Вилхелм Рајх

Слушни, мал човеку!

(извадоци)


Напишано: 1945
Извор: „Маргина“, бр. 41, 1998, 93-102 стр.
Превод: Пандалф Вулкански
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија јуни 2022



Овие лажни достоинственици што ме исмејувате
Од што живее вашата политика
откако владеете со светот?
Од бодење со ножови и колежи
Charles de Coster, “Ulenspiegel”

Те нарекуваат „МАЛ ЧОВЕК”, „ОБИЧЕН ЧОВЕК”, велат. Велат, доаѓа твоето време, „ерата на Малиот човек” (‘The age of the Common man’).

Не си Ти оној што го вели тоа, Мал човеку, туку тие: потпредседателите на големите нации, избраните водачи на работниците, преобратените синови на граѓанскиот сталеж, државниците и филозофите. Тие ти ја нудат иднината, но не те прашуваат за минатото.

Ти си наследник на ужасно минато. Твоето наследство е вжарен дијамант в рака. Јас ти го велам тоа!

Секој лекар, секој чевлар, механичар или воспитувач мора да ги познава сопствените недостатоци доколку сака да ја врши својата работа и да заработува леб. Со децении веќе се обидуваш да завладееш со Земјата. Од твоите размислувања, твоите постапки, отсега зависи иднината на човечкиот род. Но твоите учители и господари не ти велат како стварно размислуваш ниту каков си; никој не се осмелува да ти упати каква било критика што би требала да те подготви и да те оспособи самиот да управуваш со својата судбина: Ти си „слободен” само во една смисла: ослободен си од подучувањето како самиот да го водиш својот сопствен живот, слободен од самокритика!

Никогаш не сум слушнал како се жалиш: „Вие ме унапредивте во господар над мене самиот и над мојот свет. Но не ми рековте како се станува господар над себе и не ми рековте каде тоа погрешно сум се упатил, за што погрешно размислувам, каде постапувам погрешно.”

Ти на властодршците им даваш право да владеат „во името на Малиот човек”. А самиот си нем. Им даваш на моќните или на неспособните уште повеќе моќ да те застапуваат. Предоцна откриваш дека секогаш испаѓаш измамен.

Те разбирам. Бидејќи илјада пати сум те видел гол, со душа и тело, без маска, партиска книшка, без бирачко ливче, без твојата „омиленост во народот”. Гол како новороденче и гол како војсководец покриен само со крпче. Пред мене липаше, лелекаше, ги опишуваше своите копнежи, ми ги откриваше својата љубов и својот чемер. Те познавам и те разбирам. Сакам да ти кажам каков си, Мал човеку, бидејќи навистина верувам во твојата голема иднина. Без сомневање, таа ти припаѓа. Затоа прво погледни се самиот себе. Погледни се каков си стварно. Слушни го она што не се осмелува да ти го каже ниеден од твоите водачи и претставници:

Ти си МАЛ, ОБИЧЕН ЧОВЕК. Сфати го двојното значење на зборовиве: МАЛ и ОБИЧЕН...

Не отстапувај! Собери храброст да се видиш себеси!

„А со кое право ти сакаш да ме учиш?” Го гледам ова прашање во твоите преплашени очи, слушам како го изговара твојот дрзок јазик, Мал човеку! Се плашиш да се погледнеш во очи, се плашиш од критика, Мал човеку, како и од моќта што ти ја ветуваат. Не знаеш како би требало да ја користиш својата моќ. Не се осмелуваш ниту да замислиш дека кога било би можел себеси да се чувствуваш поинаков отколку што си сега: слободен наместо наведнат; отворен, наместо што постојано озборуваш и криеш; себеси како водиш љубов среде ден, а не како крадец, во мракот на ноќта. Ти самиот себе се презираш, Мал човеку. Велиш: „Па кој сум јас за да имам сопствено мислење, самиот да одлучувам за својот живот и светот да го прогласувам за свој?” Имаш право: Кој си ти да полагаш право на својот живот? Јас ќе ти кажам кој си!

Од вистинскиот Голем човек се разликуваш само во едно: Големиот еднаш бил мошне мал човек, кој во себе развил една единствена голема способност: умеел да увиди кога мисли и кога се однесува како мал. Преку силата на задачата кон која е предаден со цело срце научил да разбира како и кога неговите малецкост и безначајност се закануваат да ја загрозат неговата среќа. Големиот човек, значи, знае кога е и каков е Мал човек. Малиот човек не знае дека е мал и се плаши тоа да го дознае. Тој ги крие своите тескоби и својата безначајност, создавајќи илузија за сила и големина, за туѓите сили и големини. Горд е на своите големи генерали, но не и на самиот себе. Им се восхитува на мислите кои не се во неговата глава, а не на оние што ги создал неговиот мозок. Дотолку побрзо ги прифаќа работите доколку помалку ги разбира. А не верува во исправноста на мислите кои најлесно ги разбира.

Ќе започнам со Малиот човек во себе.

Веќе дваесет и пет години го застапувам, со изговорен и напишан збор, твоето право на животна среќа на овој свет; те обвинувам дека си неспособен да го земеш она што ти припаѓа; да го сочуваш она за што си се изборил во крвавите борби на барикадите во Париз и Виена, во Американската граѓанска војна, во Руската револуција. Твојот Париз заврши со Петен и Лавал, твојата Виена со Хитлер, твојата Русија со Сталин, а твојата Америка би можела да заврши со режимот на Кју-клукс-кланот! Ти подобро умееше да се избориш за својата слобода отколку за себе и за другите да ја сочуваш. Одамна те знам. Само не сфатив зошто си газел сѐ подлабоко во калта, откако еднаш едвај се извлече од неа.

(...)

Велиш: „Кажи ми која е твојата животна филозофија пред да ти верувам”. Кога ќе ја слушнеш мојата животна филозофија, ќе оттрчаш брзо кон својот државен обвинител, или до „Комитетот за антиамерикански активности”, или во ФБИ или ГПУ, или во „Булеварскиот лист”, или во Кју-клукс-кланот, или кај „водачите на сите пролетери на светот“, или едноставно ќе побегнеш:

Јас не сум ни црвен, ни црн, ни бел, ни жолт.

Не сум христијанин, ни Евреин, ни муслиман, ни мормон, ни полигамист, ни хомосексуалец, ни анархист, ни боксер.

Ја прегрнувам жената, бидејќи ја сакам и ја пожелувам, а не затоа што имам венчан лист или затоа што ме гони сексуална глад.

Не ги тепам децата, не ловам риби и срни и зајаци. Но добро и радо гаѓам во центарот на метата. Не играм бриџ и не приредувам приеми за да ги ширам своите теории; ако моето учење е вистинито, тоа ќе се шири само од себе.

Својата работа не ја носам на проценка кај директорот на медицинската установа, дотолку тој со таа материја не владее подобро од мене. И јас одлучувам кој ќе биде упатен во моето откритие, а кој не.

Внимателно го следам секој соодветен законски пропис, но се борам против него ако е надминат или бесмислен. (Не брзај кај обвинителот, Мал човеку, бидејќи тој го прави истото, ако е чесен човек.)

Сакам децата и младите луѓе да ја доживеат својата телесна среќа во љубовта и непречено да уживаат во неа.

Не верувам во тоа некој којшто е во добра, вистинска смисла религиозен дека треба да го попречи или уништи својот љубовен живот и дека телото и душата треба да му останат крути, исушени, да изгнијат.

Знам дека она што ти го нарекуваш „Бог” навистина постои, но поинаку отколку што замислуваш: како космичка праенергија во универзумот, како твојата љубов во телото, како твојата чесност и како твоето чувство на природата во тебе и вон тебе.

(...)

Ти не поседуваш сетило, немаш око за вистински Големиот човек. Неговото битие, неговите страдања, неговите копнежи, неговиот бес, неговата борба за тебе – далечни ти се и туѓи нешта. Не сфаќаш дека има и такви мажи и жени кои се неспособни да те злоставуваат или експлоатираат и кои сакаат да бидеш слободен, навистина и стварно слободен. Ти не ги сакаш тие луѓе и жени, бидејќи се туѓи за твоето битие. Тие се едноставни и отворени, за нив вистината е она што за тебе е животната тактика. Тие те прозреле, не со омаловажување, туку со болка поради човечката судбина; свесен си за тоа и насетуваш опасност. Ги признаваш, Мал човеку, само кога многумина други Мали луѓе ќе ти кажат дека Големите луѓе се навистина големи. Се плашиш од Големиот човек, од неговата блискост до животот и од неговата љубов спрема животот. А Големиот човек те сака едноставно како живо суштество. Не сака да те гледа како страдаш, и тоа со милениуми. Не сака да те слуша како зборуваш глупости, како што зборуваш илјадници години. Не сака да те доживува како стока за влечење, бидејќи тој го сака животот и сака да го доживее ослободен од страдање и срам.

(...)

Сопствената незначителност не ја гледаш додека презриво и од височина велиш „Евреин”. Тоа го открив дури неодамна. Ти го нарекуваш „Евреин” секој оној што ти влева премногу или премалку респект. И сакаш самоволно, како на Земјата да те пратила некоја повисока сила, да одредуваш кој е „Евреин”. А јас ти го ускратувам тоа право, без разлика дали си мал Ариевец или мал Евреин. Јас сум единствениот на овој свет кој е повикан да одреди кој сум, и никој друг. Јас сум биолошки и културен мелез, и горд сум што сум духовен и телесен резултат на сите класи, раси и нации, и што не сум од чистата раса како тебе, ниту сум од чиста класа, ниту сум шовинист како тебе, мал фашисту од сите нации, раси и класи! Слушнав дека не си сакал да примиш во Палестина еден еврејски техничар, бидејќи не бил обрежан. Затоа со еврејските фашисти немам ништо, баш ништо заедничко.

Мене не ме поттикнува никакво чувство спрема еврејскиот јазик, еврејското божество, еврејската култура. Исто толку малку верувам во еврејскиот, како и во христијанскиот или индискиот бог, но сфаќам каде ти го пронаоѓаш својот бог. Не верувам дека еврејскиот народ е „единствениот” или „избраниот” народ божји. Верувам дека еврејскиот народ еднаш ќе се загуби сред масата од зверови на човечкиот род којшто живее на планетава, и тоа за сопствено добро и за доброто на своите наследници. Ова сега баш и не го слушаш со радост, Мал еврејски човеку, бидејќи толку се држиш до твоето еврејство, затоа што самиот себе и секого којшто ти е близок ги презираш како ЕВРЕИ. Евреите најмногу ги мрази самиот Евреин. Тоа е стара вистина. Но, јас не те презирам и не те мразам. Јас само немам со тебе ништо заедничко, или веќе ништо заедничко, како ни Кинезот со змеј во Америка: освен заедничкото потекло од универзумот. Зошто во минатото се враќаш само до потеклото на своите прадедовци, а не и до протоплазмата, Мал Евреину? За мене животот почнува со контракциите на плазмата, а не во канцеларијата на рабинот.

Беа потребни многу милиони години за од едноќелиски организам да се развиеш во копнене двоножец. Твојата биолошка промена во цврсто тело траеше само шест илјади години. А ќе поминат сто или петстотини или пет илјади години, додека повторно не ја пронајдеш својата природа во себе самиот, додека повторно во себе не ја откриеш амебата.

(...)

А, пред сѐ, ти и не знаеш ништо, бидејќи што се за тебе вистината, историјата, борбата за твојата слобода. И пак: кој си ти воопшто за да имаш свое мислење...?

Не ни насетуваш дека твојата валкана фантазија и твојата сексуална неодговорност те врзуваат во оковите на сопствените закони за бракот.

Ти реков дека се чувствуваш беден, и ситен, и смрдлив, и душевно растроен, и импотентен, крут, укочен, безживотен и празен. Немаш девојка, а кога ќе ја најдеш, само би ја полегнал, за во себе да го потврдиш мажјакот. Ти не знаеш што е љубов. Имаш затвор, земаш лаксативи. Здивот ти е непријатен, кожата леплива од студена пот, не го чувствуваш своето дете што ти е во прегратка и затоа сакаш од него да направиш мало претепано кученце.

Цел живот те мачи сопствената импотенција. Таа се вовлекува во секоја твоја мисла. Ти пречи во професионалната работа. Жена ти избегала бидејќи не си можел да ѝ дадеш љубов. Страдаш од фобии, нервоза, стравот ти се вовлекол под кожа. Не можеш да се ослободиш од мислите за секс. Некој ти зборувал за мојата сексуална економија, која има разбирање за тебе и сака да ти помогне. Таа настојува да те поттикне својата сексуалност да ја изживееш ноќе за преку ден да можеш да работиш ослободен од сексуалните мисли; твојата жена да биде среќна во твојата прегратка, а не очајна; твоите деца да имаат румени образи, а не бледи, и да умеат да сакаат, а не да бидат свирепи. Но, ти велиш: „Сексуалноста не е сѐ во животот. Има уште други важни нешта.” Таков си ти, Мал човеку.

(...)

Сосем е сигурно, дека сакаш да постојат „гении” и подготвен си да им укажуваш чест. Но ти сакаш добри гении, сакаш гениј со мера и угладеност, без лудории – накусо, ПОДОБЕН и ПРИЛАГОДЕН гениј, а не див, нескротлив, што ги руши твоите бариери и лимити. Ти го сакаш ограничениот гениј, со потсечени крила, подобниот гениј, со којшто, без да црвенееш, би можел триумфално да парадираш низ улиците на своите градови.

Таков си ти, Мал човеку. Умееш добро да црпиш и да исцрпиш, алчно да сркаш и прождираш, но не умееш да создаваш. И поради тоа си таков каков што си и таму си каде што си: целиот свој живот во здодевна канцеларија, или крај сметачка машина, или крај масата за цртање, или во брачна лудачка кошула, или учител во училиште којшто ги мрази децата. Немаш способности да се развиваш, ниту постојат шанси да изразиш нова мисла, бидејќи ти само земаш, никогаш не си давал; само си го земал она што друг ти го давал подготвено, на чинија.

Не сфаќаш зашто тоа е така, зашто мора да биде така? Ќе ти кажам, Мал човеку.

Затоа што, кога ти дојде кај мене, те бев запознал како суштество однатре празно, или импотентно, или душевно пореметено. Ти умееш само да прождираш и само да земаш, а не умееш да создаваш и да даваш, бидејќи твојот основен животен став е воздржувањето, позерското однесување и инаетот; те навјасува паничен страв кога во тебе ќе се разбуди праисконскиот нагон за ЉУБОВ и ДАВАЊЕ. Затоа се плашиш од давањето. А твоето земање всушност има само ЕДНА смисла: Постојано мораш да грабаш пари, да се преждеруваш со украдената среќа и со туѓото знаење, бидејќи се чувствуваш празен, незаситен, несреќен, суштество без вистинско знаење и без вистинска желба да дознае нешто. Затоа толку и бегаш од вистината, Мал човеку. Таа во тебе би можела да го предизвика рефлексот на љубов. Таа би можела да ти го покаже она што јас овде не баш најдобро се обидувам да ти го покажам. Но, ти тоа не го сакаш, Мал човеку! Ти само сакаш да бидеш потрошувач и патриот!

„Слушнете, слушнете! Тој го негира патриотизмот, бедемот на државата и на неговата основна ќелија, семејството! Против тоа мора да се преземе нешто!”

Така викаш ти, Мал човеку, кога ќе те потсетат на твојата душевна опстипација. Не сакаш тоа ни да го слушнеш ни да го знаеш. Радо би викнал „Урааа!” Мирно ти допуштам да викаш „урааа”, но ти мене не ми допушташ мирно да ти соопштам зошто си неспособен за среќа? Гледам страв во твоите очи, бидејќи прашањево длабоко те погодува. Ти си за „религиозна толеранција”. Сакаш да бидеш слободен да ја сакаш својата религија. Тоа е и добро и убаво. Но ти сакаш повеќе од тоа: сакаш сите да ги изговараат само молитвите на твојата вера. Ја почитуваш својата религија, но не си толерантен спрема другите религии. Беснееш ако некој ја обожува природата, а не некаков личен бог, или ако пак некој сака да ја сфати природата. Ти сакаш брачниот партнер да поведе парница против оној другиот, да го обвини за неморал или бруталност кога тој другиот не може да живее со него. Не го признаваш разводот на бракот врз основа на обострана согласност, ти Мал наследнику на големите бунтовници! Бидејќи се плашиш од сопствената пожуда! Ја сакаш вистината во огледало таму каде што не можеш да ја дофатиш, а ни таа тебе. Твојот шовинизам потекнува од твојата телесна згрченост, од твојата душевна опстипација, Мал човеку. Не ти го велам ова за да се подбивам со тебе, туку затоа што сум ти пријател, иако ти ги убиваш пријателите кога ти ја кажуваат вистината. Погледни ги малку тие свои патриоти: тие не чекорат, тие маршираат. Тие не ги мразат непријателите, тие имаат проколнати душмани што ги менуваат секои десет години, од исконскиот непријател прават пријател (дури исконски!), а од исконскиот пријател повторно прават проклет душман. Тие не пеат песни, тие марширајќи урлаат воени химни. Тие не ги прегрнуваат своите девојки, тие ги „легнуваат“ и суредуваат толку и толку „пати“ за една ноќ. Ништо не можеш да преземеш против мојата вистина, Мал човеку. Само можеш да ме убиеш, како што уби толку други свои вистински пријатели: Исус, Ратенау, Карл Либкнехт, Линколн и многумина други. Тоа некогаш на германски го нарекуваше „соборување”. На крајот тоа тебе те собори. Мал човеку, по милионити пат те собори и те прегази. Но, ти и понатаму остануваш патриот.

Ти копнееш по љубов, ја сакаш својата работа и живееш од неа, а твојата работа зависи од моето знаење и од знаењето на други. Љубовта, работата и знаењето не познаваат татковини, царински граници, не познаваат униформи. Тие се интернационални и го опфаќаат целото човештво. Но ти сакаш да бидеш мал патриот, бидејќи се плашиш од вистинската љубов, се плашиш од сопствената одговорност за својата работа и смртно се плашиш од знаењето. Поради тоа умееш само да ја искористуваш љубовта, работата и знаењето на другите, но никогаш не можеш самиот да создаваш. Заради тоа ја крадеш својата среќа како крадец во темна ноќ, заради тоа не можеш да ја гледаш среќата на други, без да пожолтееш и позеленееш од завист.

(...)

Ако ти, Мала жено, по чиста случајност, без онаа особена внатрешна потреба, си станала воспитувачка само затоа што не си имала деца и затоа што на еден голем воспитувач му биле потребни ученици, со тоа си направила голема штета. Ти треба да се занимаваш и да ги воспитуваш децата. А во воспитувањето, ако го сфатиме сериозно, коректно треба да се грижиме за детската сексуалност. А за коректно да се води грижата за детската сексуалност, самата мораш да ја доживееш љубовта. Но, ти си дебела и изгледаш како буре, несмасна си и непривлечна. Веќе тоа е доволно длабоко и горко да го мразиш секое милно и живо тело. Не ти префрлам што си дебела и што изгледаш како буре; не ти го префрлам ни тоа што никогаш не си осетила љубов (ниеден здрав маж не сакал да ти ја даде); не ти префрлам што не ја чувствуваш љубовта на децата. Но, тоа што од својот јад, од своето уништено тело како буре, од својата непривлечност, од својот недостиг на грациозност, од својата неспособност за љубов, правиш доблест и со горка омраза ја гушиш љубовта на децата, работејќи случајно во некое „прогресивно” училиште, тоа е твојот злочин, Мала грда жено. Штетноста на твојата егзистенција се гледа во тоа што на здравите татковци им ги отуѓуваш здравите деца, што здравата детска љубов ја сметаш за симптом на болест, што така тркалезна се тркалаш како буре, што мислиш како буре... и воспитуваш како буре, Грда Мала жено! Ти замерувам затоа што скромно не се повлекуваш во скриениот агол на својот живот, туку на тој живот сакаш да му ја наметнеш својата грдотија, својот изглед како буре, својата дволичност, својата горка омраза која се крие под лицемерната насмевка!

(...)

Полицијата не помага тука, Мал човеку! Таа може да ги прогонува кратците и да го регулира сообраќајот, но твојата слобода не може да ја освои, ниту да ја заштити. Самиот си ја разурнал својата слобода и ја уништуваш толку постојано и толку темелно што заслужуваш жалење. Пред Првата „светска војна” не постоеше пасошот во меѓународниот сообраќај. Можеше да патуваш каде што сакаш. Војната за „слобода и мир” воведе пасошки контроли и тие се вовлекоа насекаде како вошки. Ако во Европа сакаш да отпатуваш 300 километри подалеку од својот праг, мораш да отидеш во десет конзулати на разни земји и да побараш визи. И така траат работите сѐ до денот денешен, децении по завршувањето на Втората светска војна, која беше водена за да им се стави крај на сите војни! Така ќе остане и по третата и осмата војна што ќе се водат за да се завршат сите војни!

„Слушнете го вие него! Слушнете го! Тој ја валка мојата подготвеност да војувам за татковината, ја валка честа на мојата татковина, славата на нацијата!”

Ох, замолчи, Мал човеку! Постојат два вида тонови: завивање на луња во висина на бреговите и ветрот од твоите црева! Самиот си свој ветар, а веруваш дека мирисаш како темјанушка. Јас ја лекувам твојата душевна болка, а ти прашуваш дали сум во „Кој е кој”? Владеам со тајната на твојата болест рак, а твојот малецок шеф на медицинска установа ги забранува моите експерименти со глувци. Ги учев твоите лекари да те разберат медицински, а твоето лекарско друштво ме пријавува на припадниците на државната безбедност. Ти боледуваш од душевна пореметеност, а тие ти припишуваат терапија со електричен шок онака како што во средниот век те „лекувале” со змии, ланци и камшици.

(...)