Јан Ангус

Митот за трагедијата на заедничките добра


Извор: "The Myth of the Tragedy of the Commons", Socialist Voice #267, August 24, 2008, pp. 9-14.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2023


Дали споделените ресурси секогаш ќе бидат злоупотребени и прекумерно користени? Дали сопственоста на заедницата над земјиштето, шумите и рибниот фонд е загарантиран пат до еколошка катастрофа? Дали приватизацијата е единствениот начин да се заштити животната средина и да се стави крај на сиромаштијата во Третиот свет? Повеќето економисти и планери на развојот ќе одговорат со „да“ – и за доказ ќе укажат на највлијателната статија некогаш напишана за тие важни прашања.

Од нејзиното објавување во „Сајанс“ во декември 1968 година, „Трагедијата на заедничките добра“ е антологизирана во најмалку 111 книги, што ја прави една од најобјавуваните статии некогаш објавени во кое било научно списание. Таа е исто така една од најцитираните: неодамнешното пребарување на „Гугл“ најде „околу 302.000“ резултати за изразот „трагедија на заедничките добра“.

Според зборовите од еден документ за дискусија на Светска банка, таа веќе 40 години е „доминантната парадигма во рамките на која општествените научници ги проценуваат прашањата околу природните ресурси“ (Bromley и Cernea 1989: 6). Таа одново и одново се користеше за да го оправда крадењето на земјиштето на домородните народи, приватизацијата на здравствената заштита и другите социјални услуги, давањето на корпорациите „купопродажни дозволи“ за да ги загадуваат воздухот и водата и многу повеќе.

Бележитиот антрополог, д-р Г.Н. Апел (1995: 34-5) пишува дека написот „е прифатен како свет текст од научниците и професионалците во практиката на дизајнирање иднина за другите и наметнување на сопствената економска и еколошка рационалност врз другите општествени системи за кои имаат нецелосно разбирање и знаење“.

Како и повеќето свети текстови, „Трагедијата на заедничките добра“ почесто се цитира отколку што се чита. Како што ќе видиме, иако неговиот наслов звучи авторитативно и научно, тој далеку заостанува зад науката.

Герет Хардин создава мит

Автор на „Трагедијата на заедничките добра“ е Герет Хардин, професор на Универзитетот во Калифорнија, кој дотогаш најмногу беше познат како автор на учебник по биологија што се залагаше за „контрола на размножувањето“ на „генетски манливите“ луѓе (Хардин 1966: 707). Во својот есеј од 1968 година тој тврди дека заедниците кои споделуваат ресурси неизбежно го отвораат патот кон сопственото уништување; наместо богатство за сите, настапува богатство за никого.

Тој ја заснова својата аргументација на една приказна за заедничките добра во рурална Англија.

(Терминот „заеднички добра“ [commons] се користел во Англија за да се упати на заедничките пасишта, полиња, шуми, системи за наводнување и други ресурси кои ги имало во многу рурални области до длабоко во 19 век. Слични комунални земјоделски аранжмани постоеле во поголемиот дел од Европа, а тие сè уште постојат и денес во различни облици ширум светот, особено во домородните заедници.)

„Замислете пасиште што е отворено за сите“, напиша Хардин. Сточарот кој сака да го прошири своето лично стадо ќе пресмета дека трошоците за дополнително пасење (намалена храна за сите животни, брзо исцрпување на почвата) ќе се поделат меѓу сите, но тој самиот ќе ја добие користа од тоа што ќе има повеќе добиток за продажба.

Неизбежно, „рационалниот сточар заклучува дека единствениот разумен пат што треба да го следи е да додаде уште едно животно на своето стадо“. Но, секој „рационален сточар“ ќе го направи истото, па така заедничките добра набрзо се преполнуваат и се напасуваат до тој степен што воопшто не може да издржуваат животни.

Хардин го употребил зборот „трагедија“ како Аристотел, за да упатува на драматичен исход што е неизбежен, но непланиран резултат од постапките на ликот. Тој го нарече трагедија уништувањето на заедничките добра преку прекумерна употреба не затоа што е тажно, туку затоа што е неизбежен резултат на заедничкото користење на пасиштето. „Слободата кај заедничките добра им носи пропаст на сите“.

Каде е доказот?

Имајќи го предвид подоцнежното влијание на есејот на Хардин, шокантно е да се сфати дека тој воопшто не понуди никаков доказ за да ги поткрепи своите далекусежни заклучоци. Тој тврдеше дека „трагедијата“ е неизбежна – но не покажа дека се случила ниту барем еднаш.

Хардин едноставно го игнорираше она што всушност се случува при управувањето со едно реално заедничко добро: саморегулација од страна на вклучените заедници. Уште пред многу години Фридрих Енгелс опишал еден таков процес во својот труд за „марката“, обликот што го имале заедниците втемелени на заеднички добра во делови од предкапиталистичка Германија:

„Употребата на обработливото земјиште и ливадите била под надзор и раководство на заедницата... Онака како што уделот на секој член во одреден дел од марката што бил распределен бил со еднаков обем, така бил и неговиот удел во користењето на ‘заедничката марка’. Природата на оваа употреба се одредувала од членовите на заедницата како целина...

„Во одредено време и, доколку било потребно, почесто, тие се состанувале на отворено за да разговараат за работите на марката и да одлучуваат за прекршувањето на прописите и за споровите во врска со марката.“ (Engels 1892)

Историчарите и другите научници нашироко го потврдија описот на Енгелс за заедничкото управување со споделените ресурси. Резимето на едно неодамнешно истражување заклучува:

„Она што постоеше всушност не беше ‘трагедија на заедничките добра’, туку триумф: дека со стотици години – а можеби и илјадници, иако не постојат пишани записи за да се докаже подолгата ера – со земјата успешно управувале заедниците.“ (Cox 1985: 60)

Дел од тој процес на саморегулирање во Англија бил познат како „ограничување“ [stinting] – воспоставување ограничувања за бројот на крави, свињи, овци и друг добиток што секој заедничар може да го пасе на заедничкото пасиште. Ваквите „ограничувања“ го штителе земјиштето од прекумерна употреба (концепт што искусните земјоделци го разбрале долго време пред да пристигне Хардин) и ѝ дозволувале на заедницата да распределува ресурси според сопствените концепти за правичност.

Единствените значајни случаи на пренатрупување со добиток што ги пронашол водечкиот модерен експерт за англиските заеднички добра ги вклучувале богатите земјопоседници кои намерно ставале премногу животни на пасиштето со цел да ја ослабат позицијата на нивните многу посиромашни соседи во споровите околу заградувањето (приватизацијата) на заедничките земји (Neeson 1993: 156).

Хардин претпоставуваше дека селаните земјоделци не се во состојба да го променат своето однесување во услови на сигурна катастрофа. Но, во реалниот свет, малите земјоделци, рибарите и останатите создале свои институции и правила за да се зачуваат ресурсите и да се осигури дека заедницата на заедничките добра ќе преживее во текот на добрите и лошите години.

Зошто сточарот сака повеќе?

Аргументот на Хардин започнува со недокажаното тврдење дека сточарите секогаш сакаат да ги прошират своите стада: „За очекување е дека секој сточар ќе се обиде да држи што е можно повеќе говеда на заедничкиот имот... Како рационално суштество, секој сточар се обидува да ја максимизира својата добивка.“

Накратко, заклучокот на Хардин беше предодреден од неговите претпоставки. „За очекување е“ секој сточар да се обиде да ја максимизира големината на своето стадо – и секој го прави токму тоа. Тоа е кружен аргумент што не докажува ништо.

Хардин претпоставуваше дека човечката природа е себична и непроменлива и дека општеството е само збир на поединци што си го гледаат личниот интерес и на кои не им е грижа за влијанието на нивните постапки врз заедницата. Истата идеја, експлицитно или имплицитно, е основна компонента на мејнстрим (т.е. прокапиталистичката) економска теорија.

Сите докази (а да не зборуваме за здравиот разум) покажуваат дека тоа е апсурдно: луѓето се општествени суштества, а општеството е многу повеќе од аритметичкиот збир на неговите членови. Дури и капиталистичкото општество, што го наградува најнесоцијалното однесување, не ја скрши човечката соработка и солидарност. Самиот факт дека со векови „рационалните овчари“ прекумерно не ги напасувале заедничките добра, ги побива најосновните претпоставки на Хардин – но тоа не го спречи него или неговите ученици да подигаат замоци од политики врз темели од песок.

Дури и ако сточарот сакал да се однесува како што опиша Хардин, тој не можел да го направи тоа освен ако не постоеле одредени услови.

Би морало да има пазар за добитокот, а тој би морал да биде насочен кон производство за тој пазар, а не за локална потрошувачка. Тој би морал да има доволно капитал за да купи дополнителен добиток и сточна храна што би им била потребна во зима. Тој би морал да биде во можност да ангажира работници за да се грижат за поголемото стадо, да изградат поголеми штали итн. А неговата желба за профит би морал да натежнува над неговиот интерес за долгорочен опстанок на неговата заедница.

Накратко, Хардин не го опиша однесувањето на сточарите во предкапиталистичките земјоделски заедници – тој го опиша однесувањето на капиталистите кои функционираат во капиталистичка економија. Универзалната човечка природа за која тој тврдеше дека секогаш ќе ги уништува заедничките ресурси е всушност профитно-ориентираното однесување од типот „расти или умри“ на корпорациите.

Дали приватната сопственост е подобра?

Тоа нè води до уште една фатална маана кај аргументацијата на Хардин: покрај тоа што не обезбеди докази дека одржувањето на заедничките добра неизбежно ќе ја уништи животната средина, тој не понуди никакво оправдување за своето мислење дека приватизацијата ќе ја спаси. Уште еднаш тој едноставно ги претстави своите предрасуди како факт:

„Мора да признаеме дека нашиот правен систем на приватна сопственост плус наследство е неправеден – но го трпиме тоа затоа што во моментов не сме убедени дека некој измислил подобар систем. Алтернативата на заедничките добра е премногу ужасна за да се размислува околу неа. Неправдата е подобра од целосна пропаст.“

Импликацијата е дека приватните сопственици подобро ќе се грижат за животната средина, бидејќи сакаат да ја зачуваат вредноста на нивниот имот. Во реалноста, научниците и активистите документираа безброј случаи во кои поделбата и приватизацијата на земјиштето што било заеднички управувано имало катастрофални резултати. Приватизацијата на заедничките добра постојано доведуваше до обесшумување, ерозија и исцрпување на почвата, прекумерна употреба на ѓубрива и пестициди и уништување на екосистемите.

Како што напиша Карл Маркс, природата бара долги циклуси на раѓање, развој и обнова, но капитализмот бара краткорочен повраток на средствата.

„Целиот дух на капиталистичкото производство, што е ориентиран кон најнепосредниот паричен профит, е во противречност со земјоделството, што треба да се интересира за целиот опсег на постојани услови за живот што ги бара синџирот на човечки генерации. Впечатлива илустрација за тоа даваат шумите, со кои ретко се управува на начин што повеќе или помалку одговара на интересите на општеството како целина...“ (Marx 1998: 611n)

Спротивно на тврдењата на Хардин, заедницата која ги дели полињата и шумите има силен поттик да ги заштити најдобро што може, дури и ако тоа значи да не го максимизира тековното производство, бидејќи тие ресурси ќе бидат од суштинско значење за опстанокот на заедницата во наредните векови. Капиталистичките сопственици имаат спротивен поттик, бидејќи нема да преживеат во бизнисот ако не го максимизираат краткорочниот профит. Ако етанолот ветува поголем и побрз профит од вековните дождовни шуми, дрвјата ќе паднат.

Оваа фокусираност на краткорочната добивка достигна точка на ужасен апсурд во неодамнешните бестселери на Бјорн Ломборг, Вилијам Нордхаус и други, кои тврдат дека е ирационално да се трошат пари за да се запрат емисиите на стакленички гасови денес, бидејќи исплатата е премногу далеку во иднината. Други инвестиции, кажуваат тие, ќе донесат многу подобар поврат на средствата, побрзо.

Управувањето од страна на заедницата не е непогрешлив начин за заштита на споделените ресурси: некои заедници лошо управувале со заедничките ресурси, а некои заеднички добра можеби биле прекумерно искористувани до исчезнување. Но, ниту една заедница заснована на заеднички добра го нема вградениот стремеж на капитализмот да го стави сегашниот профит пред добробитта на идните генерации.

Политички корисен мит

Навистина ужасната работа кај „Трагедијата на заедничките добра“ не е нејзиниот недостаток на докази или логика – лошо истражените и неаргументирани статии не се непознати во академските списанија. Она што е шокантно е фактот дека ова парче реакционерна бесмислица е поздравено како брилијантна анализа на причините за човечкото страдање и уништувањето на животната средина и е усвоено како основа за социјалната политика од наводните експерти, почнувајќи од економисти и екологисти до влади и агенции на Обединетите нации.

И покрај тоа што е побивано одново и одново, тоа сè уште се користи денес за поддршка на приватната сопственост и неконтролираните пазари како сигурни патишта до економскиот раст.

Успехот на аргументацијата на Хардин ја одразува нејзината корисност како псевдонаучно објаснување за глобалната сиромаштија и нееднаквост, објаснување што не го доведува во прашање доминантниот општествен и политички поредок. Тоа ги потврдува предрасудите на властодршците: логичките и фактичките грешки не се ништо во споредба со многу привлечните (за богатите) тврдења дека сиромашните се одговорни за сопствената сиромаштија. Фактот што аргументацијата на Хардин ги обвинува сиромашните за еколошко уништување е бонус.

Есејот на Хардин нашироко се користи како идеолошки одговор на антиимперијалистичките движења во Третиот свет и незадоволството меѓу домородните и другите угнетени народи насекаде во светот.

Басната на Хардин беше преземена од нагомилувачките сили на неолибералната реакција во 1970-тите, а неговиот есеј стана „научна“ основа за политиките на Светска банка и ММФ во насока на заградување на заедничките добра и приватизација на јавната сопственост... Пораката е јасна: никогаш не смееме да ја третираме Земјата како „заедничка ризница“. Мора да бидеме немилосрдни и алчни или во спротивно ќе исчезнеме. (Boal 2007)

Во Канада, конзервативните лобисти ги користат аргументите произлезени од политичкиот трактат на Хардин за да ја објаснат сиромаштијата во резерватите на Првите нации и да се залагаат за понатамошно расклопување на домородните заедници. Една студија објавена од влијателниот Институт Фрејзер бара приватизација на резерватското земјиште:

„Овие големи количества земјиште, со нивните придружни природни ресурси, никогаш нема да ја дадат својата максимална корист за домородните луѓе на Канада сè додека се чуваат како колективна сопственост што е предмет на политичко управување... Колективната сопственост е патот на сиромаштијата, а приватната сопственост е патот на просперитетот.“ (Fraser 2002: 16-17)

Ова не е само десничарско позерство. Канадската сојузна влада, која одби да ја потпише Декларацијата на Обединетите нации за правата на домородните народи, во 2007 година објави дека ќе „развие пристапи за поддршка на развојот на индивидуалната сопственост на резерватите“ и создаде фонд од 300 милиони долари за да го стори токму тоа.

Во светот на Хардин, сиромаштијата нема никаква врска со вековите расизам, колонијализам и експлоатација: сиромаштијата е неизбежна и природна во сите времиња и места, производ на непроменливата човечка природа. Сиромашните сами си се доведуваат до тоа така што имаат премногу бебиња и што се држат до самоуништувачкиот колективизам.

Трагедијата на заедничките добра е корисен политички мит – начин што звучи научно да се каже дека нема алтернатива за доминантниот светски поредок.

Ослободен од вишок глаголи, есејот на Хардин тврди, без докази, дека луѓето се беспомошни затвореници на биологијата и на пазарот. Освен ако не бидеме зауздани, неизбежно ќе ги уништиме нашите заедници и животната средина за неколку пари дополнителен профит. Ништо не можеме да направиме за да го направиме светот подобар или поправеден.

Во 1844 година, Фридрих Енгелс опишал еден сличен аргумент како „одвратна бласфемија против природата и човештвото“. Тие зборови со полна сила се однесуваат на митот за трагедијата на заедничките добра.

Цитирани дела

Appell, G. N. 1993. “Hardin’s Myth of the Commons: The Tragedy of Conceptual Confusions.”
Boal, Iain. 2007. “Interview: Specters of Malthus: Scarcity, Poverty, Apocalypse.” CounterPunch, September 11, 2007.
Bromley, Daniel W. and Cernea Michael M. 1989. “The Management of Common Property Natural Resources: Some Conceptual and Operational Fallacies.” World Bank Discussion Paper.
Cox, Susan Jane Buck. 1985. “No Tragedy on the Commons.” Environmental Ethics 7.
Engels, Friedrich. 1892. “The Mark.”
Engels, Friedrich. 1844. Outlines of a Critique of Political Economy.
Fraser Institute. 2002. Individual Property Rights on Canadian Indian Reserves.
Hardin, Garrett. 1966. Biology: Its Principles and Implications. Second edition. San Francisco. W.H. Freeman & Co.
Hardin, Garrett. 1968. “The Tragedy of the Commons.”
Marx, Karl. [1867] 1998. Marx Engels Collected Works Vol. 37 (Capital, Vol. 3). New York: International Publishers.
Neeson, J.M. 1993. Commoners: Common Right, Enclosure and Social Change in England, 1700-1820. Cambridge University Press.

 


Тематска архива за економија

Тематска архива за капитализмот, природата и климатската правда

марксистичка интернет архива