Едгар Хардкасл

Маркс и Кејнз за невработеноста


Првпат објавено: Edgar Hardcastle, Socialist Standard, June 1971.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: декември 2022


Првиот том на Капиталот, во кој Карл Маркс го анализираше функционирањето на капиталистичкиот систем, беше објавен во 1867 година. Иако економските теории на Маркс беа под постојан напад од економистите кои го бранеа капитализмот, теориите направија напредок во круговите на работничката класа, особено во долготрајната депресија од 1930-тите. Една од причините за универзалниот интерес за Маркс во тие години беше неговата анализа на невработеноста, бидејќи тој покажа како настанува невработеноста и зошто таа му е неопходна на капитализмот. Потоа, во 1936 година, делото на Џон Мејнард Кејнс, Општата теорија за вработеноста, каматата и парите, донесе двојна промена во ставот на многу економисти и политичари. Од една страна, тие сега прифатија дека невработеноста – понекогаш со акутни и политички опасни размери – може да произлезе од нормалното функционирање на капиталистичкиот систем, но од друга страна тие го поздравија Кејнс како човекот за кој мислеа дека им покажал како би можело да се постигне целосна вработеност доколку владите ги преземат вистинските мерки. Теориите на Кејнс беа поздравени најмногу од синдикатите и Лабуристичката партија, бидејќи тие изгледаа како да нудат перспектива дека идната лабуристичка влада не мора да биде обземена од „економска бура“, како што се случи со лабуристичката влада која стапи на власт во 1929 година и падна под тежината на два милиони невработени во 1931 година.

Една од последиците на подемот на Кејнс беше секако тоа што интересот на работничката класа за марксистичките теории претрпе нагло опаѓање.

На Кејнс му беше дадена заслугата што ги урна теориите на економистите од 19-ти век, кои учеа дека, доколку се остави сам на себе, капитализмот секогаш и сам по себе ќе тежнее кон целосна вработеност. Она што беше малку забележано е дека поголемиот дел од сферата покриена од него беше детално обработена од Маркс пред 75 години. Кејнс прилично гаеше презир кон Маркс, опишувајќи го Капиталот како „застарен учебник за кој знам дека не само што е научно погрешен, туку и без интерес или примена во современиот свет“ (A Short View of Russia, 1925) и се чини дека никогаш не го ценел тоа дека неговите критики на претходните економисти беа многу слични на оние на Маркс.

Меѓу тие економисти беа Французинот Жан Батист Сеј и англиските економисти Џејмс и Џон Стјуарт Мил и Дејвид Рикардо. Првиот од четирите е запаметен по она што се нарекува „Законот на Сeј“, кој вели дека ако луѓето добиваат пари само за да ги трошат, производството и продажбата секогаш ќе бидат во рамнотежа. Кејнс во својата Општа теорија напиша:

„Законот на Сеј, дека цената на агрегатната побарувачка на аутпутот како целина е еднаква на нејзината агрегатна цена на понудата за сите количини на аутпут, е еквивалентен на предлогот дека нема пречка за целосна вработеност. Меѓутоа, ако ова не е вистинскиот закон што се однесува на функциите на агрегатната побарувачка и понудата, постои витално важно поглавје од економската теорија што останува да се напише и без кое сите дискусии за обемот на агрегатната вработеност се залудни.“

Кејнс исто така го цитираше Џ. Мил, кој, во неговите Принципи на политичката економија, се обиде да покаже дека без разлика колку е зголемено производството, производството секогаш ќе се продава:

„Сите продавачи се неизбежно, и по значењето на зборот купувачи. Ако треба одеднаш да ги удвоиме производните сили на земјата, ќе треба да ја удвоиме понудата на стоки на секој пазар; но треба со истиот потег да ја удвоиме и куповната моќ. Секој би донел двојна побарувачка како и понуда; секој би можел да купи двојно повеќе, бидејќи секој би имал двојно повеќе да понуди во замена.“

Маркс ја видел оваа грешка многу порано. Во неговата книга Прилог кон критиката на политичката економија, објавена во 1859 година, тој истакна дека Сеј всушност го позајмил својот закон од Џејмс Мил. Маркс цитираше пасус од Џејмс Мил каде ја изложува токму истата идеја како онаа позајмена од неговиот син и цитирана од Кејнс. Во Капиталот Маркс напиша:

„Ништо не може да биде подетско од догмата, дека бидејќи секоја продажба е купување и секое купување продажба, затоа циркулацијата на стоките нужно подразбира рамнотежа на продажбата и купувањето.“ (издание на Kerr, стр.127)

Тој покажа дека „никој не мора веднаш да купува, затоа што штотуку продал“; може да има интервал и ако оваа „поделба помеѓу продажбата и купувањето стане премногу изразена“, резултатот е криза.

Кејнс, како Маркс, увиде дека иако капиталистите можат, во време на депресија, да инвестираат за да го зголемат производството, тие нема да го сторат тоа освен ако нема можности за продажба на производите со соодветен профит. Маркс се занимаваше со оваа неподготвеност да се троши за да се зголеми производството, под името „хипер-продукција“; Кејнс го измислил терминот „преференца за ликвидност“, што значи дека капиталистот претпочита во таа ситуација да ги чува своите пари во готовина или нивен еквивалент.

Иако и Маркс и Кејнс ја воочија заблудата на раните економски теории, тие дојдоа до различни заклучоци. Маркс покажа дека, во услови на поттикнување на пазарната конкуренција, капиталистичката индустрија секогаш се стреми да ги намали трошоците на производството со користење на машини за преместување на работната сила или други средства за производство на истиот производ со помалку работна сила, со што се создава невработеност; и дека на капитализмот му е потребна „индустриска резервна армија“ и за да може да ги искористи периодичните можности за проширување на старите индустрии и развој на нови, и за да ги задржи платите на ниво што го прави производството профитабилно. За Маркс периодичните кризи се неизбежни и подеднакво неизбежно е евентуалното закрепнување да помине низ фаза на експанзија, бум, криза и депресија.

Кејнс спореше околу ова. Тој остана на ставот дека владините активности може да се преземат за да се поттикнат инвестициите (или владата да преземе сопствени инвестиции) и да се зголеми потрошувачката, така што закрепнувањето од депресијата може да се забрза и активноста да се одржува на континуирано ниво на повеќе или помалку целосна вработеност.

Се сметаше дека годините на релативно ниска невработеност во Англија и во некои други земји од Втората светска војна ја докажаа валидноста на аргументот на Кејнс. Сепак, ова толкување беше оспорено и не само од марксистите. Професорот Роберт Чарлс Оливер Метјус, на пример, во септември 1968 година во изданието на Economic Journal тврдеше дека главните фактори се побарувачката што произлегува од уништувањето за време на војната и невообичаено продолжениот инвестициски бум, и дека позитивните кејнзијански мерки имале во краен случај многу мал ефект. И кејнзијанците се вознемирени од повторливите кризи и постепеното долгорочно зголемување на невработеноста што започна во шеесеттите.

Поддржувачите на Лабуристичката партија кои ги поврзуваа своите шеми за национализација со кејнзијанските предлози за владина акција за одржување на вработеноста беа особено разочарани. Во Изборната програма на Лабуристичката партија од 1950 година тие објаснија што би направила идната лабуристичка влада:

„Јавната индустрија ќе биде подготвена да ги прошири своите инвестиции кога тоа ќе го бара политиката за вработување. Јавниот сектор, со забрзување на развојот на потребниот капитал, ќе помогне да се одржи вработеноста.“

Но, актите за национализација на лабуристичката влада бараа национализираните индустрии да се менаџираат со профит, како и секоја капиталистичка индустрија, а тоа вклучуваше затворање на непрофитабилните рудници за јаглен и железнички линии.

Кејнзијанците на почетокот не ја признаа силата на анализата на Маркс за потребата на капитализмот да ги задржи платите ниски со цел да се заштити профитот, но со оглед на тоа што во практиката открија дека таа потреба постои, лабуристите го постигнаа она што мислеа дека е замена во форма на ограничување на платите преку контрола на цената на трудот и производите.

Соочени со реалноста на капитализмот, угледот на Кејнс сега е значително намален, додека Маркс сè уште дава неоспорен аргумент да не се губи време – во обид да се спаси капитализмот.


Економија | марксистичка интернет архива