Резолуција на Првата балканска социјалдемократска конференција



Напишано: 1910
Извор: „Рѣчьта на Дрь Кр. Раковски за Балканската конфедерация“ и „Гледището на балканскитѣ социал-демократически партии по Балканската федерация и резолюцията вѣ Бѣлград“, Печатница на Йордан Ярцев, Солунъ, 1910, 13-16 стр.; „Работническа искра“, Битоля, 9 януари 1910, год. II, брой 1, 1-2 стр.
Превод: Здравко Савески, од бугарски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2010


I

Под натурено туторство и господаречко влијание на европската дипломатија, која е инструмент на експанзивната политика на европскиот капитализам, во историското минато на Југоисточна Европа, особено на Балканскиот Полуостров, се создадени територијални и национални односи кои ги попречуваат модерните економски и културни врски на народите и се наоѓаат во најостри противречја со нивните интереси и потреби. Од тие противречја произлегуваат сите кризи, потреси и настани кои европската дипломатија и нејзините монархистичко-реакционерни агенти на Балканскиот Полуостров ги употребуваат како претекст за поддржување на таа политика на вмешување, туторство, завладување и реакција.

Наспроти тоа, Првата социјалдемократска балканска конференција истакнува дека движењето и борбите на народите од Југоисточна Европа и Балканскиот Полуостров, кои имаат културни услови за развиток, се израз на неодоливиот стремеж кон економско и политичко ослободување.

Од една страна: колку побрзо се намалуваат областите на колонијално завладување, уште непокорени од никого, толку поревносно европскиот капитализам, за да го пласира вишокот на производи, добиени преку експлоатација на пролетаријатот во земјата, се нафрла врз земјоделските, индустриски неразвиени и политички незаштитени земји. Преку стекнување лихви од дадените заеми и вонредните печалби од вложениот капитал во претпријатијата, неограничено концесионирани, преку трговски договори и мрежа од транспортни такси, европскиот капитализам го вовлекува Балканскиот Полуостров и земјите и народите од Југоисточна Европа во кругот на својата бездушна експлоатација, исцрпувајќи ги нивните економски сили, спречувајќи го нивниот развиток и напредок и заканувајќи му се и на самото нивно опстојување.

Од друга страна: поради промените кои победоносниот од на капитализмот ги предизвикува во условите на економскиот живот во тие земји, станува неподнослива територијалната и националната раздвоеност која постои денес. Сите напредни сили на народите се принудени да се стремат да се ослободат од партикуларизмот и затвореноста, кои единствено му одговараат на патријархалниот и ограничен живот во околијата и селото, од многуте граници, кои ги разединуваат било народите со еден и ист јазик, една и иста народност и култура, било областите кои економски и политички зависат едни од други, и од посредните и непосредните странски режими, кои ја одземаат од рацете на народот неговата судбина.

Но, додека работничката класа со својата класна борба фактички помага за остварувањето на тие стремежи, капиталистичката буржоазија, при постојните економски, политички и национални услови во Југоисточна Европа, потпомагана од монархизмот, создава нов национален антагонизам, кој пречи да се реши балканското прашање по пат на обединување на народите.

II

Признавајќи ја неопходноста и основаноста на тие стремежи на народите од Југоисточна Европа, Првата социјалдемократска балканска конференција го поддржува гледиштето дека нивното освестување може да се постигне единствено преку концентрирање на економските сили во една целина, надминување на вештачки поставените граници, создавање полна заемност и заедништво во животот и одбраната од заедничките опасности. Поради тоа, конференцијата смета дека е должност на социјалдемократијата најенергично да го осудува секој антагонизам помеѓу народите на Југоисточна Европа и да делува кон нивно зближување, како и сесрдно да ги потпомага сите стремежи за целосно демократско самоуправување и независност на народите, што е прв услов за прашањето за животот на тие народи да се одземе од рацете на нивните странски и домашни реакционерни господари и да се постави патот за групирањето кое го наложува модерниот економски развиток, како единствена гаранција за економската и политичката самостојност. Пред сè, социјалдемократијата треба да го сака тоа не само поради тоа што таквото решение на прашањето е најдобриот одговор на интересите на општествениот напредок, туку и поради тоа што нејзиното делување е во постојана зависност од развитокот на народите, помеѓу кои делува, и поради тоа што силите на класната борба најцелосно се развиваат во независните земји и народи.

III

Првата социјалдемократска балканска конференција особено истакнува дека таа неодложна промена не може да се изврши во духот на народните интереси ниту од милитаристичката политика на балканските монархии и реакционерните буржоаски режими, кои, напротив, сеат меѓусебен антагонизам, омраза и недоверба и ја анулираат економската и политичката моќ на народите, ниту преку потпирање и апелирање до капиталистичките европски држави, чии владејачки класи, без разлика дали апсолутистички или републикански, национални или националитетни, не можат и не сакаат своеволно да се откажат од својата господаречка положба и завојувачка политика. Како политички претставник на работничката класа, која не го споделува националниот антагонизам на владејачките класи, социјалдемократијата има важна задача да биде најсвесниот, најрешителниот и најдоследниот носител на идејата за солидарноста помеѓу народите на Југоисточна Европа и со класната борба на пролетаријатот да ја зајакнува одбранбената моќ на народите кон завојувачката политика на европскиот капитализам. Пред сè, тоа треба да важи против империјалистичките стремежи на Австро-Унгарија и влијанието на рускиот царизам, кој се оддава на својата лихварска и крвава политика на Балканскиот Полуостров дотолку понетрпеливо доколку е посилен притисокот на Далечниот Исток и доколку има поголемо непријателство кај народот во сопствената земја.

IV

Им се дава обврска на секретарите на социјалдемократските партии на Балканскиот Полуостров и Југоисточна Европа, преку постојано одржување тесни врски, со посредство на секретарот на Српската социјалдемократска партија во Белград, да ја направат можна еднообразната и плански водена паралелна акција во духот на оваа резолуција, а за идната конференција, која ќе се состане во 1911 година во Софија, да изработат формулирана програма на нашите политички и национални барања и проект за организациските врски помеѓу социјалдемократските партии на Балканскиот Полуостров и Југоисточна Европа.


Целосен список на делегатите на Првата балканска социјалдемократска конференција

Српската социјалдемократска партија беше претставена од: Драгиша Лапчевиќ, Д. Туцовиќ, Триша Кацлеровиќ, Д. Поповиќ, Милоевиќ, Ѓуриќ, Кошанин, Банковиќ, Величковиќ, Мајданац, Павичевиќ и Павловиќ.

Хрватско-славонската партија беше претставена од Јуриј Димитриевиќ и Кораќ.

Словенската партија од д-р Хенрик Тума.

Романскиот социјалистички сојуз - од српскиот другар Недељко Кошанин.

Босно-херцеговската партија - од Сретен Јакшиќ.

Скопската социјалистичка организација - од [Михаил] Цоков, Душан Цекиќ и [Стојан] Дивлев.

Солунската и битолската организација - од Васил Главинов.

Турската социјалдемократска група во Цариград - од К. Козикијан.

Црногорската социјалдемократска емиграција - од Крсто Поповиќ.

Бугарската работничка социјалдемократска партија - од Д[имитар]. Благоев, В[асил]. Коларов, Јур. Јурданов, Г. Димитров, Т[ењо]. Стоилов, Д. Коџејков, Ј[анко]. Иванов, [Петко] Напетов и Х[ристо]. Кабакчиев.


Македонска тематска архива

Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива