видовме како се претвораат пари во капитал, како се прави со капитал вишок на вредноста, а од вишок на вредноста, повеќе капитал. Притоа акумулацијата на капиталот го има за претпоставка вишокот на вредноста, а вишокот на вредноста капиталистичкото производство, а ова има за претпоставка постојност на големи маси капитал и работна сила во рацете на производителите на стоки. Според тоа целово ова движење изгледа како да се врти наоколу во некој погрешен кружен тек, од кој ние можеме да излеземе само ако претпоставиме некоја „првобитна“ акумулација, една акумулација што не е резултат на капиталистичкиот начин на производство, туку негова излезна точка. Оваа првобитна акумулација во политичката економија игра приближно онаква ролја каква што игра првиот грев во теологијата. Адам гризна од јаболкото, и со тоа падна гревот на човечкиот род.

Процесот што го создава капиталистичкиот однос не може да биде друго освен процес на разделување на работникот од сопственоста врз условите за својот труд — процес што ги претвора од една страна општествените средства за живот и средствата за производство во капитал, а од друга страна ги претвора непосредните производители во наемни работници. Според тоа, таканаречената првобитна акумулација не е ништо друго туку историски процес на разделување на производителите од средствата за производство. Тој се пројавува како „првобитен“, зашто тој ја образува предисторијата на капиталот и нему соодветниот начин на производство.

Економската структура на капиталистичкото општество произлезе од економската структура на феудалното општество. Распаѓањето на последново ги ослободи елементите од првото. Непосредниот производител, работникот, можеше дури тогаш да располага со својата личност, откога престана да биде врзан за земјата, и кога престана да му биде на некое друго лице крепосник или подложник. За да стане слободен продавач на работната сила, за да ја носи својата стока насекаде каде што ќе најде за неа пазар, тој мора потака да се откине од власта на еснафот, од неговите правила за ученици и калфи, и од ограничувањето на прописите за трудот. Така историското движење, со кое производителите се претвораат во наемни работници, се појавува, од една страна, како нивно ослободување од феудалните тегоби и еснафската стега; за нашите буржоаски историчари суштествува само оваа страна. Но, од друга страна, овие новоослободени стануваат продавачи на самите себе дури кога ќе им се земат сите нивни средства за производство и сите гаранции за нивното суштествување што им ги даваа старите феудални установи. А историјата на оваа нивна експропријација е запишана во аналите на човештвото со крв и оган.

Индустриските капиталисти, овие нови силници, мораа, од своја страна, не само да ги изместат еснафските занаетчиски мајстори туку и феудалните господари, што ги поседуваа изворите на богатството. Од оваа страна нивното воздигање се претставува како плод на една победоносна борба против феудалната власт и нејзините омразени привилегии, како и против еснафите и оковите што му ги поставиле овие на слободниот развиток на производството и на слободната експлоатација на човека од човек. Но пак рицарите на индустријата можеа да ги истиснат рицарите на мечот само благодарение на тоа што ги исползуваа настаните, за кои тие сосем ништо не беа придонеле.

Излезната точка на развитокот, што го создаде како наемниот работник така и капиталистот, беше ропството на работникот. Напредокот се состоеше во измена на формата на ова ропство, во претворањето на феудалната експлоатација во капиталистичка. За да се разбере текот на овој процес, ние дури и не треба да навлегуваме далеку назад во минатото. Иако првите почетоци на капиталистичкото производство спорадично се среќаваат во некои градови на Средоземно Море уште во 14 и 15 век, сепак капиталистичката ера почнува од 16 век.

Во историјата на првобитната акумулација епохални се сите преврати што служеле како лост при образувањето на капиталистичката класа; но пред сѐ епохални се моментите во кои големи човечки маси биле ненадејно и насилно откинувани од средствата за нивното суштествување и биле фрлани на пазарот на трудот како незаштитени пролетери.

Експропријацијата на земјоделскиот производител, на селанецот, од земјата ја прави основата на целиот процес. Нејзината историја во разни земји добива различни нијанси и врви низ различни фази во различни редоследи и во разни историски епохи. Таа има класична форма само во Англија. Предиграта на превратот, што ја создаде основата на капиталистичкиот начин на производство, се изврши во последната третина од 15 и во првата деценија од 16 век. Со растурањето на феудалните дружини беше фрлена на пазарот на трудот маса беззаштитни пролетери. Крупните феудални господари што стоеја во најостра спротивност спроти кралската власт и парламентот, создадоа несразмерно поголем пролетаријат со насилно изгонување на селаните од земјата на која овие имаа исто феудално право како и самиот феудалец, и со узурпирањето на нивната општинска земја. Непосреден тласок за ова даде во Англија особено расцветувањето на фландриската волнена мануфактура и соодветното повишување на цената на волната. Претворањето на ораницата во пасиште за овци стана нивни лозунг.

Процесот на насилната експропријација на народните маси во 16 век доби еден страшен тласок со реформацијата и со колосалното разграбување на црковните имоти што идеше по неа. Црковната сопственост беше религиозната крепост на традиционалните односи во земјишната сопственост. Со падот на оваа крепост не можеа да се задржат ни овие односи.

Под реставрацијата на Стјуартовците земјопоседниците законски ја спроведоа узурпацијата, која насекаде на континентот се сврши и без законски обиколки. Тие ги укинаа феудалните земјишни односи, т.е. тие ги сметнаа од себе сите тегоби во однос на државата, ѝ „отплатија“ на државата со оданочување на селанството и другите народни маси, си го присвоија модерното приватно право врз земјата, на која имаа само феудално право, и најпосле им ги наметнаа на англиските земјоделски работници оние закони за населување, кои извршија на нив такво дејство, какво што извршил указот на Татарот Борис Годунов на руското селанство.

„Славната револуција“ заедно со Вилијам III Орански ги доведе на власт и земјопоседничките и капиталистичките профитери. Тие ја посветија новата ера со тоа што разграбувањето на државните имоти фатија да го прават во огромни размери, кое досега го правеа само во помала мера. Овие земји беа подарувани, продавани во бесценост или со директна узурпација приклучувани кон приватните имоти. Сево ова се вршеше без најмало запазување на законската форма. Вака арамиски присвоените државни имоти ја образуваат основата на денешните кнежевски имоти на англиската олигархија.

Најпосле, последниот голем процес на експропријацијата над земјоделците од земјата е таканареченото чистење на имотите, всушност исчистување на луѓето од нив. Сите досега разгледувани англиски методи ја најдоа својата кулминациона точка во „чистењето“. Во горна Шкотска се работи за земјишни површини големи како германските херцогства. Еден дел од пасиштата за овци беше претворен во парк за лов.

Грабежот на црковните имоти, арамиското отуѓување на државните имоти, кражбата на општинската сопственост, узурпаторското и со безобѕирен терор спроведуваното претворање на феудалната сопственост и сопственоста на клановнте во модерна приватна сопственост — ете тоа се многу идиличните методи на првобитната акумулација. Тие го освоија полето за капиталистичкото земјоделство, ја присоединија земјата кон капиталот и го создадоа за градската индустрија нужниот прилив од незаштитен пролетаријат.

Луѓето, изгонети поради растурањето на феудалните дружини и поради жестоката, насилна експропријација на земјата, овој оголен пролетаријат не беше можно да се апсорбира од мануфактурата што беше во почетокот на својот развиток онака брзо како што се јавуваше тој на светот. Од друга страна, овие луѓе, ненадејно исфрлени од својот вообичаен животен тек не можеа веднаш да се снајдат во дисциплината на својата нова состојба. Тие масовно се претворија во питачи, разбојници, скитници, делум од наклоност, а во повеќето случаи по силата на околностите. Поради тоа при крајот на 15 и преку целиот 16 век во цела Западна Европа се јавува едно крваво законодавство против скитништвото. Законодавството ги третираше како „доброволни“ престапници и претпоставуваше дека од нивна добра волја зависи да продолжат натаму да работат под старите околности што веќе не суштествуваа. Така селскиот народ, насилно експроприран од земјата, испаден и претворен во скитници, беше втеруван со чудовишните терористички закони, со бичување, жигосување и мачење, во една дисциплина нужна за системот на наемниот труд.

Класата наемни работници што изникна тогаш и во следниот век сочинуваше само еден сосем мал дел од народот, и нејзината положба најдуваше јака поткрепа во самостојното земјоделско стопанство во селото и во еснафската организација во градот. Променливиот елемент на капиталот многу го надминуваше неговиот постојан елемент. Затоа барањето наемен труд бргу растеше со секоја акумулација на капиталот, додека предлагањето наемен труд само бавно ја следеше. Еден голем дел од националниот производ, подоцна претворен во акумулационен фонд на капиталот, тогаш сѐ уште влегуваше во фондот за потрошувачка на работникот. Законодавството за наемниот труд, што беше уште од своето изникнување насочено кон експлоатацијата на работникот, и во својот натамошен развиток секогаш остануваше исто така непријателско спроти него, започна во Англија во 1349 со Статут за работниците од Едвард III. Франција нему му одговара со ордонансата од 1354 г., издадена од името на кралот Жан.

Се забранувало со казна затвор да се плаќа повисока наемнина отколку што е законски предвидено, но примањето за повисока наемнина ќе се казни поостро отколку нејзиното плаќање. Еден статут од 1360 ги заострил казните. Работничката коалиција [здружување] се третираше како тежок престап од 14 век до 1825. Свирепите закони против коалицијата паднаа во 1825 пред застрашувачкото држење на пролетаријатот, но сепак тие паднаа само делум. Неколку красни заостанки од старите статути исчезнаа дури во 1859. Исто така француската буржоазија се осмели во почетокот на револуционерната бура да им го земе на работниците назад тукушто извојуваното право на асоцијација. Со декрет од 14 јуни 1791 ги прогласи таа сите работнички коалиции за „атентат врз слободата и врз Декларацијата за правата на човекот“ што ќе се казнува со 500 ливри и со одземање на активните граѓански права за една година. Овој закон, кој насилно со државно-полициски мерки ја притиснува конкурентската борба меѓу капиталот и трудот во граници угодни за капиталот, ги преживеа сите револуции и династички смени. Дури и владата на теророт го остави него негибнат.

Што се однесува за потеклото на закупникот, ние можеме тукуречи со рака да го фатиме, бидејќи е тоа еден долг процес што се провлекува низ многу векови. Во Англија првата форма на закупник е управникот на господарскиот имот, кој и самиот беше крепосник. Неговата положба е слична со положбата на староримскиот vilicus. Тој набргу станува исполџија. Тој вложува еден дел од земјоделскиот капитал, лендлордот другиот. Обата го делат целокупниот производ според определените пропорции во договорот. Во Англија оваа форма бргу исчезнува и му прави места на вистинскиот закупник, кој со примена на наемни работници го оплодува својот сопствен капитал, а еден дел од вишокот на производот, во пари или во натура, му го плаќа на лендлордот како земјишна рента. Во 16 век иде уште еден решавачки важен момент. Непрекинатото повишување на цените на сите земјоделски производи го зголеми паричниот капитал на закупникот без негово содејство, додека земјишната рента што имал да ја плаќа била договорена по застарената вредност на парите. Така тој едновремено се богатеше за сметка на неговиот наемен работник и неговиот лендлорд.

Експропријацијата и истерувањето на еден дел од селското население не ги ослободуваат за индустрискиот капитал заедно со работниците само нивните средства за живот и нивниот материјал за работа, туку тие му создаваат нему и внатрешен пазар.

Порано селската фамилија сама ги произведуваше и ги преработуваше средствата за живот и суровините, што таа потоа во поголемиот дел сама ги трошеше. Овие суровини и средства за живот станаа сега стоки. Безбројните расеани клиенти, условени досега од една маса ситни производители што работат за своја сметка, сега се концентрираат во еден крупен пазар што го снабдува индустрискиот капитал. И така рака за рака со експропријацијата на порано самостојните селани — стопани и со нивното разделување од нивните средства за производство оди и уништувањето на земјоделската странична индустрија, процесот на разделување на мануфактурата од земјоделството.

Генезата на индустрискиот капиталист не одеше толку постепено како генезата на закупникот. Несомнено е дека по некој ситен еснафски мајстор, а уште повеќе некој ситен самостоен занаетчија или дури и наемен работник се претвораат отпрво во мали капиталисти, а потоа со постојаното раширување на експлоатацијата над наемниот труд и со соодветната акумулација стануваа капиталисти без приговор. Полжавскиот ȏд на овој метод не им одговараше по никаков начин на трговските потреби на новиот светски пазар што го создадоа големите откритија во крајот од 15 век. Средниот век остави во наследство две различни форми на капитал, а имено, лихварскиот капитал и трговскиот капитал. Феудалниот строј на село и еснафскиот строј во градот го пречеа претворањето на паричниот капитал во индустриски капитал. Овие пречки отпаднаа со растурањето на феудалните дружини, со експропријацијата и со изгонувањето на еден дел од селското население. Новата мануфактура изникна во морските експортни пристаништа или во оние точки по селата што се најдуваа надвор од контролата на старите градови и нивниот еснафски строј.

Откривањето на златните и сребрените земји во Америка, истребувањето, поробувањето и закопувањето на домородното население во рудниците, првите чекори во освојувањето и разграбувањето на Источна Индија, претворањето на Африка во ловиште за трговски лов на црнокожите, ете со што е обележана зората на ерата на капиталистичкото производство. Овие идилични процеси се главните моменти на првобитната акумулација. По стапалките по нив иде трговската војна на европските нации, со Земната топка како бојно поле. Таа почнува со отцепувањето на Холандија од Шпанија, добива гигантски размери во антијакобинската војна на Англија, и сѐ уште продолжува да трае, како што е во Опиумската војна против Кина итн. Различните моменти на првобитната акумулација сега се распределуваат горе-долу во временски редослед, имено на Шпанија, Португалија, Холандија, Франција и Англија. Во Англија при крајот на 17 век тие систематски се соединуваат во колонијален систем, во систем на државни долгови, во модерен даночен систем и во протекционистички систем.

Овие методи почиваат делум на најбрутална сила, на пр. колонијалниот систем. Но тие ја исползуваат државната власт, концентрираната и организираната сила на општеството за да го забрзаат процесот на претворањето на феудалниот начин на производство во капиталистички и за да ги скусат преодите. Силата е бабица на секое старо општество кога е бремено со ново. И самата сила е економска потенција.

За христијанскиот колонијален систем В. Ховит, човек што од христијанството направил своја специјалност, вели: „Варварството и безбожните грозотии на таканаречените христијански раси во сите делови на светов и против секој народ што можеле да го подјармат, немаат никаква паралела во која било ера од светската историја, кај која било раса, па дури колку и да е таа дива и необразована, немилосрдна и бесрамна“. Историјата на холандското колонијално стопанство — а Холандија беше во 17 век пример за капиталистичка нација — „дава ненадмината слика од предавства, поткупи, подли убиства и гадости.“

Англиската источно-индиска компанија, освен политичката власт во Источна Индија, го доби исклучивиот монопол над трговијата со чај, како и трговијата со Кина воопшто како и над транспортот на стоки за Европа и од Европа. Но крајбрежната пловидба на Индија и меѓу островите, како и трговијата во внатрешноста на Индија станаа монопол на високите чиновници на компанијата. Монополите на сол, опиум, бетел и на други стоки, беа неисцрпни извори на богатство. Самите чиновници ја утврдуваа цената и произволно ги дереа кутрите Индуси. Генералниот директор учествуваше во оваа приватна трговија. Крупни имоти изникнуваа за еден ден како печурки по дожд, и првобитната акумулација се вршеше без да се авансира ни еден шилинг. Однесувањето со домородците се разбира беше најужасно во плантажите определени само за експортна трговија, како Западна Индија, и во богатите и густонаселените земји предадени на разбојниците, како Мексико и Источна Индија. Сепак и во вистинските колонии христијанскиот карактер на првобитната акумулација не откажа да дејствува. Пуританците од Нова Англија, овие трезвени виртуози на протестантизмот, определија во 1703 со решение на нивното законодавно собрание премија од 40 ф. ст. за секој индијански скалп и за секој фатен црненокожец, во 1720 премија од 100 ф. ст. за секој скалп, во 1744 Масачусетс Беј, откако прогласи едно племе за бунтовно, ги определи следниве цени: за машки скалп над 12 години 100 ф. ст., во нова валута, за запленет маж 105 ф. ст., за уловена жена и дете 55 ф. ст., за скалп од жена и дете 50 ф. ст.! Неколку децении подоцна колонијалниот систем им се одмазди на потомците на побожните аџии, кога станаа и тие бунтовни. Поттикнувани и плаќани од страна на Англичаните, Индијанците ги касапеа нив со томахавки. Британскиот парламент ги прогласи крволочните пси и скалпирањата за „средства што му се дадени од бога и од природата.“

Колонијалниот систем силно го забрза развитокот на трговијата и паробродството. „Монополските здруженија“ на Лутер беа силни лостови за концентрацијата на капиталот. На мануфактурите што насекаде изникнуваа колониите им осигуруваа потрошувачки пазар, а монополското овладување на пазарот им осигури една потенцирана акумулација. Благото добивано надвор од Европа непосредно со грабеж, со поробувања и убиства дотекуваше во метрополата и се претвораше овде во капитал. Холандија која најпрво наполно го разви колонијалниот систем, уште во 1648 ја достигна врвната точка на својата трговска величина. Народните маси во Холандија уште во 1648 повеќе страдаа од претеран труд, беа поосиромашени и побрутално потиснувани отколку сите заедно од преостанатата Европа.

Системот на општествениот кредит, т.е. на државните долгови, чијшто почеток го откриваме во Џенова и Венеција уште во Средниот век, ја зафати во мануфактурниот период цела Европа. Колонијалниот систем со својата поморска трговија и со своите трговски војни му послужи нему како топла леа. Така тој најпрво се утврди во Холандија. Државниот долг, т.е. отуѓувањето на државата — било да е таа деспотска, уставна или републиканска — ѝ дава на капиталистичката ера свој печат. Единствениот дел на т.н. национално богатство што навистина влегува во заедничкиот посед на модерните народи е — нивниот државен долг. Државниот долг станува еден од најенергичните лостови на првобитната акумулација. Како со удар на волшебно стапче ги надарува тој непроизводните пари со производна сила и така ги претвора во капитал, притоа без да се изложува на тешкотии и опасности што се неминовно сврзани со вложувањето во индустријата, па дури и во приватното лихварство.

Заедно со државните долгови изникна и еден интернационален кредитен систем под кој често се прикрива еден од изворите на првобитната акумулација. Така нискостите на венецијанскиот грабежен систем сочинуваат една таква прикриена основа на капиталистичкото богатство на Холандија, на која Венеција што се наоѓаше во опаѓање, ѝ даваше на заем големи парични суми. Ист таков однос имаше меѓу Холандија и Англија. Веќе во почетокот на 18 век холандските мануфактури се далеку надминати и Холандија веќе престанала да биде владеачка трговска и индустриска нација. Затоа во периодот од 1701-1776 една од нејзините главни зделки беше давањето на заем огромни капитали, специјално на својот силен конкурент — Англија. Слично е денеска меѓу Англија и Соединетите Држави. Протекционистичкиот систем беше едно вештачко средство за фабрикување на фабриканти, за експропријација на независни работници, за капитализирање на националните средства за производство и средствата за живот, за насилно скусување на преминот од старовремскиот во модерен начин на производство. Европските држави се грабале за патентот на овој изнајдок, а штом еднаш ќе стапеле во служба на профитерите, тие веќе не се запирале само на тоа да го дерат сопствениот народ, посредно со заштитни царини, непосредно со извозни премии итн. Првобитниот капитал на индустријалците дотекува овдека делум директно од државната каса.

Колонијален систем, државни долгови, даночен натиск, протекционизам, трговски војни итн., овие фиданки на вистинскиот мануфактурен период гигантски се разраснаа во време на детинскиот период на крупната индустрија. Раѓањето на оваа индустрија беше прославено со огромно иродовско колење деца. Многу капитали, што денеска настапуваат во Соединетите Држави без крштелно, се тукушто капитализираната вчера детска крв во Англија.

„Од различни парохиски работни домови од Лондон, Бирмингем и од други места, многу, многу илјади од овие мали беспомошни креатури од 7 до кон 13 или 14 години, се експедираа кон север. Стана обичај за мајсторот (т.е. за крадецот на деца) да ги облекува своите чираци, да ги храни и да им дава живеалиште во еден дом за чираци покрај самата фабрика. Биле поставени надзорници за да го надгледуваат нивниот труд. Им било во интерес на овие робовски терачи, децата да 'ргаат до крајност, бидејќи нивната плата зависеше од размерата на количеството производ, што можеа да го исцедат од децата. Суровоста беше природна последица... Во многу фабрички околии, особено во Ланкашир, овие беспомошни и невини созданија, предадени во власт на фабричките господари, беа изложени на најгрозни маки. Тие беа терани во смрт со претеран труд... тие беа бичувани, оковувани и мачени со најистанчена и најрафинирана грозотија, тие беа во многу случаи направени кожа и коска од глад, додека камшикот ги присилуваше кон труд... Да, во некои случаи тие беа терани во самоубиство!... Прекрасните и романтични долини на Дербишир, Нотингемшир, и Ланкашир, затворени од очите на општеството, станаа грозни пустини за мачење, а често и за смрт... Профитите на фабрикантите беа огромни. Тоа само ја раздразнуваше нивната волчја глад. Тие почнаа со практиката на ноќен труд, т.е. откога ќе исцрпеа една група раце во дневна работа, држеа готова една друга група за ноќна работа; дневната група си легнуваше во постела која штотуку ја оставаше ноќната група и обратно. Во Ланкашир е народна традиција постелите никогаш да не истинуваат.“

На што се сведува првобитната акумулација на капиталот, т.е. нејзиното историско потекло? До колку таа не е непосредно претворање на робови и крепосници во наемни работници, значи до колку не е гола измена на форми, таа ја означува само експропријацијата на непосредните производители, т.е. распаднувањето на приватната сопственост што почива врз сопствен труд.

Овој начин на производство има за претпоставка раздробеност на земјата и на другите средства за производство. Тој ја исклучува како концентрацијата на последниве така и кооперацијата, поделбата на трудот во рамките на истите процеси на производство, општественото овладување и управување над природата, слободниот развиток на општествените производни сили. Но кога ќе дојде до извесен степен во развитокот, тој ги создава материјалните средства за неговото сопствено уништување. Од овој момент во пазувите на општеството се раздвижуваат сили и страсти што се чувствуваат оковани во овој начин на производство. Последниов мора да се уништи, и тој бива уништен. Неговото уништување, претворањето на индивидуалните и раздробените средства за производство во општествено концентрирани, а според тоа претворањето на кепечката сопственост на мнозина во гигантска сопственост на малцина, а оттука и експропријацијата на големи маси народ од земјата и средствата за живот и орудијата на трудот, онаа ужасна и тешка експропријација на народните маси ја сочинува предисторијата на капиталот. Таа опфаќа редица насилни методи, од кои ние ги разгледавме како методи на првобитната акумулација само најепохалните. Експропријацијата над непосредните производители се извршува со најбеспоштеден вандализам и под нагон на најподли, најгнасни, најниски и најзлобни страсти. Приватната сопственост, што е добиена со сопствен труд, и што почива, така да се рече, врз срастувањето на одделната, независната работна индивидуа со нејзините услови за труд, се истиснува од капиталистичката приватна сопственост што почива врз експлоатацијата на туѓ, но формално слободен труд.

Штом овој процес на преобразување достатно го разорил стаpото општество во ширина и длабочина, штом се претворени работниците во пролетери, а нивните услови за труд во капитал, штом капиталистичкиот начин на производство ќе застане на свои нозе, тогаш натамошното поопштествување на трудот и натамошното претворање на земјата и сите средства за производство во општествено експлоатирани, значи во заеднички средства за производство, а со тоа и натамошната експропријација на приватните сопственици добива нова форма. Она што е сега за експроприрање не е веќе работникот со самостојно стопанство, туку капиталистот што експлоатира многу работници.

Оваа експропријација се врши со играта на внатрешните закони на самото капиталистичко производство, со централизацијата на капиталот. Еден капиталист истепува мнозина. Рака за рака со оваа централизација или со експропријацијата на мнозина капиталисти од страна на малцина се развива во сѐ поголем и поголем размер кооперативната форма на процесите на трудот, свесната техничка примена на науката, планската експлоатација на земјата, претворањето на средствата на трудот во средства на трудот што можат само заеднички да се употребуваат, економијата во сите средства за производство со нивната употреба како средства за производство на комбинираниот општествен труд, вплеткувањето на сите народи во мрежата на светскиот пазар, а со тоа и интернационалниот карактер на капиталистичкиот режим. Заедно со постојаното смалување на бројот на магнатите на капиталот што ги узурпираат и што ги монополизираат сите предности на овој процес на преобразување, расте масата на бедата, натискот, ропството, одродувањето, експлоатацијата, но исто така расте и револтот на работничката класа што постојано нараснува и која со самиот механизам на капиталистичкиот процес на производството се учи, се соединува и се организира. Монополот на капиталот станува оков за начинот на производство што расцвета заедно со него и под него. Централизацијата на средствата за производство и поопштествувањето на трудот достасуваат до една точка, каде што стануваат несовместиви со нивната капиталистичка лушпа. Таа бива разбиена. Бие часот на капиталистичката приватна сопственост. Експропријаторите биваат експроприрани.

Капиталистичкиот начин на присвојување, кој произлегува од капиталистичкиот начин на производство, а со тоа и капиталистичката приватна сопственост, е првата негација на индивидуалната приватна сопственост заснована врз сопствен труд. Но капиталистичкото производство ја произведува со неопходноста на еден природен процес својата сопствена негација. Тоа е негација на негацијата. Таа не ја воспоставува пак приватната сопственост, туку ја воспоставува индивидуалната сопственост врз основа на придобивките на капиталистичката ера, врз основа на кооперацијата и заедничкиот посед на земјата и на средствата за производство што ги произвел самиот труд. Таму се работеше за експропријацијата на народните маси од страна на малцина узурпатори, овде се работи за експропријацијата на малцина узурпатори од страна на народните маси.

 


Архива на Ото Риле | Тематска архива за економија
марксистичка интернет архива